[Став] За школцките работи

Ристо Божинов

Резултатите од последното ПИСА (Programme for International Student Assessment) тестирање, спроведено во 2015 година на ученици на возраст од 15 години ни покажуваат дека Македонија е рангирана на 67 место од вкупно 70 земји кои учествуваат во тестирањето. Овој поразителен податок ја отсликува моменталната состојбата во македонското образование. Површните реформи како екстерното тестирање и Кембриџ програмата ни дадоа до знаење дека е потребно многу посуштински и длабоки реформи наместо обични популистички мерки.

Креативноста и уметноста

„Секоe дете е уметник, проблемот е да остане уметник кога ќе порасне“ – Пабло Пикасо

Во нашиот образовен систем, математиката и јазиците секогаш ни се приоритет и се наоѓаат на врвот на пирамидата во која се подредени предметите по важност. На дното претпоставувате се наоѓаат уметностите (музичко, ликовно, спорт). Имаме екстремно стандардизиран систем во кој секое дете треба да го учи истото нешто во истото време и на истиот начин како и другите. Ова не го почитува основниот принцип да се биде човек и да сме уникатни и посебни на свој начин. Сите ние имаме различни интереси и страсти и клучот да се биде исполнет во животот е да си ја пронајдеме страста. Но, дали училиштата помагаат во тоа учениците да си ја најдат и да ја развиват нивната пасија? Се чини дека нема простор во образовниот систем за најважните прашања на учениците. „Во што сум добар? Што ќе правам во животот? Каде припаѓам во овој свет?“. На системот не му е гајле! Немаме начин да измериме за тоа колку талент и колку потенцијал поминува незабележан во постојниот систем којшто ги гледа телата на учениците само како транспортни средства за нивните глави и фокусот е само на тоа што го имаме меморизирано во нашите мозоци. Уште од мали не’ учеа дека ако се занимаваме со тоа што го сакаме никогаш нема да добиеме работа правејќи го истото.

„Ако не си спремен да грешиш нема да направиш ништо оригинално” – Кен Робинсон

Оценување

За да биде уште поинтересна приказната, не се цени како знаеме туку колку знаеме. Оценувањето генерално се базира во мерењето на краткорајната меморија на учениците за запомнување на факти и податоци. Повеќето од денешното учење не е соодветно бидејќи е засновано на помнење. Системот дефинира одредено количество на информации кое сите треба да го знаат. Потоа, секое тримесечје измеруваме кој колку информации вшмукал во себе преку листовите наречени тестови. Тој начин не е соодветен бидејќи голем дел од знаењето го губиме уште денот по тестот. Учениците одат на бесконечно часови, остануваат до доцна во ноќта да учат информации кои наскоро ќе ги заборават. Учењето може и треба да биде повеќе од меморизирање! Но тоа е единственото нешто кое го мериме и тестовите се единствените листови кои ги цениме. Најдобри ученици се сметаат оние кои најмногу ќе го покажат тој капацитет заборавајќи дека интелигенцијата е различна, динамична и интерактивна. Ова создаде екстремно нездрава култура за учениците, професорите и родителите.

Приватни часови

Приватните часови се исто така само еден одраз на неуспехот на државниот образовниот систем, овде не зборувам за учење нов странски јазик или било која активност која не е поврзана со редовната наставна програма, туку за навиките на учениците да плаќаат од нивните џебови за да добијат знаење кое претходно требало да им биде пружано бесплатно и квалитетно од страна на јавниот образовен систем. Разговарајќи со мои пријатели и другари, анализирајќи ја оваа проблематика заклучивме дека одредени професори кои одржуваат приватни часови намерно им пишуваат слаби оценки индиректно давајќи им до знаење дека треба да посетуваат приватна платена настава кај нив надвор од школските клупи. За ова сведочи и примерот на еден ученик кој нема да го именувам овде, тој ми рече дека кога правеле тест по одреден предмет – другарот кој патем посетувал приватни часови кај истиот професор, препишувал од него на тестот и добил четворка, додека тој си добил двојче. Тестовите им биле речиси идентични и нема логично објаснување зошто крајниот резултат е сосема различен.

„Образованието е најсилното оружје со кое можеме да го промениме светот” – Нелсон Мандела”

Застарен систем

Образовниот систем е застарен и не доживеал ажурирање од самото создавање за времето на Индустриската револуција. Постоеле обиди за промени и реформи но честопати тие минувале без да имаат некој поголем ефект. Во глобала еден училишен ден се базира на следење инструкции од страна на некој кој системот му дал поголема важност. Седнете! Извадете ги книгите! Без муабет! Отворете на 42 страна! Решете ја 4та задача. Тоа се индустриски вредности кои биле многу важни за работниците во фабриките. Нивниот успех зависел од следењето на инструкции и правејќи го тоа што им е кажано. Но, во денешниот свет колку далеку можеме да стигнеме следејќи инструкции?

1984?

Освен запомнувањето факти, во училиштето си награден ако ги следиш тие инструкции и за тоа ќе добиеш таканаречено „примерно поведение“. Колку и да изгледа дека сме современи и дека професорите се отворени да го слушнат нашето мислење, тие не се спремни да ја прифатат реалноста дека не секогаш се во право. Навидум отворени, но подоцна на разни начини можат да те бојкотират, психички тормозат и секогаш нереално ќе те оценуваат што кај просечен ученик предизвикува стрес, неверување и одбивност спрема училиштето како институција.

Недостатокот на автономија и контрола ни испраќа загрижувачка и опасна порака на нас учениците дека секоја минута ни е контролирана и дека ние не сме во контрола на нашите животи. Речиси секој миг од времето е контролиран со однапред напишани планови на часови за кои не се виновни дури и професорите бидејќи така им налагат од „горе“. Недостатокот на автономија и контрола е проблем и кај професорите, бидејќи исто како учениците и тие се различни. Не секој професор ја пренесува материјата на исти начин, некои имаат свои иновативни методи додека некои можат и на класичен начин да ја предадат лекцијата така што ќе остават силен впечаток кај учениците. Не секој од нас учи на ист начин и не сите можеме да се прилагодиме на наставната програма, некои побрзо го сфаќаат материјалот додека на одредени ученици им треба повеќе време и труд да го постигнат истото – што честопати се толкува тоа како неуспех на ученикот.

Ристо Божинов, ученик од СОУ „Никола Карев“ – Струмица