[Став] Слободниот говор е под напад, од Пекинг до Истанбул

Каде и да погледнеш, слободниот говор е под напад. Во Кина, независен новинар исчезна на аеродром, а е само еден од многуте кои се приведени, цензурирани и заплашувани. Во Египет, италијански студент кој истражува за неговиот докторат на Универзитетот Кембриџ беше пронајден измачуван и убиен, а стотици блогери и активисти се приведени.

Во Турција, двајца значајни новинари се осудени на пет години затвор поради објавување на сторија за тајните испораки на турско оружје во Сирија, додека двајца други добија двегодишна затворска казна поради печатење на карикатури од Шарли Ебдо. Од 2014 година, 1845 тужби биле поднесени против луѓе кои го „навредиле“ Реџеп Таип Ердоган.

Наредбите на претседателот пристигнаа и до Германија, каде владата за жал одобри судење против комичарот Јан Буерман, бидејќи прочитал сатирична поема за турскиот претседател. Во Полска, добропознати новинари исчезнуваат преку ноќ од државната телевизија, за да бидат заменети од презентери кои се поподложни на сега владејачката Партија на законот и правдата.

Дури и во Британија, интерпретацијата на Агецијата за имиграција, борба со тероризам и трговија (Home Office) на новите закони за борба со тероризмот го загрозува слободниот говор на универзитетите. Има и сериозни стравови за независноста на ВВС, особено ако владата добие право да назначи половина од бордот, како што беше предложено денес во службениот весник.

За мене, ова глобално назадување на слободниот овор е особено депримирачко. Почнав да работам на книга за слобода на говор пред околу 10 години, а во изминатите пет водам веб страница на 13 јазици – freespeechdebate.com, базирана на Универзитетот Оксфорд, која ги анализира проблемите на слободата на говор низ светот. Ги познавам лично некои од луѓето кои моментално се осудени, а во повеќето места нештата станаа уште полоши. Мал, но забележлив индикатор е и растечкиот број на луѓе кои пишуваат за веб страницата под псевдоним.

Во старите добри денови во 2012 година, можев да зборувам отворено за нашиот проект за слобода на говор во кафе-книжарница во Пекинг. Минатата година, истиот сопственик на кафе-книжарницата исплашено ме замоли да ги избегнувам чувствителните теми, иако зборував за моја книга официјално објавена во Кина. На конференција за кинеските онлајн медиуми слушнав уредник по име Џиа Џиа како зборува за неговите обиди да обезбеди квалитетно новинарство, и покрај добропознатите ограничувања. Подоцна, Џиа Џиа ми прати мејл и ми кажа дека се преселил во Хонг Конг. Да, добро погодивте: тоа е новинарот кој исчезна на денот кога требаше да замине од Пекинг до Хонг Конг, беше приведен и испрашуван повеќе од една недела.

Пред пет години одржав јавен настан со египетски блогери, активисти за човекови права и академици, во амфитеатар во близина на плоштадот Тахрир во Каиро, каде Арапската пролет расцути една година претходно. Многумина се сега приведени, замолчани или во бегство. Фотоновинарот познат како Шокан е во притвор речиси три години, а треба да оди на судење наредната недела, соочувајќи се со можна смртна казна. Своето емоционално писмо од затворот го заврши со зборовите „ПРОДОЛЖЕТЕ ДА ВИКАТЕ, НОВИНАРСТВОТО НЕ Е КРИМИНАЛ“, со големи букви.

Исто така, назад во таа далечна 2012, одржавме панел дискусија во Истанбул, каде се уште имаше надеж дека владејачката партика ќе се врати во потолерантната и проевропска форма од нејзините почетни години на власт. Новинарите и академиците кои зборуваа слободно тогаш, сега се соочуваат со лути толпи поттикнати од партијата, затворање или преземање на водечките весници, апсење и осудување. Еден од нив, Џан Дандар, уредникот на Cumguriyet, доби закани од маж со пиштол пред судот, кој го осуди на повеќе од пет години затвор. Затоа, сега држиме панел за слободен говор во Турција, не во Истанбул, туку во Оксфорд, каде побегна поранешниот уредник на затворениот весник Радикал.

Очигледно е дека настаните во Полска не можат да се споредат со тие во Турција, а уште помалку со тие во Египет или Кина. Но, според унијата на полските новинари, повеќе од 140 новинари биле отпуштени, принудени да дадат отказ или ставени на пониска позиција откако Партијата на законот и правдата стапи на власт минатата есен. Јавниот телевизиски сервис е преименуван во национална телевизија, и дава многу повеќе простор на страната на владата. Позицијата на Британија е подобра од таа на Полска, но најновите реформи се закануваат на уредничката независност на ВВС.

Има многу одделни каузи за овие регресии, но заедно сочинуваат еден антилиберален бран. Што можеме да направиме? Внимавајте. Викајте гласно. Бидете сигурни дека имате слобода на говор дома. Поддржувајте ги оние кои ја бранат во многу полоши услови во странство. Мојата нова книга, „Слобода на говор: Десет принципи за поврзан свет“, ги идентификува клучнте боишта и претставува листа на основни либерални принципи низ светот кои можеме да ги соединиме, без разлика дали заканата доаѓа од авторитарна влада, приватна супермоќ како Фејсбук или засебни тролови на интернет.

А што прави за тоа прашање британската влада? Ништо. Дандар, тускиот уредник кој се соочува со пет години затвор, дознал дека го пишувам ова, и ми прати мејл: „За време на целава оваа сага, особено го привлече моето внимание тоа што британската влада претпочита да не изусти ни еден збор. Ова е срамно за владата на една земја, која се гордее со демократијата“. Се сомневам дека неговите колеги во Русија, Кина и Египет се чувствуваат исто.

Минатата година постојаниот секретар на Министерството за надворешни работи рече на Домот на комуните дека човековите права „не се едни од нашите најголеми приоритети“. Сега, извештај од тој комитет забележува дека „иако министерот цврсто го одби предлогот министерството да не ги направи приоритет човековите права, пишаните докази кои ги добиле индицираат дека има перцепција дека ова се случило“.

Време е британската влада да ја поправи оваа перцепција. Оние кои се борат за слобода на изразување низ светот треба да забележат поголема поддршка од земјата на Џон Милтон, Џон Стјуарт Мил и Џорџ Орвел.

Пишува Тимоти Гартон Еш, историчар, политички писател и колумнист на Guardian