Студентите да пријават ако немаат онлајн настава, повикаа студентските претставници на УКИМ

Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ ги повика студентите да пријават случаи во кои не се реализира онлајн настава. Оттаму најавија дека периодов ќе го набљудуваат процесот и ќе помогнат да се подобри.

„Сметаме дека спроведувањето на видеоконференциските предавања, таму каде што природата на предметот го дозволува тоа, мора да стане обврска за сите професори и асистенти. Предавањата се есенцијален елемент во студирањето и како таков не смее да биде заменет со комуникација на email, преку испраќање материјали за наставата“, стои во повикот.

Од студеднтите се бара да пополнат онлајн образец во кој ќе испратат информации за тоа кои професори, по кои предмети и поради кои причини не ги реализираат предавањата преку видеоконференциски платформи.

„Комисијата за настава при УСС-УКИМ ќе ги разгледа овие пријави и ќе отпочне соодветна постапка во повеќе чекори чија крајна цел ќе биде одржувањето на видеоконференциските предавања по сите предмети чија природа го дозволува тоа“, се вели во повикот.