„Стоп за јагленот!“ – Активисти од целиот свет на марш за клима во Полска

Активисти од целиот свет денес излегоа на улиците во Катовице, Полска да маршираат за да испратат порака на државите дека мора да ги забрзаат и зголемат своите активности во насока на ублажување на климатските промени.

Маршот за клима се одржува на крајот на првата недела од 24-тата конференција за климатски промени во Катовице каде државите преговараат за национални активности за ублажување на последиците од климатските промени и задржување на глобалното затоплување под 1.5°C.

„Стоп за јаглен, стоп за нафта, да ги задржиме фосилните горива во земјата“, „стоп за финансии во фосилни горива, напред за финансии во обновливи извори“, „бидете храбри зачувајте го чистиот воздух за идните генерации“- им порачаа активистите на делегатите кои преговараат.

Оваа конференција е од особена важност во преговорите за клима, бидејќи земјите треба да се договорат за текстот на правилникот за имплементирање на Договорот за клима од Париз во своите земји, меѓутоа и поради тоа што се случува во Полска – земја чија економија е базирана на рудниците на јаглен, кои се најмногу виновни за климатските промени.

На конференцијата земјите потпишаа декларации за праведна транзиција со која се заложија да ги зголемат своите напори во енергетската транзиција на земјите од јаглен кон обнивливи извори. Сепак последната кумулативна анализа на третите двогодишни извештаи на земјите покажува дека премногу споро се движат кон остварување за обврските од Договорот од Париз и дека може да се направи многу повеќе.

Додека надвор се случува маршот за клима, во просториите каде се одржува конференцијата се одржува пленарна сесија на работната група за работи поврзани со имплементација на Договорот од Париз, последна за неделава на која секретаријатот и земјите известуваат за прогресот направен на оваа тема.

„Постојат многу работи околу кои имаме исто мислење, но и многу околу кои немаме согласност. Затоа ни е потребна помошта од нашите министери и добро е што пристигнуваат во понеделник да го дискутираат текстот на Правилникот за имплементација на Договорот од Париз“, рече претставникот на Европската Унија.

Инаку земјите вчера до доцна вечерта дискутираа околу Правилникот за имплементација на Договорот од Париз. Земјите не можат да се сложат околу тоа колку детално ќе бидат опишани сите наведени термини и обврски или дали воопшто одредени термини ќе останат во текстот.

Граѓанските организации и останатите групи присутни на конференцијата се едногласни дека недостига амбиција во активностите кои земјите ги преземаат, или се обврзале да ги преземат, за да ги ублажат климатските промени. Ова претставува сериозна загриженост бидејќи ниските амбции на земјите се директно прекршување на човековите права и загрозување на здравјето на луѓето како што, порано неделава, предупредија од Светската здравствена организација.

Текст и фотографии: Елена Николовска од Катовице