Студентите на Машински креираат свои производи на новата смарт станица

Студентот смислува свој производ. Потоа прави упатство за монтирање на производот и тоа упатство треба да го програмира во т.н. работна смарт станицата „пока јоке“. Кога ќе заврши со програмирањето, самиот уред му кажува дали треба да земе подлога, плочка, навртка, завртка или налепница, за да може да го измонтира тоа што го замислил. Сето ова, го овозможува новиот дигитален уред кој го има во просториите на Машинскиот факултет, а кој можат од неодамна да го користат студентите и луѓе од компании од областа на машинството, пишува Мета.мк.

За разлика од рачната монтажа на деловите, каде што може да се згреши и да се потроши повеќе време за монтирање, оваа монтажна станица овозможува заштеда на време и речиси нула проценти можност за грешка.

За тоа, што значи да се работи на ваква опрема како и за она што треба допрва да стаса како уред на факултетот за потребите на студентите, од Мета.мк разговараа со Бојан Јованоски, вонреден професор на Машински фалултет – Скопје.

За каква опрема станува збор и како и за што студентите можат да ја користат?

Станува збор за еден концепт којшто е нов овде, станува збор за концептот Фабрика за учење, а тоа е место каде студентите и индустријата ќе можат да се запознаат со нови технологии и нови работи кои ние како академска заеднца ги следиме и заедно со нашите партнери од Европа работиме на нив и пробуваме да ги донесеме во Македонија. Ова што го гледате тука е една од тие станици, претставува еден сегмент од повеќе модули, смарт пока јоке станица. На јапонски тоа значи елиминирање на грешка, односно превенција на грешка. Со помош на овој уред можеме да го дизајнираме системот, со цел да не се случи грешка воопшто. И некои испитувања што ги правевме, покажаа дека нема никакви грешки при монтирањето на еден прозвод на ваква станица. На оние студенти кои работеа без никава поддршка, односно рачно, им беше потребно повеќе време за правење на производот и имаа грешки.

Што конкретно може да се работи на опремата која сега ја имате?

Конкретно на оваа станица во моментов сме лимититани само на монтажа, но токму за таа цел е и набавена. Понатаму ќе стасаат и други модули како транспортер, потоа 2Д камера која ќе може да детектира различни бои и геометрии и позиција на самите производи како се движат на транспортната лента, а понатаму ќе имаме и робот со кој ќе можеме да ги транспортираме, да ги пренесуваме производите на различни места. Станува збор за модуларни елементи кои денес се поставуваат во еден распоред, а утре по потреба за различен експеримент, може да се постават во различен редослед. Така се прават различни сценарија и експерименти. Со само еден модул нам ни се отворија огромен број идеи. Морам да кажам дека добивме уште еден проект финансисран од УКИМ и заедно со колеги од индустриски дизајн и мехатроника веќе оваа станица планираме да ја надградиме, со вградување сензори и систем за аугментирана реалност.

Дали и како може оваа опрема да најде примена во индустријата?

Проектот го работевме заедно со колегите од Техничкиот факултет од Виена. Но, за да ја истакнеме примената на оваа фабрика за учење во Македонија, во проектот вклучивме неколку фирми, кои беа фокус групата која иницираше какви теми да работиме во овој проект. Покрај овој модул, во рамки на проектот развивме и модул за учење со материјал кој е токму на тема Lean manufacturing 4.0, и овој модул ќе се нуди на европски портал за учење. Сите заинтересирани за тој модул, можат да видат кои се материјалите таму. Идејата е да соработуваме со индустријата. Без разлика на нивната претходна едукација, идејата е да има наобразба со нови знаења и вештини.

Извор: Мета.мк