[Став] Политичка дискриминација при работни односи

Ѓорѓи Рајчиноски

Дискриминацијата во својата суштина е секое правење на разлика, неповолно и нееднакво постапување, искористување, ограничување на колективните идентитети на луѓето, со што се загрозува или оневозможува спроведувањето и заштитата на човековите права врз основа на различни дискриминаторски основи.

Според Европскиот суд за човекови права, дискриминаторска основа претставува: „лична карактеристика (статус) според која лицата или групите на лица се разликуваат едни од други.

Една од дискриминаторските основи, која што во моментов е најпрактикувана во нашата држава, е политичката припадност, со нејзиниот подвид, партиска припадност. Во период кога и меѓународни фактори укажуваат на недемократичноста на РМ и узурпација на јавните институции од страна на владејачките структури, меѓутоа и на приватниот сектор, политичката, односно партиската дискриминација е најзастапена во работните односи, како во засновувањето, така и во текот на работниот однос, но и за прекинување на работните односи.

Кога се говори за политичка припадност, се мисли на поврзаноста на индивидуата или групата со одредена политичка или партиска опција. Толкувањето во овој дел мора да оди пошироко од формалната поврзаност (членство во политичка партија или друга организација) и да ја опфати и неформалната поврзаност односно да ги опфаќа и имањето на определени мислења и ставови и изразувањето на истите.

Политичката дискриминација најчесто се  појаснува преку правото на слобода на изразување, а работните односи се областа каде што овој вид на дискриминација се појавувува најчесто. Тоа го потврдуваат и бројните судски случаи кои се воделе пред ЕСЧП, како и Судот на правдата на Европската Унија (понатаму СПЕУ).

Во однос на правната рамка која што ја опфаќа регулацијата на дискриминацијата, вклучително и политичката дискриминација, можеме да се пофалиме дека формално имаме солидна регулатива.

Имено, Уставот на РМ, во членот 7, ја дава основата на еднаквоста во слободите и правата на сите граѓани без разлика на полот, расата, бојата на кожата, национално и социјално потекло, политичко и верско уверување, имотна и општествена положба.

Законот за работни односи е првиот законски текст во кој, на некој начин се уредува дискриминацијата. Она што е особено важно во делот на правната заштита е во тоа што, во случај на спор, доколку кандидатот за вработување или работникот изнесе факти дека работодавачот постапил спротивно на членовите 6 и 9 од Законот за работните односи, товарот на докажување паѓа на работодавачот.

Пристапувајќи кон сеопфатно решение за регулирање на дискриминацијата, нашиот законодавец, во 2010 година донесува Закон за спречување и заштита од дискриминација. Она што е особено важно е тоа што со овој Закон за првпат се предвидува Комисија за заштита од дискриминација како вонсудско тело кое треба да одлучува по претставки поднесени од граѓаните кои се жртви на дискриминација, безразлика на дискриминаторскиот однос.

Во однос на меѓународните документи кои се однесуваат на заштитата од дискриминација, како најважни за нас се издвојуваат  Универзалната декларација за човекови права, како и Европска Конвенција за заштита на човековите права со Протоколот 12 кон истата кој се однесува исклучиво на дискриминацијата.

Институционалната рамка опфаќа неколку механизми низ кои може да се бара заштита од дискриминација.

Како прв механизам се издвојува Комисијата за заштита од дискриминација, која е самостоен и независен орган која работи во согласност со Законот за спречување и заштита од дискриминација. Постапката за спречување и заштита од дискриминација пред КЗД, лицето кое смета дека претрпело дискриминација, ја започнува со поднесување на претставка, писмено или усно на записник, без плаќање на такси и надоместоци. Рокот за поднесување на претставка е три месеци од денот кога била сторена повредата или најдоцна една година од дознавањето за актот на дискриминација, но Комисијата може да води постапка и по истекот на рокот кога се работи за случај за кој би било неопходно и целисходно да се води постапката.

