Студентските домови должат 5 милиони евра

Состојбите во студентските и ученичките домови беа главната тема на дискусија на средбата меѓу министерката за образование и наука Рената Дескоска и Дарио Николовски, директорот на Државниот студентски дом „Скопје“ – Скопје, и со претставници на студентските и ученичките домови во Република Македонија.

Се разговарало за подобрување на исхраната и условите во студентските домовите, но и за планот за намалување  и санирање на долговите со кои се соочуваат и кои во овој момент изнесуваат околу 5 милиони евра.

Министерката Дескоска ги задолжи присутните да изготват детална анализа со точно лоцирање на проблемите со кои се соочуваат студентските и ученичките домови, која ќе содржи и предлози за подобрување и подигнување на квалитетот на живот на студентите и на учениците.

„Воедно, министерката Дескоска на средбата ги предочи претстојните измени и дополнувања на Законот за студентскиот стандард и Законот за ученичкиот стандард, со кои се очекува да се подобри квалитетот на живот, а во кој е уредено сместувањето на студентите и учениците, исхраната, школарината и стипендиите, како и задоволување на работните, културните, информативните и спортско-рекреативните потреби на студентите и учениците“, информираат од министерството.