Студенти на додипломски студии од семејства со ниски приходи ќе добијат финансиска поддршка за партиципација или сместување

Студенти кои се запишани за прв пат на прв циклус на студии на јавните високообразовни установи во земјава, чие образование се финансира од буџетот, а се од семејства со ниски приходи за време на вонредната состојба, ќе добијат финансиска поддршка за плаќање на дел од партиципацијата за студирање или сместување, приватно или во студентски дом, одлучи Владата на вечерашната 66-та владина седница.

„Студентите опфатени со оваа уредба можат да искористи само една од партиципациите за трошоците за студирање за студентите која е еднократна и изнесува до 6.000 денари, еднократната партиципација на трошоците за сместување во студентски дом до 6.000 денари, или партиципацијата на трошоците за приватно сместување за студентите од член, која исто така е еднократна и изнесува до 6.000 денари“, стои во соопштението на Владата.

На владината седница е одлучено и да се даде согласност за ваучери за средношколци кои доаѓаат од семејства со ниски приходи во максимален износ до 3.000 денари, кои ќе се користат за купување на училишен прибор. За оваа намена, донесена е Уредба со законска сила за доделување на средства на ученици запишани во јавните средни училишта за купување на училишен прибор, а кои се од семејства со ниски приходи за време на вонредна состојба.

Владата вечерва донесе и Уредба со законска сила за издавање ваучери на млади лица за стекнување со информатичко-технолошки и дигитални вештини заради подобрување на конкурентност на пазарот на труд за време на вонредната состојба.

Со неа, се уредуваат условите, начинот и постапката за издавање и користење на ваучери со номинална вредност до 30.000 денари, издаден од Министерството за образование и наука, на млади лица за обуки за дигитални вештини заради подобрување на нивната конкурентност на пазарот на трудот, погодени од здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот.