[Став] Самоиницијативно здружување на средношколци за повеќе култура во формалното образование

Леа Манева

Со голема одговорност зборувам за Арт Хаус Карев (АХК), затоа што зборувам за нешто мое, но, и нешто кое припаѓа и во кое оставиле дел од себе многу генерации пред мене. И сега ми е предадено мене, да го чувам и да се грижам за него, а со тоа ми ја  предале слободата и редот јас да кажам нешто, да пренесам некаква порака, да оставам дел од себе. 

Арт Хаус Карев е средношколска неформална организација во рамки на СУГС „Никола Карев“ и претставува некаков извесен одговор на потребата на средношколците за креативно изразување преку уметностите.

Тоа е тоа што треба да го знаете за АХК. Тоа запамтете го!

Арт Хаус Карев e дел од училиштето „Никола Карев“, што значи дека директно е дел од образовниот ситем и формалното образование.

Сите сме свесни за недостатоците со кои се соочуваме во овој образовен систем. Ги чувствуваме недостатоците на образовниот систем кој не е променет веќе 20 години. 20 години, а поминати се многу генерации.

Или да поедноставам, нас ни е сервирано она потполно истото што го сервирале на ученици кои матурирале пред 20 години.

Ако почнам да зборувам детално за проблемите во образовниот систем, нема да имам доволно време да го оправдам своето присуство овде. Но едно е сигурно, ни фали промена во образовниот систем.

Свесноста за недостатоците ме радува.

Затоа што препознавањето е првиот чекор. Исто како во медицината, прво треба да се даде дијагноза, па потоа да се лекува пациентот.

Имам впечаток дека само зборуваме за недостатоците, без да помислиме дека почетокот на нивното решавање зависи од нас самите, започнува од нашиот двор, и дека не треба да чекаме дозвола, туку да преземеме иницијатива.

Арт Хаус Карев го прави токму тоа, детектира, и реагира на тоа што ни се случува тука и сега, притоа користејќи го најдоброто оружје – уметноста.

И секогаш преку сопствен пример најдобро се покажува. Ќе ви образложам наједноставно:

Ако дефиницијата на тоа што значи систем претставува „Установен, примерен ред во нешто; збир од методи; принцип на организација, уредување или форма на општествено уредување“, тогаш можеме слободно да кажеме дека ние живееме во „несистем“. Дека образованието ни е  во несистем.

Во таков еден несистем со кој секојдневно се соочуваме, учениците од „Никола Карев“ заедно со професорката Емилија Ристановска имаат создадено свој систем, заснован на точно определени принципи, вредности, критериуми, организиран со различни методи.

Свет каде владеат одрeдени принципи, кои после сѐ, се сведуваат на воспитно-морални. Ако ништо друго, се обидуваме да дадеме пример и одреден критериум за квалитет, пример за тоа како може да се функционира во рамките на одредена активност.

И еве што мислам кога го кажувам ова:

Арт Хаус Карев покажува дека може да се живее и работи заедно и со личности кои немаат исти ставови по секое прашање, сите сме рамноправни и заедно можеме да донесуваме одлуки преку разговор, секако поддржан со аргументи, аргументирано дискутирање, и дека не ни е потребен класичен „Лидер“ кој ќе ни наметне што е најдобро. Заедно доаѓаме до одредени одговори, или пак уште подобро, сакаме да поставуваме прашања.

Затоа што прашањата се љубопитност. А тоа е она коешто недостасува во формалното образование.

Мал фонд на часови со уметности, квалитет на предавање, создавање роботи, another brick in the wall.

Ми се наметнува прашањето зошто баш уметноста ја користиме како оружје, со оглед на тоа колку ретко ја сретнуваме во формалното образование. За жал уметностите, без разлика дали станува збор за музика, ликовна уметност, драма, се со најмал фонд на часови.

Секое дете носи во себе еден извесен креативен потенцијал. Добар начин е тој потенцијал да се насочи кон уметноста, затоа што уметноста подразбира слобода, а во исто време и одговорност.

Но, АХК не е само одговор на потребата за изразување, тој е и потреба – од организираност, прецизна јасна организираност, слобода, постоење на морални критериуми, праведност. И со самото тоа потреба од сигурност.

Затоа што тоа се потреби со кои се соочуваме сите ние.

АХК е потреба која ги надополнува недостатоците на образовниот систем воопшто.

