Образовно-информативниот центар – Скопје денеска ја организира петтата по ред манифестација „Стипендии ЕКСПО“, каде на едно место се презентираат голем број можности за стипендирање и други форми на финансиска помош за студирање на повеќе странски и домашни универзитети.
Манифестацијата нуди единствена можност на едно место да се презентираат голем број на опции за стипендирање и други форми на финансиска помош за студирање на голем број странски и домашни универзитети.
Настанот се одржува во НУБ Св. Климент Охридски од 10:00 до 20:00 часот.
Стипендиите имаат голема улога во надминување на финансиските пречки кон високото образование и директно влијаат врз зголемување на бројот на високо образовани граѓани, што е клуч за континуиран економски раст на Македонија и создавање на образовано општество.
Манифестацијата Стипендии ЕКСПО 2014 го промовира токму ова значење на стипендиите во добивањето на пристап на идните студенти до високо образование на сите нивоа, помага во процесот на изнаоѓање на финансиска помош за студирање во странство, научен престој или академска работа. Оваа манифестација, исто така, ја промовира и важноста на стипендиите во процесот на совпаѓање на наученото со потребите на пазарот на труд.
Оваа манифестација на едно место ги собира универзитетите, амбасадите, културните центри и образовните институции од Македонија и од странство.
Во интерес на студентите, повторно и оваа година, на самиот влез воведен е електронски систем за регистрација на посетители, кој им овозможува на институциите да стапат во директен контакт со студентите заинтересирани за стипендиските програми кои тие ги нудат. Ова значително го олеснува процесот на размена на информации, како за студентите, така и за учесниците на Стипендии ЕКСПО 2014.
Оваа година спонзори на манифестацијата Стипендии ЕКСПО 2014 се универзитетите: Politecnico di Milano, Universita Cattolica del Sacro Cuore, Аmerican College of Thessaloniki, Istanbul Aydin University и Hult International Business School. Нови учесници оваа година се ААС Колеџ од Грција, ФОН Универзитетот од Македонија, Универзитетот ФОНТИС, Швајцарската Образовна Група и Aydin Универзитет од Истанбул.