Стефанија Гаштарска за патот до „Бољшој“: Соништата без макотрпна работа и труд не може да се остварат

Изминативе години, младата балерина Стефанија Гаштарска си постави високи цели, кои како што вели, ги постигнува со макотрпна работа и труд. Нејзиното вработување во престижниот руски театар „Бољшој“ за неа значи остварување на сон што го негува од мала, кога ја имала можноста да ја гледа нејзината мајка како настапува.

„Сè започна со натпреварот „Арабеска“. Тоа е балетски натпревар со најголема традиција под заштита на УНЕСКО, кој се одржува во колевката на балетската уметност во Перм, Русија. За таму ме спремаше професорката Елисавета Кушовска на која сум ѝ безкрајно благодарна. На ,,Aрабеска“,  ги поминав сите три круга, влегов во финалето и освоив диплома. Потоа следеше покана од Пермското државно училиште да го продолжам школувањето таму. По завршувањето на првата година добив стипендија од најпознатата ,,Бољшој академија,, во Москва преку „Rusia study“. Клучна беше аудицијата на која им се допаднав, секако благодарение на техничката подготовка која ја добив во училиштето во Перм“, раскажува таа.

Веста за нејзиното вработување во рускиот театар ја соопштија од компанијата „Гришко“, чиј амбасадор е Гаштарска

Изминатиов период, Гаштарска е во својот дом во Скопје, по престојот во државен карантин, обидувајќи се да се прилагоди на ситуацијата која настана поради пандемијата на новиот коронавирус. Овие мигови, вели таа, ги поминува во работење на себе, секојдневни вежби, одржувајќи ја својата форма и кондиција.

„Среќа во оваа несреќна ситуација, е што си дојдов дома и имам можност да поминам малку време со семејството, што не е така честа појава во послединте 4 години“, вели таа.

Во вообичаени услови, нејзиниот ден е исполнет уште рано наутро со наставните активности, проби и вежби.

„Искрено, за активности надвор од балетската сала немам многу време. Мојот живот не е типичен за една 18 годишна девојка, но мене тоа не ми пречи, задоволството го наоѓам во сала, затоа сум се одлучила, за тоа сум сонувала и свесна сум дека за успех потребни се многу жртви“, вели младата балерина.

Кога би живеела сè уште во државава, Гаштарска одлучно вели дека не би ја имала истата шанса за развој. Сепак, со нејзината порака до своите врсници, таа ги охрабрува да сонуваат и да си постават високи цели.

„Но, имајте во предвид дека соништата без макотрпна работа, многу труд, многу откажувања… не може да се остварат“, порачува младата балерина.

Емилија Петреска