AХК е и дом, вентил, поттик за само-откривање, а тоа е добар предуслов за копнеж за промена кон подобро.

Од тоа функционирање помеѓу младите вклучени во АХК, од тој начин на живеење, секако со многу работа, организираност и желба се добива краен резултат – квалитетни настани:

Пред 15 години од сега, во 2008 година почнало организирање на свирки и претстави.

Во 2011 е реализирана првата „Свирложба“ на учениците од јазично уметничко Б, настан кој ги спојува сите уметности. Нестрплива сум за новата свирложба оваа година, на која ќе ни е драго да Ве поканиме.

Во 2018 година е реализирано првото издание на фестивалот „Три дена култура“, фестивал на којшто учествуваат средношколци од Скопје, државата, а имавме и гости од Првата Белградска гимназија.

АХК како платформа и под тоа име е формиранa во 2018 година, иако сѐ што се случувало до тогаш е практично истото.

АХК продолжува со работа, па од неодамна учениците од проектната активност музичка критика започнаа да работат на интересен проект. Полнење на Википедија со информации за македонски рок бендови.

Како дел од таа екипа, дојдовме до заклучок дека проектните активности не мора да бидат само на хартија, туку навистина да се направи нешто корисно, за нас, за земјата од којашто потекнуваме.

Ќе се потрудиме и оваа активност да продолжи да се случува континуирано и во наредните години.

И кога сум кај континуитетот, многу од неформалните спонтани здружувања се соочуваат со тој предизвик. Се појавуваат година, две и потоа замираат од разни реални причини.

Но она коешто го прави посебен Арт Хаус Карев е токму тој континуитет, кој се заснова на верба. Звучи едноставно зборот верба, но е пресуден.

Негување и грижење и почитување на сѐ тоа што се правело претходно.

Карактеристично за секој човек е да мисли дека од него почнува сѐ. Но ние знаеме дека сите ние сме важен дел од една голема слика.

„Директното учество во уметничкиот простор е процес кој подразбира толеранција на различноста, но и развој на љубопитноста. Кога сме толерантни кон различноста можеме да останеме во истиот простор заради љубопитност. На тој начин си ја допуштаме таа привилегија свесно да излеземе од конфорната зона и да сфатиме дека само така вистински се учи и се создава. Тоа излегување се подразбира за сите оние кои се вклучени во тој простор/процес, без разлика на хиерархијата – заради меѓусебна доверба“.

Ова е цитат на професорката која е одговорна за средношколските бендови – Емилија Ристановска.

Пробувалната е место во која работат средношколските бендови на средното училиште „Никола Карев“, поточно оние деца кои ја избрале проектната активност – училишни бендови.

Пробувалната е лабораторијата, но не класична лабораторија, туку лабораторија на духот.

Јас, а верувам и сите други кои се често во пробувалната ја чувствуваат како дом.

И освен на нас, пробувалната е и дом на среќа, доверба, споделување и толеранција.

И да, можеби зборувам субјективно, но дали е можно да се зборува поинаку за својот дом?

АХК е платформа која организира културно-уметнички настани и е место каде преку меѓусебно почитување, рамноправност и порив за пренесување на порака, можеме да бидеме вистински љубопитни и свои, а тој порив да има краен резултат – спремни бендови, режисери, уметници, но најважно спремни луѓе. Пред сѐ луѓе во вистинска смисла на зборот.

А тоа е она што вистински ме радува!

Сите ученици кои биле вклучени во сето ова што се случува во АХК имаат заеднички именител. Секој еден од нив го има она нешто во себе кое го прави посебен – потребата и поривот за подобро.

И да се вратам на темата на ова мое излагање: „Самоиницијативно здружување на средношколци за повеќe култура во формално образование“.

Ако и покрај сложеноста на зборот култура и многуте можни толкувања, го земеме она кое вели дека „културата е процес на прогресивно самослободување на човекот“; и образованието во тезата на Коменски дека „воспитувањето е во состојба да го ослободи детето од ‘природната ограниченост и глупост’ “, а глупоста и незнаењето се извор на секое зло, наша должност е да се бориме против тоа.

Со уметноста, директно во образованието.

Леа Манева, средношколка и дел од Арт Хаус Карев

*Ставот на Манева првично беше изнесен на младинскиот настан за социјален активизам „Engage Youth