Би поставила едно горливо прашање, а тоа е: „Кога ќе ги погледнеме нашите раце, дали кај жената се појавува слика на сунѓер за миење садови или кај мажот слика од алат?”
Кога луѓето се раѓаат со одредени биолошки и физиолошки карактеристики, тоа не ја одредува можноста за подобро чистење во домот или подобро сервисирање на автомобилот. Се раѓаме со одреден пол и како такви општеството „има потреба” да наметне низа на очекувања за тоа како треба мажот и жената да се однесуваат во едно општество. Уште од самото раѓање се стекнуваме со родовите улоги. Со самото распределување на родовите улоги, уште од мала возраст градиме слика за нивното место во општеството и за тоа каде припаѓаме, но колку дозволуваме овие стереотипи да влијаат врз исполнување на нашите желби и соништа, дали потклекнуваме на мислењето и перцепцијата од другите?
Каде се корените на оваа проблематика?
Корените ги наоѓаме илјадници години наназад со што се создава различно перцепирање на улогата на жените и мажите во заедницата. Тргнувајќи од религијата, традицијата, навиките, семејниот модел, литературата, народното творештво, секојдневната пракса. Родовите стереотипи се претходно зацртани социјални и културни модели или идеи со кои на жените и мажите им се доделуваат карактеристиките и улоги кои се утврдени и ограничени според нивниот пол. Родовата стереотипизација претставува сериозна пречка за постигнување вистинска родова еднаквост и се надополнува со родова дискриминација. Ваквата стереотипизација може да го ограничи развојот на природните таленти и способности на девојчињата и момчињата, жените и мажите, нивните образовни и професионални преференции и искуства, како и животните можности кои подоцна ќе бидат пречка при вработување и губење на квалитетните луѓе кои имаат потенцијал и амбиција да ја работат професијата за која се вели дека е „машка или женска професија”. Овие стереотипи ни даваат лажна слика за која понатаму истата ќе се пренесува со генерации и ќе се изгубат сите оние способности кои што ги имаме во себе, само поради „туѓото мислење” кое ни е наметнато.
Чекориме скалила наназад бидејќи особините и активностите кои се сметаат за „женски“ се пониско вреднувани од активностите што се сметаат за „машки“. Активностите кои ѝ се наметнуваат на жената се веќе однапред потценети и омаловажени, бидејќи жената се смета за понежен пол а се занемарува фактот дека при вработување потребно е лицето да допринесува за својата професија, а не да се гледа дали е маж или жена. На поширок општествен план ова се манифестира во пониско вреднување на професиите кои заедницата ги смета за доминантно женски, извлекување на моќта од областите во кои работно пробиваат жените, до ниво на изложување на потсмев на мажите кои ќе прифатат некоја од „женските“ улоги или професии.
Полот е факт на човековата биологија, меѓутоа родот не е. Поимот „род“ се употребува за да се опишат сите општествено зададени карактеристики, улоги, активности и одговорности кои се поврзуваат со тоа што значи да се биде маж или жена во дадено општество. Девојчињата и момчињата не се раѓаат со знаење како треба да се облекуваат, зборуваат, размислуваат или реагираат. Од моментот кога едно момче или девојче ќе се роди тие се третирани на различен начин, на пр. женските бебиња се облекуваат во розево, а машките бебиња во сино, девојчињата си играат со кукли, а момчињата со автомобили и пиштоли. Ова се само општествени „норми“ и тие можат да бидат променети.
Според истражувањата на Хелсиншкиот комитет за човекови права велат дека огласите за вработување се најчест пример за полова и родова дискриминација, кога има експлицитно барање за вработување на маж или жена. Се бараат на пр. хигиеничарки или негувателки, што значи дека се бараат жени затоа што тие се оние што чистат и чуваат. Еден хотел барал жена за работа во кујна, која требало да биде на одредена возраст и да е мажена, со објаснување дека помладите жени кои не се мажени, излегувале до доцна и не можат да стигнат на работа. Решението е во тоа што ако некој човек има желба за работа, сака да напредува и да се надоградува нема да има проблем при прифаќање на работните задачи.
