Студенти на Факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола ќе бидат практиканти во Министерството за образование и наука (МОН), за што е потпишан меморандум, информираат од МОН.
„Студентите ќе учествуваат во извршување на оперативните потреби на министерството, за што ќе имаат менторска поддршка. Ова искуство ќе им овозможи примена на знаењата во реални услови, со што ќе им се помогне во професионалниот развој и подготовката за кариера во ИТ индустријата. Исто така, ќе бидат вклучени и во реализација на обуки за сајбер безбедност и примена на нови технологии, наменети за наставници и ученици“, појаснуваат од министерството.
Оттаму додаваат дека МОН е отворено за соработка со акаддемската заедница. Претходно, меморандум за соработка беше склучен и со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје.