Студентски пракси за дигитални вештини во рамки на програмата Еразмус +

Европската комисија разви нова програма за напредни дигитални вештини со меѓугранични обуки за студенти од сите дисциплини. Програмата е отворена за студенти и претпријатија од Македонија.

Ова нуди можност за сите млади да добијат искуство во дигиталната сфера, поточно во делот на анализа на податоци, сајбербезбедност, но и многу други теми. Иницијативата се спроведува во рамки на Еразмус + програмата.

Високообразовните институции носители на Еразмус универзитетски повелби (Еразмус чартер) ќе бидат клучен актер во овој процес, информираат од Министерството за информатичко општество и администрација.

„Со таа цел, а во координација со Европската комисија и еврокомесарката за дигитална економија и општество Мариа Габриел, Владата на Република Македонија, Министерството за информатичко општество и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, ги повикуваат сите заинтересирани високообразовни инститиуции да се пријават на повикот, да се приклучат на иницијативата и да воспостават партнерство со европските држави (програмските држави), но и со државите од Западен Балкан (партнерските држави). Сите иницијативи треба да се објават на платформата www.ErasmusIntern.org со назнака „Digital Opportunity Traineeship“, стои во соопштението на Министерството.

Повеќе информации за програмата може да се најдат на следниот ЛИНК.