Студенти по моден дизајн од трите факултети имаа заедничка ревија на ЕXPO 30

Студентите по моден дизајн од три факултети синоќа имаа можност да ги покажат своите креации во Музејот на современа уметност, во рамки на „ЕXPO 30“, настан кој во фокусот ја прикажа македонската мода.

Ревискиот дел во вториот ден на настанот започна со претставување на заедничка ревија на студентите. Публиката имаше можност да ги види креациите од студентите од Институтот за дизајн и облека на ТМФ при УКИМ, Анастасија Петрески и Кристијан Арсовски. Нивните модели беа опишани како футуризам во допир со готика, „остар карактер преточен во шпицести врвови инспирирани од архитектурата во тоа време кои жената ќе ги носи гордо, самоуверено, освојувајќи го секој поглед околу неа, користејќи ги зелената и виолетовата боја како заштитник од злото, додека бисерите ја задржуваат нејзината нежност и контрадикторност на се што се случува“.

Данијела Савиќ од Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет во својата колекција претстави неколку модели, а тематиката беше патешествие низ македонската култура и традиција каде што е отсликана слоевитоста и тежината на македонската традиционална женска носија од Порече. При осмислувањето на концептот, традиционалните шари и орнаменти се оставени во нивната автентична форма без да се прави било каков обид за редизајн на везот. Она што е позајмено од македонските шари е доминантната и се присутна формана баклава и триаголници, притоа создавајќи една современа интерпретација со апстрактен третман.

Фуркан Арифи од Универзитетот „Мајка Тереза“ стои зад новиот бренд „КАН“, а неговата прва колекција “Sin is IN“ настанала помеѓу Мексико и Токио, во обид да даде уште една перспектива и моден вкус за македонската улична облека за млади.

Организатор на EXPO 30 беше Боттега Евенти, а гостите, покрај креациите на студентите имаа можност да ги погледнат новите модни колекции на уште пет познати македонски дизајнери- Лидија Георгиева, Силвија Михајловска, Митко Занов, Јована Филиповиќ во соработка со Ајбуке Баркчин, за настанот да биде затворен со модната ревија на дизајнерката Тања Кокев.

Настанот беше организиран по повод одбележување на 30 години независност на државата и е поддржан од страна на Владата на РС Македонија. Пошироката публика која не можеше да присуствува на EXPO 30 имаше можност да ги следи сите модни ревии онлајн.