[Став] Студентите сакаат електронски услуги наместо редици на факултетите

Јоана Тренеска

Голем број на државни факултети во Македонија се уште се потпираат на застарени пракси на работа. За еден студент да се запише на факултет, да запише или завери семестар, да плати школарина, да пријави испит и разни други елементарни услуги на една високообразовна установа, треба да чека ред во студентската служба и да донесе се во ископирана верзија.

Оценките се уште се собираат во принтан документ наречен „индекс“ и за истите да се запишат повторно се чека ред пред кабинетите на професорите. Портфолиото на студентот, односно листата на положени испити, која е нужна за аплицирање за стипендија, за додипломски студии, за работа, не се ажурира автоматски, и не е достапно во дигитална форма, туку за истото да биде издадено треба да се поднесе молба, да се исплати одредена сума на пари и да се чека „амин“ од Деканатот. Слична процедура тече и при поднесување барање за потврда за редовен студент, која е нужна меѓу другото за обезбедување на здравствено осигурување.

Од друга страна, дигитализацијата е скап процес. При дигитализација и на најмалата образовна услуга, потребно е да се купат лиценци, да има доволен број на стручни лица кои ќе го ажурираат системот, да биде заштитен од хакерски напади и да може да се адаптира на сите факултети  кои се под ист чадор на Универзитетот. Факултетите се хетерогена група, која има различни нивоа на дигитален развој, дигитална писменост и потреби. За универзитети кои се состојат од многу факултети, како што е УКИМ, дигитализирање на една услуга која е само една капка во морето од се што може да се дигитализира е сериозен потфат.

Голем број на високообразовни установи, во рамките на нивните стратешки планови, наговестуваат  инвестиции во инфраструктура и во информациски и комуникациски средства, како проектори и смарт табли, и инвестиција во новите методи на учење на далечина. Од друга страна, за студентите, „трн во око“ не се просториите и дали ќе се користи смарт или обична табла, туку бирократските лавиринти низ кои поминуваат на дневна основа, при користење на најелементарни услуги од факултетите. Оваа дискрепанца на приоритетите во стратешките планови на факултетите, наспроти идеите на студентите за подобрување на условите за студирање, добро ја отсликува дистанцата помеѓу студентите и раководните тела во високото образование.

Иако лесно можат да се препознаат многу пречки и кочници за дигитализација на високото образование, нивото на дигитален развој не треба да остане на ова што е сега.  Во време кога речиси секоја фирма, институција, организација нуди можност за користење на нејзините услуги во електронска форма, студентите се враќаат во минатото штом стапнат во просториите на државните факултети. Младите не заминуваат да студираат во странство само заради квалитетот на наставата и инфраструктурата на факултетите, туку и заради услугите кои се нудат во електронска форма. Чекање ред за да се однесе некоја банална потврда или уплатница, која во друга земја се поднесува со само еден клик, не е нешто што студентите се спремни лесно да го проголтаат, особено земајќи предвид што моменталните и генерациите што доаѓаат се целосно растени во дигитална ера.

Студентите се тие кои секојдневно се користат со услугите на факултетите. Тие најдобро знаат која услуга треба итно да биде овозможена и во дигитална форма, а која може да почека. При вакви промени, суштинско е студентите да бидат консултирани и ислушани.

Јоана Тренеска

Јоана Тренеска е Програмска координаторка на Програмата за истражување, анализа и креирање на младински и образовни политики во Младински образовен форум