Студентите на ФБЕ без настава, Управата вели студиите ќе продолжат, а МОН бара одземање на дозволата за работа

На Факултетот за бизнис економија (ФБЕ) од октомври 2022 година не било одржано ниту едно предавање. Не се одржала ниту септемвриската сесија, а не се одржува ниту зимската испитна сесија. Од почетокот на академската година нема ниту еден вработен професор кој би можел да реализира предавање или сесија.

Ова го потврдува Марија Михајловска, студентка на отсекот финансии при овој факултет на која ѝ остануваат уште два испита до дипломирање. Таа за Радио МОФ објаснува дека веќе пола година никој не се ангажира за проблемот што како што вели, го имаат студентите на овој факултет.

Тие како студенти, колку што им дозволува нивната позиција презеле чекори за да алармираат за ситуацијата во која се најде Факултетот и за да поттикнат некакво решение, но како што вели студентката институциите немале слух за нивните барања.

„Преземавме е многу дејствија, активно работевме на изнаоѓање на решенија за нашиот проблем, но поради големата институционална корумпираност, и не работа и незаинтересираност на институциите не успеавме во нашите цели. Постојано вршевме притисок на факултетот и ги баравме нашите права, а како повратен одговор добивавме лаги и празни ветувања. Се обративме до институциите преку вас медиумите со цел да имаат слух, но за жал нема“, вели Михајловска како претставничка на студентите.

Студентите од овој факултет на 20 октомври минатата година излегоа на мирен протест пред Трудовиот инспекторат кај Општина Центар од каде побараа да се провери работата на факултетот алармирајќи дека Факултетот не работи од почетокот од академската година. Иако Просветниот инспекторат утврди неправилности за работењето на Факултетот, студентите не се задоволни од нивниот одговор.

Протестот пред Трудовиот инспекторат во октомври / фото: Радио МОФ

„Добивме катастрофални записници од инспекцискиот надзор кој беше извршен од просветниот инспекторат, којшто беше без решение само со констатирана состојба. Исто така реагиравме до Агенцијата за квалитет на високото образование и баравме активирање на банкарската гаранција. Се обративме писмено до министерот Јетон Шаќири баравме средба која што нормално не ја добивме. Па самоиницијативно бевме во МОН каде што се сретнавме со некој од вработените во секторот за високо образование коишто не знаат како да го решат проблемот и од таму добивме празни ветувања. Веќе точно пола година никој не се ангажира за решавање на нашиот проблем. Институциите не работат“, револтирана е студентката.

Од друга страна, Вулнет Вишко, кој е член на Управниот одбор на Фондација „Ново образование за бизнис“ што е сопственик на ФБЕ ни изјави дека предавања и испитна сесија сепак ќе се одржат.

„Зимска испитна сесија треба да има и ќе има. Факултетот планира да го реализира пропуштеното со новиот Наставнички совет“, забележа тој.

Истовремено одговорот од Вишко се коси со одговорот кој го добивме од Министерството за образование и наука (МОН) од каде велат дека поднеле предлог-иницијатива за да се одземе правото за работа на Факултетот.

„Министерството за образование и наука согласно член 84 став (1) од Законот за високо образование до Одборот за акредитација при Агенцијата за квалитет во високото образование (АКВО), согласно надлежноста утврдена во членот 84 став (2) од наведениот Закон, поднесе предлог-иницијатива за поведување постапка за одземање на правото за вршење на високообразовна дејност на приватната високообразовната установа – Висока стручна школа Факултет за бизнис економија Скопје. Откако ќе добиеме повратен одговор од страна на АКВО, соодветно по истиот ќе биде постапено“, гласи одговорот.

Фото: Радио МОФ

Студентите се на иста линија со одлуката на МОН да поведе ваква постапка до Агенцијата.

„Нашите барања се многу едноставни и јасни. Сакаме да си ги земеме дипломите, си ги сакаме парите назад, како што кажав законски продолжување со работа на ФБЕ е невозможна. Законско решение е да се одземе акредитацијата, да се активира банкарската гаранција. МОН да најде сродна програма и да ни направи трансфер на друг факултет каде што ќе ја има нашата програма и да не бидеме во ситуација од 2 испита до дипломирање да имаме 15 нови и од 4 година да не враќаат во втора година“, посочува Михајловска.

Имено, како што анонимно ни изјавија и други студенти на Факултетот доколку некој сака да направи трансфер на друг факултет, независно дали е студент во втора или четврта година, на сите други сродни факултети им барале да преполагаат по најмалку 15 испити.

Вулнет Вишко не ни одговори на прашањето колку студенти има моментално на Факултетот, а студентката Михајловска рече дека иако нема увид во тоа, според неа многу од нив веќе се префрлиле на друг факултет.

„Голем дел од студентите направија трансфер. Останавме само тие што сме со дипломска и со 1,2,3 или 4 испита до дипломирање затоа што ние немаме каде да одиме. Затоа најубаво би било МОН да го реши проблемот и да ни овозможи да си завршиме по истата програма. Според Законот за високо образование во права и обврски на студентот стои дека основно право на студентот е да заврши по истата студиска програма која што ја запишал . И трошоците за трансферот на другиот факултет да бидат надоместени од банкараската гаранција. “, децидна е таа.

Михајловска е разочарана од образовниот систем во државава и вели дека нема никакви параметри и стандарди во високото образование.

„Ниту бираме како ги даваме акредитациите ниту кој основачи ќе се јаваат како основачи на високо образовни установи, ниту се даваат акредитациите на сродни факултети каде што ќе имаат студентите каде да продолжат во случај на пропаѓање на факултет, ниту пак во оваа држава се води сметка за младите луѓе. Имаме страшен кадар во државните институции којшто за жал не го ни знаат Законот, ни пак си ја знаат работата“, вели таа.

На другата страна, Вишко вели дека Факултетот има голем мотив и обврска за создавање на здрава околина на Факултетот каде студентите ќе може да ја завршат академската 2022/23 година.

Ангела Бошкоска