[Став] Зошто ни е потребна дигитална детоксикација?

Сите гледаме како времето поминува, како овој свет старее и се менува, но тоа е нешто што не може да се спречи, тоа е животот. За разлика од времето, има многу работи кои можат да се менуваат како нашиот живот, нашата иднина, нашето здравје, здравјето на околината, технологијата и многу други. Денес технологијата е нешто без кое не можеме да живееме. Но луѓето не сфаќаат дека нашите животи не зависат од телефони, компјутери, таблети, туку зависат од нашето здравје, а употребата на технологија не е добра за нашето здравје и му штети на нашиот организам, посебно на очите, мозокот, менталното здравје и рбетот. Токму затоа се решив да поминам еден ден без технологија и социјални мрежи.

Дигитална детоксикација беше едно впечатливо искуство за мене. Убаво беше повторно да се живее без технологија. А по еден цел ден поминат без технологија сфатив дека имам време за многу други работи за кои никогаш претходно немав, но најважно е што успеав да го одморам телото, мозокот и очите од штетните светлосни зраци.

Дваесет и четирите часа кои ги поминав без технологија беа одлични, но малку досадни. Овој ден ме врати назад, ме врати во моето детство, времето кога технологијата не се користеше толку многу. Тоа утро кога се разбудив наместо да седам на телефон, станав и направив доручек за мене и моето семејство, слободното време го поминав дружејќи се со моето семејство и помагајќи во реновирањето на нашиот дом. Кречев, рушев, чистев и се забавував. Исто така, најдов време конечно да ја одвојам облеката која не ја носам и да ја донирам на оние на кои им е потребна. Вечерта кога завршив со работата излегов да пешачам со другарките.

Тој ден најмногу ми недостигаше музиката и Инстаграмот. Ние дома никогаш не работиме без музика и само поради тоа ми беше тешко. Секогаш е полесно кога се работи со музика. На мојот телефон всушност не ни помислив, но кога човек работи нешто што сака никогаш не помислува на непотребни нешта кои само ќе му го потрошат времето. Човекот кога прави нешто што сака тоа го прави со задоволство и затоа не се чувствував изолирана од општеството без технологија и социјални мрежи. Напротив се чувствував слободна и одморена од светот, ден без следење туѓи животи  на социјалните мрежи беше одмор… Секако олеснувачки фактор беше и тоа што моите секојдневни обврски не беа ограничени од технологијата, но има многу луѓе чии обврски зависат од технологија и за нив е неопходна.

При крајот на денот искрено се зачудив и изненадив дека успеав да издржам 24 часа без социјални мрежи, интернет, телефон, компјутер и телевизија. Иако сите сме зависни од телефони, од деца до возрасни, едно време знаевме како е да се живее без технологија. Не е толку тешко да се издржи без технологија колку што сите мислат, треба само да се проба. Слободното време, наместо да се троши на телефон треба да се користи на дружба во живо со семејството и пријателите, цртање, уживање во убавината на природата, вежбање, помагање на оние на кои им е потребна помош. Би сакала да го повторам овој детоксикациски ден.

По завршување на овој ден сфатив дека нашите животи не зависат од технологијата, од социјалните мрежи. Сфатив дека доколку сакаме можеме да направиме сѐ. Секако дека не може целосно да живееме без технологијата и јас не можам без неа, но можеме умерено да ја користиме само кога имаме потреба, а не да дозволиме да го обликува нашето слободно време.

Верувајте во себе, ако можам јас можете и вие!

Автор: Ирем Адемовиќ

– – – – – – – – – –

Ставот е во склоп на иницијативата Стоп дезинформации, дел од проектот „Дигитална детоксикација“. Оригиналниот текст е првично објавен тука