[Став] Силата на една бегалка од Авганистан

Се викам Маријам и доаѓам од Авганистан. Животот во Авганистан е тежок за многу жени поради културолошките и општествените норми, токму поради тоа и си заминав. Кога имав 15 години, моите родители ме омажија за човек којшто имаше 37 години. Не го сакав, но родителите ми рекоа: ,,Ќерко, богат е, ќе се грижи за тебе. Мораш да се омажиш за него.” Немав никаков избор во тоа.

Но тој не се грижеше за мене. Секако, беше богат и “бев згрижена” во смисол дека имав храна и кров над глава, но тој беше насилен кон мене. Тогаш имав само 15 години. По некое време, сртетнав друг човек во којшто се заљубив и побегнав со него. Моето семејство прекина контакт со мене, како и мојата заедница. Веќе со години не зборуваме со нив. Се плашев од поранешниот сопруг и немав на кого да се потпрам – па така, мојот партнер и јас решивме да си одиме од Авганистан и да најдеме место каде ќе бидеме прифатени.

Имам две бебиња со мојот втор партнер, едното се роди во камп во Грција, а другото се  роди во камп во Србија. За жал, животот со мојот втор партнер стана пеколен. Дали поради фрустрацијата од постојано живеење во кампови или општо, тешкиот живот како бегалци, и тој стана насилен кон мене. Немам образование и тој не ме поддржува да се стекнам со образование. Без образование, не можам да најдам работа. Без работа, не можам да го напуштам, поради тоа што финансиски зависам од него.

Првично, сакавме да одиме во Германија., затоа што знам дека нашите човекови права се загарантирани таму. Но границите се затворени. Па еве ме, назад во Македонија и планирам да се вратам во Грција. И покрај тоа што условите овде се тешки понекогаш, Македонците коишто ги сретнав беа многу љубезни со мене. Табановце е мирно место, ме смирува, но планирам да се вратам во Грција и да барам азил таму, поради тоа што е ЕУ земја и ќе имам поголема заштита таму. Побегнав за да најдам безбедно место каде што ќе бидам прифатена. Мојот живот е тежок од разни аспекти, но ќерките се она поради кое не се откажувам…Благодарна сум што ги имам, тие се дар во мојот живот. Сакам да им го пружам животот којшто јас никогаш не го имав, сакам да им обезбедам образование. Сакам да имаат нормално детство. Тие се она коешто ми дава сила да продолжам.

Приказните се собирани од активисти на Легис и се поддржани од GIZ во име на BMZ.

Ставовите изразени во оваа колумна не нужно се совпаѓаат со ставовите на Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammmenarbeit (GIZ) GMBH.