Студенти од „Гоце Делчев“ се жалат дека три дена се без топла вода

Студенти од Студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје се жалат дека веќе трет ден немаат топла вода. Тие велат дека немаат никакви информации од управата кога проблемот ќе биде решен.

„Топлата вода за нас студентите сместени во „реновираниот“ дом претставува луксуз. Во разговор со мајсторите во домот, бидејки управникот не смее да зборува исплашен од својата позиција, разбравме дека се работи за дефект од 800 денари (да, 800 денари) кои студентскиот нема да ги плати и заради тоа студентите веќе трет ден се оставени на цедило“, не информираше жител на Студентскиот дом „Гоце Делчев“, кој сакаше да остане анонимен.

За проблемот се обративме до Државниот студентски центар од каде, до објавување на текстот, уште не добивме одговор за каков дефект станува збор и кога студентите од „Гоце Делчев“ ќе добијат топла вода.

Сличен проблем претходниве денови имаа и студентите од Студентскиот дом „Кузман“, каде поради дефект на пумпата на мазут и дизните имаше прекин на доставата на топла вода и парното греење. Кон крајот на октомври студентите од една од зградите на Домот „Стив Наумов“ излегоа на протест бидејќи две недели биле оставени без топла вода и парно греење.