Студентите на УГД ќе следат хибридна настава

Од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип информираат дека ќе донесат одлуки за спроведување на хибриден систем на едукација за наредниот семестар, во согласност со ситуацијата со КОВИД-19.

„Се следат информациите што доаѓаат од одговорните органи. Сите препораки што ќе дојдат во наредниот период ќе бидат земени во предвид“, велат од универзитетот.

Па така, теоретската настава, односно предавањата, индивидуалната настава и други облици специфични за наставно – научната и уметничката област, ќе се спроведуваат онлајн. Практичната настава (вежбите, лабораториски, клинички) ќе се одвиваат комбинирано, односно онлајн и со физичко присуство во согласност со здравствените препораки и моменталната ситуација.

„Секако, ова ќе зависи и од спецификата на наставната дисциплина и бројот на студентите“, појаснуваат од УГД за Радио МОФ.

Испитите, колоквиумите и другите форми на проверка на знаењето ќе се одржуваат по одлука на факултетите, надополнуваат од универзитетот.

Универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и „Климент Охридски“ во Битола одлучија овој семестар да им остават на факултетите сами да бираат како ќе продолжат со академската година – онлајн, со физичко присуство, или пак комбинирано.

Дел од факултетите сами ќе одлучуваат како ќе продолжат предавањата

Емилија Петреска