Анализирајќи ги годишните извештаи за работа на КЗД (2011-2015 година) кои што во моментот на пишување беа јавно достапни, можеме да согледаме покачување на бројот на поднесени претставки до Комисијата до 2014 година, за во 2015 година, бројот на претставки да се намали за околу 30%, односно од 106 во 2014 година, на 70 во 2015.

Со оглед на релативно краткиот рок на функционирање на Комисијата, тешко можат да се изведуваат квалитативни заклучоци во однос на работата. Меѓутоа она што може да се забележи во сите овие години е тоа што политичката дискриминација е застапена во сите години, а во 2011 година со дури 25% од вкупниот број на претставки поднесени до Комисијата. Често, политичката дискриминација е практикувана во однос на работните односи, па така во 2013 година, сите претставки за политичка дискриминација биле поврзани со работните односи.

Народниот правобранител е исто така важен механизам во делот на антидискриминацијата. Тој е орган на РМ кој ги штити правата на граѓаните и на сите други лица кога им се повредени со акти, дејствија и пропуштања на дејствија од органите на државната управаи од органи и организации кои имаат јавни овластувања. Народниот правобранител презема мерки и дејствија за заштита на начелата на недискриминација. Постапка за заштита на правата на граѓаните пред Народниот правобранител се покренува со поднесување на претставка. Народниот правобранител може да покрене постапка и по сопствена иницијатива доколку оцени дека на граѓаните им се повредени уставните и законските права. Народниот правобранител е должен по претставката да постапува совесно, ефикасно и одговорно, а постапувајќи по претставката може да не покрене постапка, да покрене постапка или да ја запре или прекине постапката.

Годишните извештаи за работата на Народниот правобранител (2012 -2015) укажуваат на особено внимание на Народниот правобранител во однос на дискриминацијата. Во 2012 година, омбудсманот констатира дека граѓаните сѐ уште во мал број пријавуваат дискриминација, а надлежните институции недоволно водат грижа за суштината на повредите. Делот каде што дискриминацијата е најизразена се работните односи.  Во 2013 година, Народниот правобранител укажува на зголемување на политичката дискриминација, додека граѓаните продолжуваат да не го препознаваат овој вид на дискриминација и поради неинформираноста, најчесто не реагираат до соодветен орган. Народниот правобранител и во 2014 година продолжува со активна борба против политичката дискриминација и во оваа година постапувал против политичка дискриминација, која во органи на локална самоуправа, како и други јавни институции се појавувала во облик на психичко вознемирување.

Она што може да се извлече од анализата на периодот на работа на омбудсманот до 2015 година е тоа што укажува на континуирано зголемување на политичката дискриминација во работните односи на јавната администрација, особено кон лицата кои не се согласуваат со ставовите на владејачката партија, при што се изложени на вознемирување на работното место.

Исто така, не се испочитувани препораките на Народниот правобранител, кој од година во година упатува на поголема едукација и информираност на граѓаните на РМ во однос на препознавањето и справувањето со дискриминацијата, како и подобрување  на судските и вонсудските постапки, како и на целокупната правна рамка која ја регулира оваа област.

Судската заштита во однос на дискриминацијата е исто така предвидена во Законот за спречување и заштита од дискриминација. Во судската постапка соодветно се применуваат одредбите од Законот за парнична постапка, а постапката е итна што дополнително говори за тежината на оваа област. Она што е специфично кај оваа постапка е товарот на докажување. Имено, доколку странката тврди дека е повредено нејзиното право на еднакво постапување и ги изнесе сите факти  и докази кои го оправдуваат нејзиното тврдење, товарот на докажување паѓа на спротивната страна.

