Да почнеме со најчестата реченица: „Волонтирањето ќе ви го промени животот“. Додадете и уште поважна: Волонтирањето ќе ве научи да се борите за себе си.
Прв пат волонтирав во средно училиште. Гледајќи наназад, сега тоа и не би го нарекла волонтер. Концептот на волонтирањето ми беше непознат. За време на факултет, почнав да учествувам во повеќе активности. Им помагав на странските студенти со аклиматизацијата, откако ќе пристигнат во Чешка. Тогаш моето разбирање за волонтерството се зголеми. Клучната промена се случи кога одлучив да станам ЕВС (Европски волонтерски сервис) волонтер во Македонија. Поминав низ неколку тренинзи. Работев со други волонтери кои доаѓаат од сите страни на Европа, и за прв пат можев да кажам што волонтирањето навистина значи. Подоцна, имав можност да поминам една година како волонтер на Обединетите Нации во Косово. Продолжив да соработувам со други волонтери. Бев дел од проекти чија цел е да се зголеми интересот на младите луѓе во волонтерството. Ова се петте лекции кои ги научив.
Кога зборувам за волонтирање, мислам на волонтирање, а не на експлоатација на работно место
Волонтирањето е „кул“. Експлоатацијата не е. Кога започнав да работам како волонтер, не бев свесна дека постои законска рамка. Не знаев дека имам права и дека не морам да ги прифатам сите дадени задачи како волонтер. Го научив тоа преку искуство. И им препорачувам на сите кои се заинтересирани за волонтирање да ги проверат основите. Ако мислите дека во Македонија не постојат закони за волонтерство, проверете повторно. Овие закони постојат, и има основи врз кои треба да се работи.
Волонтирањето не е за вас. Волонтирањето е за другите (кучиња, мачки, деца, постари лица, за планетата…)
Можете да волонтирате за милион проблеми. Како волонтер, правите нешто неверојатно, но има една работа која треба да ја имате на ум – улогата на другите кои учествуваат во вашата волонтерска работа. Волонтирањето не е за вас, туку за нив. Кога волонтирате, правите нешто што сметате дека е важно и значајно. Им давате на време на луѓето кои работат со вас, а тие назад ви го даваат и нивното време, и нивната доверба. Ако мислите дека не можете да продолжите со волонтерската работа на истото место, не ветувајте дека ќе го сторите тоа. Кога барав ЕВС проект, решив да не се вложувам во проекти кои се претежно фокусирани на работа со деца. Знам дека не би се чувствувала удобно и не би знаела што да правам со нив. Бев сосема искрена за тоа за време на моите интервјуа со ЕВС. Ми помогна да најдам место за волонтирање во кое уживав и кое не ме стави во ситуација која не би ми се допаднала. Секако, моите можности да најдам работа преку ЕВС се намалуваа и требаше да им праќам многу мејлови, но дефинитивно се исплатеше. Исто така, додека работев со волонтери сфатив дека е важно луѓето да знаат што значи да си доброволец и зошто се решаваме на тоа. Да се има одговор за овие прашања помага да се најде место за волонтирање кое навистина носи промени за сите кои се вклучени.
Волонтирањето ќе помогне во решавање на проблемите, но не на вашите
Волунтаризмот и волонтирањето се меѓу клучните европски приоритети. Програмите како Европскиот волонтерски сервис се отворени и за луѓе од Македонија. Тука се запознав со многу млади луѓе кои го гледаат ЕВС како шанса да побегнат од државата. Запознаена сум со состојбата во Македонија и го разбирам искушението и потребата да се напушти земјата и да започнат ново поглавје на друго место. Од друга страна, ако барате начин како да раскинете со момчето/девојката, да се оттргнете од родителите или политичката состојба, размислете два пати пред да потпишете договор за волонтирање и да започнете да волонтирате во национален парк, дневен центар или училиште. Доброто чувство од „бегањето“ ќе трае кратко, а потоа ќе треба да работите за проблеми кои можеби не ви се важни. А тогаш, прашањето е: „Дали навистина вреди?“.
Драги родители, учители, возрасни, дозволете им на своите деца или ученици сами да решат дали сакаат да волонтираат
Верувам дека волонтерските активности треба да бидат дел од образованието. Јас научив корисни нешта на училиште, но но и преку реконструкција на еврејски гробишта, преведување за студент од Јапонија, пишувајќи статии или организирајќи настани за време на ЕВС проектите на кои волонтирав. Истовремено, верувам дека тоа не треба да се форсира. Младите треба да добиваат информации за можностите и да бидат охрабрени да пробаат. Но, од друга страна, нема забава во „задолжителното волонтирање“ во образованието, или настојувањето на родителите. Кога почнав да волонтирам во младинска организација, татко дојде да ме праша за ЕВС. Неговиот план беше да ја прати својата 24-годишна ќерка како волонтер во странство. Кога му кажав дека е подобро ако ќерка му дојде сама за подобро да се запознаеме со нејзините интереси и хобија, тој одговори дека тој знае најдобро што и треба на ќерка му. Волонтирањето не е присилување, сепак треба да биде доброволно.
Волонтирањето ќе ви го промени животот, или барем ќе го направи покомплициран
Започнав со клише реченица: Волонтирањето ќе ви го промени животот. Сега, го пишувам овој став од мојот кауч во Скопје, не во Чешка или во која било друга држава. Па да, би можела да кажам дека волонтирањето ми го промени животот, но претпочитам да кажам дека ми го прави животот и покомплициран. Ако решите да волонтирате, ќе се најдете во секакви ситуации. Можеби нема да имате ништо за правење и ќе чекате со часови за да добиете задача. Можеби ќе бидете засоволни и поддржувани од луѓето околу вас. Можеби ќе се соочите со експлоатација. Се може да се случи. Затоа вреди да се обидете, бидејќи на крај ви дава можност да научите да се борите за себеси и за нештата кои ви се важни.
Илона Олехлова, ЕВС волонтер во Македонија
* Ставот е напишан во рамки на проектот „Градење на следната генерација на млади лидери“ и е поддржан Центарот за меѓународно приватно претприемништво (CIPE).