„Стела“ – нова платформа која ќе ги поврзува жените што сакаат да се надоградуваат

Имате искуство, но не знаете како да го споделите. Имате желба и потреба да дознаете нови работи, но не знаете од кој да побарате помош и совет. Токму поради ова, пет млади амбициозни жени од Македонија решија да ја создадат онлајн платформата наречена „Стела“, која ќе служи за вмрежување на жените со цел нивно надоградување и споделување на знаење.

Идејата е платформата да делува локално, но и глобално. Засега, во мрежата се вклучени над 50 менторки со најразлични професии.

„Работите двојно, а заработувате помалку“, забележа Виџиленца Абази, една од основачките на платформата за време на вчерашната промоција. Таа истакна дека жените се уште се помалку платени од мажите, што го потврдуваат и светските статистики.

Жените се најмногу застапени во услугите, или 61,5 отсто, додека во индустријата ги има само 13,5 отсто, а во агрикултурата 25 отсто, посочи Абази.

Во македонскиот Парламент, иако постои граница дека мора да се застапени најмалку 23 отсто жени, сепак во реалноста, водечка улога во политиката имаат мажите. Од 15 министерства, само три се министерки.

„Како мала држава, горда сум што има голем број на жени кои се високо образовани, но не сум горда што пола од нив не бараат работа“, вели Абази.

Менторството, се надева Абази, ќе послужи за ова да се промени и ќе ги поттикне жените да се поддржуваат меѓусебно.

„Нам ни треба тоа поттикнување понекогаш, да не потчукне некој по рамо и да ни каже „да, можеш да го направиш тоа“, вели Абази, потсетувајќи се на волонтерските денови во Црвениот крст.

Вчера се одржа првата сесија за претставување на мрежата во Скопје, каде присуствуваа жени и девојки со различни позадини. Досега, платформата е претставена во Битола, Куманово, Богданци и Штип.

„Секоја од овие сесии траеше повеќе од два часа со огромен интерес“, вели Дарко Црвенковски, проектен менаџер.

Проблемите тој ги лоцира во традицијата и системот. Посочи пример каде мајка била одбиена да го запише своето дете во градинка со целодневна нега. Иако таа била високообразована жена, на крај морала да се откаже од својата кариера за да го чува своето дете.

На платформата може да се приклучи секоја жена со најразлично професионално поле, но посветено и доследно, на волонтерска основа.

„Секој е несигурен, секој има нешто што не му се допаѓа кај себе, без разлика колку сте успешни. Не мислете на ограничувањето, туку во што сте добри“, рече Абази.

Емилија Петреска