Студенти од Лондон бараат помалку „филозофи белци“ во нивните наставни програми

Студенти на Школата за ориентални и афрички студии (СОАС) при Универзитетот во Лондон, бараат филозофите белци генерално да бидат отстранети од нивните наставни програми за подобро да се презентира фокусот на училиштето на Азија и Африка.

Како дел од „образовните приоритети“ за 2017-та година на студентскиот синдикат, студентите истакнале дека е потребно „да се обрне внимание на структурното и епистемиолошкото наследство на колонијализмот во нашиот универзитет“ како дел од иницијативата која е насочена кон „деколонијализација“ на СОАС.

Еден од предлозите е да се обезбеди мнозинството филозофи кои се изучуваат на предметите да доаѓаат од Африка и Азија.

Школа за ориентални и афрички студии (СОАС)

Студентите исто така сметаат дека филозофите белци се потребни, но дека нивната работа треба да се изучува од критичка дистанца, за да се признае колонијалниот контекст во кој се напишани многу од нивните трудови.

Овие барања на студентите отворија дебата во британската академска заедница, но и во пошироката јавност. Дел од медиумите ова барање го протолкуваа како желба од наставните програми да се исклучат филозофите како Платон, Декарт, Кант и Расел – само затоа што се белци.

Филозофот Роџер Скрутон за Дејли Мејл, ги отфрли овие барања на студентите од СОАС, кои, според него, се засноваат на незнаење.

„Не можете да отфриле цело поле на интелектуален труд без да се истражи, и очигледно тие не истражиле што подразбираат под филозофија на белци. Доколку сметаат дека постои колонијален контекст од кој произлегла „Критиката на чистиот ум“ на Кант, би сакал да ја чујам“, потенцирал.

Дебора Гавриел, основач на организацијата Black British Academics, вели дека студентите јасно побарале поширока културна дискусија која е соодветна на фокусот на нивниот универзитет и да се провери колонијалните поврзаности кои ги содржи институцијата.

„Културно демократска наставна програма е нешто што сите учители, независно од нивната етничка позадина, треба да го предаваат, според глобалните и националните приоритети во 21-от век. Предавањата често се базирани на многу тесни критериуми кои често знаат да бидат евроцентрични. Овие студенти бараат од учителите да ги исполнат критериумите на нивната улога да предаваат од различни културни контексти, нешто што треба да го правиме сите“, изјавила таа за Индепендент.

Габриел сепак додава дека деколонијализацијата не мора да се поистоветува со отстранување на проблематичноста.

„Не верувам дека тоа вклучува отстранување на истражувачите белци, бидејќи не сите од нив имале идеи кои се тесни во контекст, многу од нив се вклучиле во анти-расистичко учење. Академската заедница често се повикува на теории кои се стари со децении, а тоа луѓето го сметаат за проблематично“, вели таа.

Заменик-директорот на Универзитетот Бакингем, Антони Селдон смета дека постои вистинска опасност доколку политичката коректност излезе од контрола.

„Треба да го разбереме светот каков што бил и да не ја менуваме историјата според тоа како некој би сакал да изгледала“, рекол тој.

Во дебатата се вклучи и колумнистот на Гардијан, Том Вајман, кој напиша текст со наслов: „Студентите на СОАС имаат поента. Дипломите по филозофија треба да гледаат подалеку од европските белци“. Во неа тој ги критикува медиумските објави кои звучеле како да се спрема некакво „интелектуално варварство“, иако студентските барања, според него, се токму нешто за кое би повикувал и филозофот Кант, како борец против догмата во секоја нејзина форма.