[Став] Нешто е гнило во државата Финска

Пишува: Димитар Димески

Во последното деноноќие, во јавноста се појавија првите изјави на креаторите на „новиот  концепт на Министерството за образование и наука за основно образование“, кој деновиве ни пристигна како гром од ведро небо. Низ тие изјави, со кои по бурната реакција на јавноста решиле да нè удостојат нашите реформатори, се надевавме дека ќе го добиеме првиот неформален елаборат на т.н. „нов концепт“, односно дека ќе „излеземе од маглата“, која според министерката за образование и наука Мила Царовска се појавила околу овие реформи. Сепак, наместо одговори на бројните прашања кои се поставуваа во јавноста, добивме изјави поради кои ја изгубивме довербата во сопствениот слух.

Имено, во емисијата 360° на ТВ Алсат гостуваа министерката за образование и наука Мила Царовска, заедно со проф. д-р. Виолета Петроска-Бешка (професор на Институтот за психологија при ФЗФ) и Ајше Ајрулаи (советник во Биро за развој на образованието), кои работеле на „концептот“. Во интервјуто покрај изобилството на флоскули,  добивме уште една потврда за некомпетентноста на членовите на работната група и нивниот недостаток на елементарно познавање на проблематиката, во која гордо се претставуваат како реформатори. Имено, во една реплика, која наликуваше на борба на човекот со речениците и меѓусебно спротивставените тези, професорката Бешка призна дека не е „толку стручњак за историја“, но истовремено истакна дека е „многу јасно дека историјата треба да се учи заедно со граѓанско образование и географија“. Својата компетентност од областа на историјата уште еднаш ја потврди со исказот дека немало потреба од хронолошко проучување на историјата, со што им зададе „сериозен удар“ на посебните дидактички принципи во методиката на наставата по историја, но и на целокупната светска историска методологија. Сериозни аргументи за овој голем пресврт во методиката на наставата по историја очекувано не слушнавме, а низ оваа мала екскурзија на професорката во проучувањето и репродуцирањето на историјата, се потврди оправданоста на сомнежите во компетентноста на членовите на работната група, која го подготвувала т.н. „концепт“.

„Долгиот“ и „сложен“ процес низ кој се дошло до овие реформи по фински терк, пак, го објасни министерката Царовска уште претходно, во нејзиното гостување на телевизијата Сител, каде таа истакна дека на тимот на МОН му биле потребни 100 дена, за од корен да го промени македонскиот образовен систем во основното образование. Ваквата молскавична промена на образовниот систем, пак, се должела на веќе собраните информации од терен, при што само се чекало да дојде времето за промени. Во процесот, кој министерката го опиша како „многу транспарентен“, биле вклучени 13 експерти и професионалци. Притоа, очигледно не била забележана потреба ниту да се информираат, ниту да се консултираат други експерти, посебно од фелата на науките кои се директно засегнати од овие промени. Ваквиот начин на носење на реформите веднаш упатува на сомнеж дека зад реформите се крие нешто друго, нешто кое не е поврзано со подобрувањето на основното образование во земјата. Нешто е гнило во државата Финска.

Образованието не само што ни дава основни знаења за Светот околу нас, туку и го детерминира нашиот светоглед, односно развива во нас перспектива за настаните околу нас. Тоа помага за градење на вистински вредности и ставови кај учениците за различните ситуации, со кои еден човек се среќава во животот. Ваквите избрзани и непромислени потези во основното образование, донесени без широка и ефективна дебата, можат да предизвикаат сериозна штета во развивањето на идните генерации ученици, а со тоа и во нашиот целокупен развој како нација и држава. Затоа образованието на нашите деца треба да ни биде на прво место, господа политичари и реформатори.

*Димитар Димески е студент на втор циклус студии на Институтот за историја при Филозофскиот факултет – Скопје со просек 10.00 на додипломските студии по историја на УКИМ