Листа на доминантни машки и женски професии низ светот
Жени во „машки професии”
- Aдвокати: 48%
- Ветеринари: 48%
- Комерцијални и индустриски дизајнери: 48%
- Маркетинг менаџери: 47%
- Оптометристи: 43%
- Менаџмент аналитичари: 43%
- Менаџери за продажба: 43%
- Продуценти и режисери: 42%
- Хемичари: 42%
- Тренери: 41%
- Приватни детективи и инспектори: 41%
- Медицински техничари и болничари за итни случаи: 40%
- Финансиски аналитичари: 40%
- Составувачи на тимови: 40%
- Компјутерски системи аналитичари: 34%
- Општи и оперативни менаџери: 33%
- Пожарникари: 32%
- Хирурзи: 31%
- Веб програмери: 31%
- СтоматолозI(општи): 31%
- Главни директори: 28%
Maжи во „женски професии”
- Готвачи (институција и кафетерија): 64%
- Продавачи: 58%
- Фармацевти: 50%
- Администратори за образование49%
- Наставници во основните училишта: 49%
- Бармени: 48%
- Агенти за продажба на осигурување: 43%
- Аналитичари за истражување на пазарот и специјалисти за маркетинг: 42%
- Сметководители и ревизори: 41%
- Писатели: 42%
- Внатрешни дизајнери: 41%
- Фитнес тренери и инструктори: 40%
- Телемаркети: 40%
- Специјалисти за обука и развој: 39%
- Терапевти: 37%
- Менаџери за човечки ресурси: 37%
- Медицински сестри анестезиолози: 37%
- Асистенти лекари: 36%
- Специјалисти за односи со јавноста: 36%
Фактичката положба на жената на пазарот на трудот всушност ја претставува и првата пречка која стои на патот на разбивањето на нерамноправната положба на жената и промената на перцепцијата на жената во нејзината традиционално зададена улога. Тесно поврзан со ова е проблемот на неспорниот јаз во платите меѓу жените и мажите што претставува реалност која тешко пробива до јавноста и многу често се затскрива зад недискриминирачките формулации на законите од областа на работните односи без да се води грижа за сето она што доведува жената да работи на конкретно работно место, да користи поголем број денови за боледување заради грижа за семејството, да не напредува на скалилата на кариерата. И се разбира, секогаш треба да се има во предвид и феноменот на стаклен плафон кој жената многу тешко го пробива, токму заради тоа што кога се работи за различни унапредувања или наградувања и мажите и жените расудуваат врз основа на стереотипи.
Видик на промени
Иако сèуште има простор за подобрување во однос на изнаоѓање рамнотежа, потребно е да се има помала родова пристрасност кога станува збор за вработување и избор на кариерните патеки. Не можеме да ја промениме околината, но можеме да почнеме со промена од себеси за потоа истата да биде прифатена и од другите луѓе кои се околу нас. Не можеме да очекуваме дека веднаш стереотипите кои што се длабоко вкоренети во поголемиот дел од популацијата ќе се променат. Да се има рамноправност во професиите значи и намалување на степенот на невработеност, а со тоа се зголемува квалитетот на животот и се обезбедуваат еднакви можности за сите. За нешто да се промени потребно е свесно делување од почетни точки каде што ќе се смени дебалансот во позицијата на жените и мажите. Не треба да се прави разлика помеѓу машки и женски професии. Напротив, квалификациите и вредноста на секој поединец треба да се базира исклучиво врз професионализмот, законското постапување, степенот на компетентноста, вештините за пренесување на знаење преку обуки и високото ниво почитување и зачувување на интегритетот!
Пишува: Лела Радуловиќ
Извор: Сервис млади