[Став] Во бегство за живот – истрајноста на еден Курд бегалец

Се викам Али и имам 29 години. Доаѓам од Курдистан, регион во Ирак. Ја напуштив својата земја пред 8 месеци, транзитирав преку Јордан и потоа Турција, каде останав околу месец и 20 дена.  Се соочив со многу проблеми кога имаше полиција, некогаш ги удираа луѓето, но обично не ги допираа семејствата, децата, жените или лицата со попреченост.

Околу осум пати ме фати полиција, четири пати на турската граница и четири пати на грчката граница. Затворот не беше затвор, туку повеќе беше како штала за животни. Една бисквита на ден, еден сок на ден.  Доколку добиеш леб, тој е многу тврд или со истечен рок. На грчката граница се соочивме со истото. Кога не фатија, фрлија се што имавме, сите телефони ги фрлија во водата. Има нешто што се случи во Грција, нема да го заборавам никогаш. Бевме 122 лица, ја преминавме водата и кога дојде полицијата, сите избегаа. Само 20 лица беа фатени, од кои 4 беа жени. Командирот рече: ,,Ве молам не гледајте кон нас, свртете се кон ѕидот.” Знаев дека ги допираа жените, бидејќи потоа, една жена ми кажа. Кога нејзиниот сопруг ја праша што `и направиле, таа рече дека ја удриле по задникот и `и ги допирале градите….Тоа беше многу лошо…Исто така, на грчката граница, чекавме со 80 луѓе, сите во една соба…Не можевме да седнеме, мораше да стоиме…Ја затворија вратата и ја држеа затворена 24 часа….Жените не можеа да одат во ве-це, мораа да ја користат својата шамија за нужда….Жените мораа да го прават ова пред полицајците и сите мажи кои беа во собата…Затоа сите жени или мораа да издржат да не вршат нужда или…знаете…Исто така, имаше многу мали деца, едно малечко девојче плачеше многу за млеко….Па го замолив командирот да донесе млеко, но не ми одговори…. Поради тоа што добро зборувам англиски, јас бев преведувач за сите таму….Па можев да ги посведочам и слушнам сите проблеми….

Една жена имаше рак и дијабетес, не можеше да седи во собата преполна со луѓе, но кога го замолив командирот (таа му ги покажа и нејзините медицински документи), тој рече: ,,Лаже. Не ми е гајле за медицинските документи, можеби ги добила од нејзин роднина којшто е лекар, можеби документите се лажни, не го разбирам курдскиот јазик.” Му реков дека се колнам дека точно ги преведувам курдските документи…Навистина страдавме многу во затворот, и на турската и на грчката страна…Се сеќавам на едно семејство, двајца родители и 3 деца од Халабџа, Курдистан. Имаа златен накит (белегзии, ѓердан итн.) Грчкиот командир им ги провери работите и го зема златото. Рекоа дека ќе им го вратат златниот накит кога ќе ги ослободат. Но никогаш не го направија тоа. Тоа беше се што имаше семејството, немаа никакви пари, па затоа кога ги ослободија, семејството побара да биде депортирано во нивната земја.

Отидовме во џунглата со криумчар во Грција, бевме 40 луѓе. Криумчарот дојде и не однесе во подрум во Солун…За да стигнеме до таму, не ставија во задниот дел на една многу малечка кола, бевме 5 лица внатре, 3 жени и две деца, притиснати, не можевме да ги движиме рацете , ниту да дишеме…Колата возеше многу брзо, беше многу лошо…По една недела, се’ уште чувствував болка.

Во подрумот останавме 11 часа, се истуширавме, си ја исчистивме облеката, јадевме и потоа ни купија билети. Во 3 часот наутро, отидовме на железничката станица во Солун и потоа во Атина, каде останав 3 месеци чекајќи лажен пасош. Но ме фати полиција и ме однесе во затвор. Немаше можност да се продолжи со патувањето. Така отидов на еден остров. Повторно беше невозможно да се продолжи со патувањето, дури и по неколку обиди. Еднаш не фатија во камион и не претепаа многу лошо. Лицето ми беше многу крваво. Не се осмелував да излегувам во текот на денот, бидејќи лицето ми изгледаше  навистина лошо и сите така знаеја дека ме фатила и ме претепала полицијата. Затоа некое време, се осмелував да одам до продавница само навечер. Потоа, се вратив пак во Атина и се обидов да одам преку Албанија.

Бевме 6 луѓе со двајца криумчари. Не ставија во нешто како куќа без прозори, без ништо, не заклучија таму. Ни кажаа да чекаме додека не се стемни за да влеземе во Албанија. Кога се стемни, тројца мажи дојдоа во собата и ни побараа пари. Едно момче, кое беше со нас, немаше пари и му рекоа: ,,Ако немаш пари, ќе ни го дадеш твојот бубрег”. Мислеа дека момчето лаже. Се плашеа дека тоа ја има викнато полицијата. Го однесоа некаде, во друга соба. Кога момчето се врати, беше преплашено. Ни рече дека го однеле во некоја соба и го ставиле на маса на која имало нож, ножици и маска, и дека имало крв насекаде. Потоа, момчето ни кажа дека слушнало полициски сирени и сите избегаа. Па за среќа, не ги земаа органите на никој, момчето беше недопрено. Почнавме да трчаме, не знаевме каде одиме, само трчавме и трчавме. Сретнавме грчки командир и полицајци, беа многу пријателски настроени искрено, ни дадоа храна и вода и се вративме во Солун, во Грција.

