„Студентска музичка пролет“ ќе се одржува од 3 до 12 април

„Студентска музичка пролет“ е интердисциплинарен проект кој има за цел да го промовира интердициплинарниот пристап во уметноста и академските истражувања и да го доближи до студентите. Во фокусот на проектот е музичката уметност и нејзините врски со другите уметности и општеството.

Според најавите, втората „Студентска музичка пролет“ ќе се одржува од 3 до 12 април, а се стреми да го збогати културниот живот на студентите и да придонесе за нивен критички светоглед во однос на културата, уметноста и општеството преку концерти, рецитали, гостински предавања, студентски дебати и трибини.

„Програмата на манифестацијата вклучува докажани уметници, културни работници и професори од земјата и странство кои можат да го доближат своето творештво до студентската публика. Покрај ова, млади уметници и автори имаат можност да го претстават пред своите врсници она што го создаваат“, стои во најавата за манифестацијата.

Прв најавен настан за 4 април од 12 часот на „Американ Колеџ“ е „Марсел Пруст и сексуалните музички тела“ – предавање на на д-р Аксел Енглунд, професор по книжевност на Катедрата по култура и естетика на Универзитетот во Стокхолм. Негова специјалност и истражувачки фокус се интердисциплинарните истражувања во областа на литературата и музиката.