Студентите и вработените на Институтот за хемија утре на протест

Студентите и вработените на Институтот за хемија утре (22 октомври) ќе ја прекинат наставата и ќе излезат на протест за да го изразат незадоволството од условите за работа и студирање. Тие велат дека условите во последните 10 години станале сè полоши и го доведуваат во прашање нормалното реализирање на високообразовната и научноистражувачката дејност на Институтот.

Протестот ќе започне во 11 часот пред зградата на Институтот за хемија (долна зграда на Природно-математичкиот факултет).

Студентите и вработените ќе ги упатат следните барања до надлежните: да бидат итно одобрени барањата за вработување на млади и да се ублажи како што велат катастрофалната состојба со подмладок на Институтот за хемија. Во буџетот за следната година да бидат предвидени средства за реновирање и опремување на студентските лаборатории, како и средства за реновирање на зградата на Институтот. Покрај ова, во буџетот да се предвидат средства за финансирање на научноистражувачки проекти во кои, покрај средства за работа во лабораторија, ќе биде вклучена и поддршка за млади истражувачи (школарина и стипендија за магистранти и докторанти).

„Институтот за хемија се гордее со своето реноме на врвна високообразовна и научноистражувачка институција што е потврдено со сите параметри за оценка на овие достигнувања, но тоа веќе е неодржливо заради немање неопходни човечки и материјални услови за реализација на наставата и на научните истражувања“, велат од Институтот.

Вработените и студентите бараат студирањето хемија и научните истражувања да бидат на ниво споредливо со светските универзитети, а квалитетното образование и наука да бидат врвен приоритет на државата без оглед на политичката состојба и гарнитура на власт.