„Студентскиот и ученичкиот стандард ни се врвен приоритет“, вели Царовска по состанок со претставници на младите

Унапредувањето на младинските политики во делот на образованието биле главен фокус на онлајн состанокот кој денеска го имаа Министерката за образование и наука Мила Царовска со работната група МЛАДИ-МОН, во која учествуваат претставници на младинските организации, Универзитетско студентско собрание и Сојузот на средношколци.

Главни теми на дискусијата биле потребата од измените во системот на стипендирање на студентите, нешто на што од Министерството за образование и наука (МОН) велат дека веќе се работи, како и за начините и можностите за ученичкото организирање, можноста за реализација на општо-корисна работа, како и за воспоставување на служби за бесплатна психолошка помош на високообразовните установи.

„Секогаш  постои простор за подобрување и добра е идејата новите предлози кои ќе се изработат заедно со студентите, да влезат во новиот Закон за младински стандард. Како министерство за првпат овозможивме целосно електронско аплицирање за стипендии, а работиме и  на навремено месечно исплаќање на стипендиите“, рече Царовска.

Министерката истакнала дека Министерството за образование и наука целосно ја поддржува идејата за ученичко организирање и истото веќе е уредено во Законот за основно образование.

Од МОН информираат дека Бирото за развој на образованието веќе извесно време работи на оваа тематика и во јануари 2020 изготвен е Водич за ученичко учество, ученичко организирање и заштита на детските права во основните училишта. Ваков документ треба да биде развиен и за средното образование со поддршка и консултација со средношколците, додаваат од МОН.