Студентски избори: Гласање на Факултетите за музичко и физичко

Студентските избори на УКИМ денеска продолжија на два факултети, Факултет за физичко образование и Факултетот за музичка уметност.

Според изјавите на изборната комисија, на Факултет за физичко до 1 часот повеќе од половина студенти излегле да гласаат.

„Се е под контрола нема никаков инцидент, излезеноста до сега е околу 50 – 60%“, кусо изјави претседателот на комисијата проф. Милан Наумовски.

Радио МОФ направи кратка анкета со неколкуте студенти кои ги затекнавме на кампусот на факултетот. Коментираат дека владее неинформираност во поглед на изборите.

„Појма немам дека се случуваат избори“, гласеше одговорот на еден од студентите.

Негова колешка, која настојуваше да остане анонимна како и својот колега, изјави дека воопшто не ги знае студентите кои се кандидирани за претставници и не планира да гласа.

На Факултетот за музичка уметност, позитивни и насмеани, многу од студентите излегоа да гласаат.

Дел од студентите кои што гласаа за Радио МОФ велат дека не очекуваат некакви промени, но имаше и такви кои веруваат дека Факултетското собрание ќе направи навистина да се слушне нивниот глас.

„Во врска со Собранието јас мислам дека ако се одбере добар кадар на раководство, луѓе кои ќе се занимаваат со ситуацијата на факултетот, би можеле да очекуваме многу позитивни работи во иднина”, вели студентка од ФМУ.

„Гласањето тече во најдобар ред, од четврта година до моментов  гласале 18 студенти, од трета 16 студенти, од втора година 6, и од прва 9. До сега немаше никакви проблеми, никој не беше спречен да гласа, студентите гласаат процедурално со индекс и студентска легитимација” изјави професорката и член на изборната комисија Сара Пројковска, за првата половина од гласањето.

Изборите на Факултетот за физичко образование траеја од 9-16 часот, на ФМУ пак започнаа во 12:00, а завршија во 15:00. Од ФМУ велат дека на денешните избори се гласаа само претставници во Собранието, додека избори за Претседател на Собранието најавија дека ќе бидат распишани подоцна, бидејќи немало пријавен кандитат.

По денешните, утре следуваат и изборите на Правен, ФЕИТ, ФДУ, Факултетот за ветеринарна медицина, на Фармација и Факултетот за дизајн на мебел и ентериери.

Георги Божиновски и Александра Субашиќ