Следеше уште еден обид, преку Бугарија. Овој пат бевме 4 машки и едно семејство со 18-годишна ќерка, значи 7,8 луѓе севкупно. Не однесоа во џунглата со кола. Не ги знаевме местата. Кога и да го прашав криумчарот: ,,Каде сме?”, ми одговараа: ,,Ве молам не зборувајте, не зборувајте, пссст…” Потоа ни рекоа само да одиме пеш. Не оставија во џунглата, беше многу студено, речиси почнуваше да врне. Не фати бугарската полиција. Не прашаа: ,,Зошто дојдовте во нашата земја? Оваа земја е за нас, не за вас; вие си имате ваша земја.” Молчевме. Ни удрија шлаканица и не клоцаа силно. Ни побараа пари, но не им дадовме, бидејќи имавме пари само за патот. Земаа дрвен стап и ни се заканија. Па им ги дадовме сите пари коишто ги имавме. Побараа пари од семејството коешто беше со нас. `И рекоа на жената: ,,Имаш пари во панталоните. Соблечи ги панталоните и долната облека”. Таму најдоа неколку евра. Тогаш командирот се разлути многу. ,,Ви реков да не лажете, ќе го повредам вашето семејство.” Нејзиниот сопруг им се развика на курдски, им рече да не се однесуваат така. Му удрија шлаканица и го клоцнаа. Девојчето (нивната ќерка) плачеше. Ја соблекоа целосно и неа, но не најдоа никакви пари кај неа. ,,Ако имаш уште нешто, дај ни го. Инаку ќе ја силувам твојата жена и твојата ќерка.” Ги однесоа околу 40 метри настрана, не многу далеку. Двете жени викаа силно и знаевме дека ги силуваат. Кога се вратија, не престануваа да плачат. Потоа не вратија во Атина и семејството воопшто не излегуваше, само побараа од Атина да бидат депортирани дома. Никогаш нема да го заборавам тоа. Лошото искуство ќе ги прогонува овие жени. Бидејќи во мојата култура во Курдистан, доколку некоја жена е силувана, никој нема да се ожени со неа.

Па така, повторно се најдов во Атина. Сакав да се вратам назад во мојата земја, затоа што доволно видов и доволно страдав. Брат ми ми се јави и ми рече: ,,Те молам брате, продолжи, продолжи, не те силуваа тебе, не те допреа тебе, ништо не ти направија на тебе. Ти си маж, ништо не можат да ти направат.”

Останав во Атина еден месец и потоа отидов во Солун. Отидовме во хотел со 6 други луѓе во близина на границата, успеавме да ја преминеме грчко-македонската граница и одевме низ планини и низ џунгла. Не ставија во куќа каде што ни побараа пари. Потоа не однесоа во Прешево и таму не оставија во џунглата. По 300 метри, ја видовме српската полиција и побаравме помош од нив, беа пријатни, но ни побараа официјални документи. Немавме официјални документи, па не вратија на српско-македонската граница. Веќе седум вечери сум овде во кампот во Табановце, фала му на Бога, добро сум сега… Искрено, Македонците се најпрекрасните луѓе што ги имам запознаено во мојот живот….

Во текот на моето патување, најпозитивното нешто беше трпението. Трпеливо да издржиш, додека си без храна или вода во џунглата, во студените места во ноќта….Тоа е “најдоброто “ искуство, бидејќи каде и да одам, можам да преживеам, можам да одам, можам да трчам, можам да се сокријам, да избегам….Можам се да направам. Сега сум силна личност. Не ми е гајле за времето. Бидејќи и на македонско-српската граница, останавме накиснати на снегот, беше минус осум степени целзиусови и издржав….

Навистина ми недостига моето семејство, особено мајка ми. Пред да заминам, таа ми рече: ,,Сине, не ми требаат твоите пари, само те молам биди безбеден и те молам врати се пред да умрам.” Затоа се надевам дека еден ден, кога ќе се вратам во мојата земја, мајка ми се’ уште ќе биде жива, нема да биде умрена. Таа има 58 години. Татко ми беше убиен од режимот на Садам во 1991. Секако, ми недостигаат многу работи, брат ми, пријателите, мојот град…Но избегав за да си го спасам животот, затоа заминав. Многу страдав при патувањето, не за да заработам пари, туку бидејќи избегав за да си го спасам животот. Само сакам да имам нормален живот, како другите луѓе.

Приказните се собирани од активисти на Легис и се поддржани од GIZ во име на BMZ.

Ставовите изразени во оваа колумна не нужно се совпаѓаат со ставовите на Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammmenarbeit (GIZ) GMBH.