„Струмичкиот говор: етно-лингвистички материјали“ – ново издание на професорот Коста Пеев

Изданието „Струмичкиот говор: етно-лингвистички материјали“ во кое се содржи лексика, фразеологија, топонимија и текстови) е најновата книга посветена на работата на професорот Коста Пеев. Книгата е резултат на долг процес на дигитализација, транскрибирање и архивирање на теренски интервјуа кои авторот ги направил во 1970-тите, а кои до скоро беа регистрирани само на стари магнетофонски ленти.

Коста Пеев е меѓу најстарите наши слависти и македонисти, ученик на Блаже Конески, со долгогодишно искуство во областа на дијалектологијата, кој и самиот е родум од Струмица. Професорот Пеев од неодама е добитник на високото државно признание – Медал за заслуги за Македонија.

На книгата работел тим од осум луѓе, вработени на Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет, дипломирани етнолози и антрополози и надворешни соработници.

Книгата содржи животни стории, интервјуа, сеќавања, приказни и фолклорни материјали од повеќе села од струмичко. Тие се граматички обработени (со акценти и посебни дијалектолошки знаци) и како такви имаат голема вредност и за лингвистите, но и за етнолозите и фолклористите. Текстовите се во форма на дијалог помеѓу истражувачот и соговорниците и содржат информации за начинот на живот, обичаите и усно народно творештво во овој регион, а особено е скапоцено регистрирањето на зборови и изрази кои денес се или целосно заборавени или почнуваат да исчезнуваат.

Издавач е Центарот за етнолошки истражувања и применета антропологија, а изданието е финансиски помогнато од Министерството за култура и од Општина Струмица.