[Став] Паника околу еколошките проблеми

Во борбата за политички поени, особено во предизборен период, владините функционери имаат тенденција наголемо да споделуваат позитивни резултати од сработеното за темите кои што се најактуелни помеѓу граѓаните, а опозицијата истовремено се бори да ги деконструира тие резултати. Вистината останува заглавена некаде во средина, никогаш неискажана целосно. Ова ги држи граѓаните во состојба на константен флукс од не(до)информираност, каде што во недостаток на вистински информации тие се принудени да се поларизираат и да веруваат на едните или на другите. Резултатот е постојан пораст на недовербата во институциите, што во периодов кулминира со општа паника за проблемите со животната средина.

Со оглед на повеќе-децениското нерешавање на проблемите со животната средина во државава, беше само прашање на време кога тие ќе станат топ тема помеѓу граѓаните. Постепено одминува времето кога квалитетот на животот се мереше само во број на работни места и висината на платата и, иако со задоцнување, влегуваме во новото доба кога луѓето се свесни дека пошироката околина во која што живеат подеднакво (ако не и повеќе) им влијае на животот како и домашните услови.

Неизбежно беше и медиумите да почнат да фаќаат чекор со ваквиот тренд. Всушност, тие секогаш ги пласираат типот на информации што се актуелни и се бараат од читателите/гледачите, независно дали се тоа податоци за квалитетот на воздухот или снимки од одморот на некоја инстаграм инфлуенсерка. Но, во моментов има таква густа џунгла од секакви медиуми, што тие за да привлечат поголема публика се повеќе пристапуваат кон споделување на сензационални вести кои што се базираат на полу-вистини или недоистражени информации. Ваквите вести оставаат многу простор за толкувања и шпекулации, го продлабочуваат неразбирањето на проблемите и ги подгреваат очекувањата дека проблемите мораат и можат да се решат сега и веднаш. Ова, пренесено во подолг временски период, создава паника кај граѓаните која што не е неоправдана, но е погрешно насочена и не оддалечува од решенијата. Но, дали вината за ова е целосно кај медиумите?

Иако медиумите имаат морална одговорност да пренесуваат вистинити и непристрасни информации, тие не се оние што располагаат со изворните информации и во голема мера зависат од тоа што им е пренесено и презентирано. А за да бидат во тек со тоа што се бара на медиумскиот „пазар“, тие едноставно пристапуваат кон објавување на тоа што им е на располагање. Прашањето кое самото се поставува во оваа ситуација е каде се тука носителите на информациите што во конкретниов случај за информации поврзани со животната средина се најчесто државните институции. Одговорот е, за жал, поразителен. Информациите што ги презентираат институциите најчесто повторно се некомплетни, недоискажани, прилагодени на одредена политичка агенда и – повторно, оставаат простор за шпекулации.

Искреноста никогаш не била нешто што се поврзува со политиката, но во време кога луѓето имаат пристап до бесконечен и нефилтриран извор на секакви информации, таа станува неопходност. Ова е така затоа што мораме прво сами пред себе да бидеме искрени за длабочината на проблемите со животната средина за да можеме правилно и систематски да ги решаваме. Само целосно вистинити информации, проследени со непристрасно објаснување за тоа како тие да се толкуваат, можат да ја прикажат вистинската слика за проблемите пред сите граѓани. А само доколку сите ја имаме вистинската слика за проблемите, ќе можеме да почнеме да ги решаваме на вистински начин, но и да градиме доверба во процесот на нивното решавање.

Изјавите од типот „најдобри сме во регионот“, „подобри сме од минатата година“, „подобри сме од минатата влада“ и слични се политични изјави и не се во горе-опишаната насока. Подобри сме од минатата година не е изјава што покажува резултати од имплементација на долгорочни стратегии со мноштво активности. Оваа изјава не покажува тренд на подобрување кој што се мери во период од повеќе години како што и правилно треба да се оценува решавањето на комплексни проблеми. Оваа изјава единствено придонесува кон потценување на проблемите и кон барањата на граѓаните проблемите да се решаваат преку ноќ дури и кога тоа не е возможно. А кога тоа нема да се случи, довербата кон институциите паѓа под ниво од кое што тешко се враќа и луѓето влегуваат во фаза на паника и на лов на вештерки.

Она што очајно ни треба е промена на реториката за прашањата поврзани со животната средина. Треба на сите да им стане јасно дека искреното согледување на проблемите може да донесе само бенефит за сите. Нема ништо лошо во тоа да се признае тоа дека одредени активности не ги донеле потребните резултати и дека треба да се удвојат напорите во иднина. Вака се признава комплексноста на проблемот и се дава должно внимание на мерките што треба да се преземат во иднина. Да, можеби ќе има паника затоа што ќе треба да живееме со последиците од минатите грешки уште неколку години. Но, тоа ќе биде конструктивна паника која што нема да се занимава со барање на виновници, туку ќе се бави со изнаоѓање креативни решенија за повеќе-децениските проблеми со животната средина.

Давор Пехчевски, активист за заштита на животната средина