Европскиот суд за човекови права е еден од начините на кој се остварува заштита од дискриминација. Целта на неговото основање е да се обезбеди почитување на обврските што страните потписнички ги презеле со пристапувањето кон Европската конвенција за заштита на човековите права. Надлежноста на Судот се  протега на сите прашања во врска со интерпретацијата и примената на Конвенцијата. Секоја страна договорничка може да се обрати до Судот прима жалби од физички лица, невладини организации или група поединци кои се сметаат за жртва на повреда на правата признаени во Конвенцијата што ја извршила некоја од страните договорнички. Судот го прифаќа случајот само откако ќе бидат исцрпени сите домашни правни средства.

Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ е невладина организација чија што цел е почитување, заштита и промоција на основните човекови права и слободи.

Меѓу останатите активност, Хелсиншкиот комитет нуди бесплатна правна помош, меѓу другото и за дискриминација. Во текот на 2016 година, од мај до ноември оваа организација објавува месечни информатори кои дават приказ на тоа колку граѓани се обратиле до Хелсиншкиот комитет за помош, како жртви на одреден вид дискриминација.

Во истражуваниот период, Хелсиншкиот комитет регистрирал 42 случаи на дискриминација од кои 23 се однесувале на дискриминација од сферата на работните односи, што претставува повеќе од половина од пријавените настани.

Од вкупниот број на пријавени случаи, во 10 од претставките дискриминаторска основа била политичката припадност.

ПЕРЦЕПЦИЈА ЗА ПОЛИТИЧКАТА ДИСКРИМИНАЦИЈА ВО РАБОТНИТЕ ОДНОСИ

Со цел да се добие поголема и поконкретна слика во однос на истражуваната област, беше спроведена интернет анкета на која што одговорија 100 испитаници, најчесто студенти, но и невработени, вработени во јавен сектор, вработени во приватен сектор како и вработени во невладин сектор.

Резултатите укажуваат на тоа дека 40% биле жртви на политичка дискриминација. 50% не биле, а 10% од испитаниците не знаат дали биле жртви поради својата политичка или партиска припадност. Меѓутоа, кога се работи за сознание за случај на друго лице кое било жртва на политичка или партиска дискриминација, речиси 80% од испитаниците се изјасниле позитивно. Во однос на тоа дали политичката или партиската припадност влијае врз засновањето на работен однос, само 5,1% сметаат дека не влијае воопшто, за разлика од останатите кои сметаат дека политичката припадност влијае, а на 8,16% директно влијаело врз нивното вработување. Како причина за престанок на работниот однос, политичката, односно партиската припадност ја согледуваат дури 70% од испитаниците, додека 51% ја гледаат како пречка за унапредување на работното место. Доколку би требало да пријават дискриминација, граѓаните на РМ покажуваат неинформираност во однос на институциите кои треба да се грижат за заштита и спречување од дискриминација, па така речиси и да не се споменуваат Комисијата за заштита од дискриминација, Народниот правобранител и судската заштита. Најчести одговори се дека се недоверба во државните институции, неинформираност за тело кое се грижи за заштита од дискриминација.  Хелсиншкиот комитет за човекови права и  Министерството за внатрешни работи се дел од начините на кои би се реагирало во случај на дискриминација.

Дискриминацијата е процес кој не само што трае, туку се развива во нови облици. Како млада демократија, исправена пред многу предизвици, наша должност е успешно да се справуваме со сите облици на дискриминација. Правната и институционалната рамка која ја имаме мора да биде унапредена, а граѓаните да добијат информции за заштита на своите права како во судските, така и во вонсудските постапки. Исто така, изборот на членовите на Комисијата за заштита од дискриминација мора да се ревидира, со што би се добила поголема професионалност,  што би водело и кон поголеми ингеренции на едно такво професионално тело кое треба да обезбедува ефикасна заштита од дискриминација. Партизираноста е клучен проблем кој претставува кочница на функционирањето на државниот апарат и тоа претставува проблем кој мора да го решиме што поскоро.

Ослободувањето на институциите ќе продуцира поголема доверба од страна на граѓаните што ќе биде клучно во изградбата на еден функционален систем.

 

Ѓорѓи Рајчиноски