[Став] Приказната помеѓу два-три потписи

На 4 јули 2016 година, во рамки на Самитот на Западен Балкан, премиерите на шестте земји потписнички на Меѓународната спогодба за воспоставување на Регионалната канцеларија за младинска соработка за Западен Балкан, заедно со 150 млади, присутни исклучиво како декорација за младинско учество, со шест „чкртки“ на парче хартија и еден куп фотографии, официјално се воспостави Регионалната канцеларија за младинска соработка на Западен Балкан (РИКО).

И така, со шестте „чкртки“ на парче хартија, официјално во Македонија стартуваше циркусот наречен „Формирање на Регионалната канцеларија за младинска соработка на Западен Балкан“.

Договорот гарантираше дека Управниот одбор на ова тело ќе биде сочинет од по еден претставник на институциите и еден претставник на граѓанскиот сектор, односно младите, од секоја од земјите потписнички. Договорот го гарантираше начинот на избор на претставникот на институциите, но не и начинот на избор на претставникот кај младите.

Агенцијата за млади и спорт, заедно со дел од граѓанските организации од Македонија, го договорија процесот за избор на младински претставник во Управниот одбор, кој навидум изгледаше навистина транспарентен, легитимен, легален и инклузивен. За жал, многу набргу овие термини станаа само предмет на толкување од страна на Агенцијата.

Во текот на процесот, работната група се соочи со низа предизвици и голем број на неправилности, главно детектирани од дел од претставниците – членови на работната група а воедно и членки на Националниот младински совет на Македонија, кој дури и приготви детален извештај за целокупниот процес.

Дел од младинските организации, кои со свои претставници се дел од работната група, на различни начини се обидоа да го изразат своето незадоволсто кон ваквиот процес, но како и обично „кучињата лаат, караванот си врви“.

И покрај барањата на дел од членовите на работната група да се регулираат сите нерегуларности пред да се направи избор на младинскиот претставник, Агенцијата за млади и спорт распиша конкурс за кандидати за младински претставник во Управниот одбор на РИКО. Со ова Агенцијата повторно покажа дека нема слух за организациите кои навистина се залагаат за младинските прашања во Македонија.

На 13 септември 2016 година, се одржа средба за избор на младински претставник, врз основа на јавниот повик за кандидати. Иако средбата беше закажана само еден ден порано, на истата присуствуаа 50 членови, од вкупно 67 членови.

Бидејќи во изминатиот период, Агенцијата ги игнорираше барањата на дел од членките да се одржи состанок, истите тие членови побараа можност повторно да ги посочат нерегуларностите на самиот процес и да отворат дискусија за истите. Ваквото барање беше грубо отфрлено.

На инсистирање на фасилитаторите на средбата, претставници на Агенцијата, се спроведе гласање, без прочистен избирачки список, без да им е одземено правото на глас на институциите, иако дел од членовите на работната група неколкупати потенцираа дека младите, без институциите, треба да го изберат својот претставни, без да се отстранат од работната група организациите кои во својата тековна состојба се со статус неактивни, без ливчиња обележани со печат на АМС и без услови за спроведување на тајно гласање.

По завршувањето на првиот круг на гласање, ниту еден од кандидатите не го доби потребното мнозинство. Вториот круг на гласање не беше спроведен бидејќи, по заминување на дел од членовите, работната група го немаше потребното мнозинство за одлучување.

Со ова, уште еднаш се покажа важноста од надминување на сите нерегуларнсти и воспоставување вистински процес кој ќе гарантира вистинско младинско учество во изборот на младинскиот претставник во Управниот одбор на РИКО.

Но, и покрај овој неуспешен обид, кој претставува индикатор на успешноста на целокупниот процес, Агенцијата се уште не покажува отвореност за дијалог за надминување на предизвиците со кои се соочува работната група.

Имено, АМС, веќе следниот ден распиша нов повик за кандидати за младински претставник во Управниот одбор на РИКО, без притоа да ги консултира, ниту информира, членовите на работната група. Истиот повик, кој требаше да заврши на 21 септември, беше продолжен до 14 октомври, веројатно поради слабата заинтересираност на младите да се кандидираат за младински претставник, запознаени со процесот за избор. Сите прашања и грижи поврзани со овој процес, се уште лебдат во воздухот и не се чувствува клима за решавње на истите.

Ова не е прв ваков случај кога станува збор за прашањето за Регионалната канцеларија за младинска соработка. Инклузивноста и транспарентноста во Македонија се ставени под знак прашалник уште од почетокот на иницијативата за формирање на Регионалната канцеларија.

На минатогодишниот самит за Западен Балкан одржан во Виена, Австрија на 27 август 2015 година од страна на премиерите на Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово, каде беше потпишана Меѓународната спогодба за воспоставување на Регионалната канцеларија за младинска соработка за Западен Балкан, од секоја држава беше побарано да номинира по двајца претставници, еден претставник на институција и еден претставник на граѓанскиот сектор, односно на младите, кои ќе бидат дел од работна група која заклучно до март 2016 година ќе разработи механизам и ќе даде предлог за воспоставување на канцеларијата.

Институциите си го избраа својот претставник, младите баш и не. Повторно, како и во низа други наврати, друг, во име на младите, го избра нивниот претставник. И сега, при изборот на младински претставник за член на Управниот одбор на Регионалната канцеларија, историјата се повторува!

Инклузијата и транспарентноста не се предмет на толкување!

Институциите мора еднаш за секогаш да разберат дека младите и младинските организации се способни да одлучуваат за прашањата кои нив ги засегаат. Невозможно е да зборуваме за инклузија и младинско учество се додека институциите демонстрираат глувост кон младите и затвореност за соработка.

Како и други прашања, и ова прашање ќе биде затворено со потписот на Директорот на Агенција за млади и спорт на одлуката за избор на младински претставник. Иако е важно да се се избере кандидат кој во целост ќе ги застапува интересите на младите од Македонија во рамки на Регионалната канцеларија, она што е поважно е каква е приказната помеѓу двата потписа.

Илија Станкоски, потпретседател на невладината организација Младите Можат