[Став] Студенти и амфетамински десетки

Во сетинг како што се универзитетите, каде што постојат бројни обврски, барања и очекувања од студентите, често е тешко да се најде оптимален баланс за здрав и прогресивен студентски живот. Амфетаминската студентска приказна е глобален тренд кој може да има страстен почеток, но наша одговорност е да ја знаеме целосната потенцијална приказна на начин кој е неосудувачки и негламурозен.

Работи напорно, биди добар, биди подобар од другите. Времето е компетитивно, секој е на сите страни, од секого се бара многу. Натпреварувај се со времето, со себеси, со другите, бидејќи денешново време тече многу брзо. Искусувај многу и повеќе од тоа, и најважно – секој ден биди повеќе од што си бил вчера. Денешницата бара од секого да биде исклучителен во она што го прави, па така нема многу простор за просечност. Иако, статистички гледано, не е можно сите да бидат натпросечни. Компетитивноста расте, а децата од мали се учени да се ангажираат на што е можно повеќе страни за да си ги исполнат потенцијалите. Често ова се случува во поголем интензитет отколку што е здраво за нивниот целокупен психосоцијален развој. Било некој да е заинтересиран за стекнување на квалитетни вештини или едноставно побројни остварени активности, факт е дека денеска од луѓето се бара многу. Ако го земеме предвид и Флиновиот ефект (The Flynn Effect) според кој просечната интелигенција на луѓето во светот е сè повисока како што тече времето, можеби е и делумно појасно зошто многумина се ангажираат на сѐ повеќе страни во согласност со повисоките општи способности кои се јавуваат глобално кај луѓето низ целиот свет.

Студенти и амфетамини
Каде се студентите во целата оваа приказна? Во еден сетинг како што се универзитетите, каде што се наметнати обврски, барања и очекувања од средината и од луѓето за студентите (а и од самите студенти за себеси), често е тешко да се најде оптимален баланс за здрав и прогресивен студентски живот. Така разбирливо е зошто се присутни алтернативните начини на справување со бројните обврски и со психолошките притисоци. Еден од нив е користењето на амфетамини меѓу студентите како начин за зголемување на продуктивноста и на успехот во постигнатите факултетски резултати.

Амфетамините, кои спаѓаат во групата на дроги стимуланси, се популарен извор на дополнителна енергија, физичка сила и ментална подготвеност кај студентите. Иако постојат форми на оваа супстанција кои легално се користат за третирање на различни физички и ментални нарушувања (пр., лековите адерал, риталин, конкерта [Adderall, Ritalin, Concerta]), овие лекови кои најчесто се употребуваат во орална форма се често употребувани и поради малку поинакви студентски мотивации. Во раната возрасна доба е зголемено чувството на физичка недопирливост и желба за проширување на искуствата, па лесно се прогледува низ негативните краткотрајни и долготрајни последици кои користењето на легални амфетамини би можело да ги има („Можеби не е најбезбедно, но мене ништо нема да ми се случи.“).

Популарноста на адерал (Adderall) во западните земји
Лекот адерал (Adderall), кој обично се пропишува за третирање на синдромот на недостаток на внимание и хиперактивност (ADHD) или нарколепсија, популарно е значително употребуван на своја рака од страна на студентите во западните земји за да ги зголемат когнитивната продуктивност и активност што се особено потребни пред испити. Значи причината лежи во првично позитивни ефекти кои ги има оваа супстанција кај студентите. Апчето влегува во крвотокот каде што активните состојки го стимулираат производството на норепинефрин и допамин во мозокот. Имено, овие корисници искусуваат зголемено внимание и концентрација, зголемена будност која ја искористуваат како при учење, така и при долги периоди на забава. Во западните земји е голема продажбата на амфетаминските лекови на црниот пазар, преку нелегална продажба и преку интернет (dark web).

Што треба да знаеме при користењето адерал?
Во што лежи вредноста на перфекционизмот и неговата гламурозност, амфетаминските десетки и една филмска студентска реалност (работи напорно, а забавувај се уште повеќе)? Привлечно е да се чувствуваш и да се однесуваш како млад супер херој кој ќе направи за кратко сè што посакувал. Но, сакалe или не, следува и будност повеќе часа отколку што телото би посакувало, раш (rush), успешна достапност до умствените потенцијали, и „крашнување“. Покрај положувањето или добриот просек како причина за користење амфетамини, не смееме да ја заборавиме амфетаминската употреба на клупската сцена. На пример, во ноќниот живот во Белгија најкористените супстанции се алкохолот, канабисот, MДMA, амфетамините и кокаинот. Ова е уште еден индикатор за популарноста на амфетамините меѓу младата популација.

Ако е толку привлечен, зошто сите да не земаме адерал (амфетамини)?
Секоја приказна со психоактивни супстанции започнува како страсна заслепеност при што се уживаат почетните позитивни ефекти. Од есенцијална важност е да ја знаеме целосната приказна, а не само страсниот почеток. Иако не сите што користат адерал развиваат зависност, поединците кои земаат регуларно амфетамински дози кои не се наменети за лекување на одредено нарушување се во зголемена опасност да развијат зависност. Почнува да се развива толеранција кон супстанцијата и поединецот станува неспособен да функционира нормално без да ја внесе. Амфетаминските дроги произведуваат неприродно високи количини на допамин во мозокот. Па така мозокот се навикнува на тоа и бара да се одржи барем последното внесено ниво на супстанцијата. Според податоците на Центарот за зависности (Addiction Center – онлајн сервис за упатување и информирање за зависност) постојат одредени важни информации кои мораме да ги знаеме за користењето и за зависноста од адерал.

Индикаторите за развиена зависност од адерал вклучуваат: потреба да се внесе повисока доза, желба да се намали употребата на супстанцијата, но и неспособност да се направи тоа, земање адерал без да се знае штетата што ја предизвикува, неможност да се заврши започнатата работа без адерал, трошење многу време и пари користејќи адерал (како и во обиди за откажување), избегнување на останати важни и секојдневни активности за да може да се продолжи со користење на амфетамините, јавување на апстиненцијални симптоми поради некористењето адерал.

Знаците на предозирање од адерал вклучуваат: болки во градите, лошење или повраќање, забрзано дишење, неконтролирано тресење, несвестица, треска. Од друга страна, апстиненцијалните симптоми може да бидат депресија, иритабилност, главоболки, прекумерно спиење или несоница, зголемен апетит, исцрпеност, кошмари, тешкотии во концентрација, болки во телото, анксиозност и суицидални мисли.

Брзи решенија и „амфетамински десетки“

Иако на краткотраен и брз план адерал може да им помогне на студентите со просечни резултати да добијат натпросечни и да им помогне во подобрување на меморијата, користењето на оваа група супстанции не води до апстрактно и комплексно размислување. Исто така, овој начин на живот, или во одредени случаи – зависност, не би помогнал во решавање на едни од најманифестните проблеми во оваа ситуација како менаџирање на времето, учење да се стекне приоритет и развивање дисциплина.

Целта на овој текст е да се опише една целосна слика за контекстот, за причините и за последиците од користењето амфетамини кај младата популација. Постојат неминовни причини зошто психоактивните супстанции биле користени толку долго време, па и денеска. Тоа за што ние сме одговорни е да ја знаеме целосната слика колку што можеме подобро, да се информираме и да имаме став во средината – неосудувачки, ниту гламурозен.

Пишува: Мартина Силјановска, фриленс писателка, психолог

Извор: ХОПС