[Став] Немој да го будите џинот Водно, ќе има да нè нема!

Си бил еднаш јунак кој победил злобен волшебник, а потоа легнал на густата трева да поспие. Од неговата пот избиле кладенци бистра вода, а неговото тело по некое време се сторило планина која луѓето ја завикале Водно. Таму каде што го положил копјето се сторил еден висок срт, долг и тенок како копје. Секаде каде што копјето било допирано од рацете на јунакот, по сртот израснала вегетација. Денес, погледнато оддалеку – Водно прилега на заспан џин. 

Легендата за Водно пак ја слушнав од сертифициран туристички водич низ Скопје. Бевме група луѓе, од земјава и од „Странција“. Се шетавме низ главните обележја. Гостите будно го следеа водичот, им раскажуваше за уникатната можност на скопјани – да живеат во главен град со таков природен заштитен простор како Водно, речиси во центарот. Ретко пријатна околност!

Водичот не спомена за уништувањето и узурпирањето на оваа наша „белодробна оаза“. Не кажа дека Водно е сега еден распростран шумски фонд, а функционира како оксиморон – заштитена незаштитена Парк-шума. Водно е непресушен извор на градежни апетити, иако е регистрирано природно наследство. Дека теренската, физичка граница постои единствено во мислите, ја нема, а студиите и документите за валоризација и заштита служат како алиби во кампањи. Толку.

Водичот не кажа дека е планирана гасоводна траса, која би минала низ четири километри високостеблеста шума. Дел и низ нискостеблест предел, и би уништила живеалишта на значајни видови. Ќе ги снемува.

Наместо тоа, водачот спомена дека Водно има шаренолик биодиверзитет. Еко-системот е регулатор на градската клима. Водно е дом е на 124 регистрирани видови на птици, 19 врсти цицачи, осум вида на влечуги и два типа на водоземци. Меѓу видовите е и скакулецот Poecilimon vodnensis кој живее само на Водно, но и растението Fritillaria gussichiae обележано во разни листи од Светската црвена листа на видови кои исчезнуваат, како и значајни видови печурки.

Архивска фотографија од протестите на иницијативата „Спас за Водно“

Наместо за гасоводот, водичот не’ потсети дека покрај заштитната улога, Водно има и спортско-рекреативна и културна улога. Исто така, шумата низ времето станала политички приоритет. Особено по 1951, кога поплавата одзеде човечка жртва при пробив на облак над планината. Поплавата била закана за околните куќи и, секако, за Клиничкиот центар. Уште тогаш, една од мерките за да не се повтори ова била да се пошумат старите, но и да се изградат нови собирни канали на Водно, со што би се регулирал секој евентуално настанат порој.

Водичот не кажа ниту за состојбата со доловите. Дека се прошируваат парцели и „никнуваат“ патишта, објекти, а се повеќе ги снемува дрвјата и таканаречените поројни бразди, природни одводи-амортизери на брзината на дождовната вода.

Наместо тоа, водичот се наврати на ударничките акции за пошумување по војната, кога се агитирало против индустријализација. Првото официјализирање на Парк-шумата „Водно“, 1976 година, е само логичен продолжеток од таа „зелена идеја“ за масовна мобилизација и масовно садење. Многумина ќе кажат дека денешната неорганизираност се должи на укинувањето на државниот фонд за пошумување во 1980 година, во чии рамки се предвидувале пари за одгледување садници. Таа „зелена идеја“ претставувала обврска. И одговорност. За идните генерации да живеат без страв од ерозии, порои и масовно црнење бели дробови.

Пробиен пат со будложер низ дол од шумата кај местото викано „Рупи“, над Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле

Водичот направи грешка споменувајќи ја познатата „Водњанска“. Улицата логично произлегува од природното опкружување, името на планината, но сега е преименувана. Ја снема, не постои, заедно со фрустрациите за бришење и преименување на десетици историски моментуми и јавни простори.

Водичот во турата не ја спомена изведбата на 4,4 километри долгиот Регионален пат до Сончев Град во општина Сопиште. За неа Градот Скопје тврдеше дека не издал решение за сеча на зеленилото, а ЈП за државни патишта уверуваше дека располага со сета документација.

Водачот не кажа дека јавноста реагираше и за најавата за изградба на ски-центар на Водно, уште една од какофоничните идеи, во време кога останатите национални ски-центри „плачат“ за дополнителен развој и инфраструктурни инвестиции.

Водачот не спомена дека СЈО отвори истрага за проектот Сончев град, при што постои сомнеж дека бил оштетен буџетот за над 1,4 милиони евра. Злоупотребата, како што тврдат од СЈО, била извршена во Министерството за транспорт и врски.

Туристичкиот водач не објасни дека во изминатива деценија, податоците на ЈП „Паркови и зеленило“ за Водно – се идентични! Нема нови мерења на шумскиот фонд, но, затоа, бројките буквално се препишуваат. Од програма до програма! Секоја година пишува исто: „Површината на парк-шумата Водно изнесува 4.573 хектари, од кои обраснатата шумска површина изнесува 2.168, необраснатата шумска површина (голини и деградирани пасишта) 1.555 и останата нешумска површина (земјоделско земјиште, згради и дворови) 850 хектари“.

Таа годишна програма на „Паркови“, односно тој паушал од бројки, го гласаат советниците на Град Скопје. Секоја година, без разлика на советничкото мнозинство. Одновно и одново.

ЈП „Паркови и зеленило“ од 2010 – 2018 година не бележи никакви промени за зелената површина на Водно, а истовремено сликата на терен е различна

Дополнително, иако Водно е под ингеренција на „Паркови“ од 1988 година, сепак претпријатието има „врзани раце“ за состојбите во шумата. „Паркови“ e нем набљудувач на уништувањето, отколку да може да спречува и санкционира сеча вредна илјадници евра. Во превод – шумарот може да види и пресмета штета во шумата, но записникот нема правна „тежина“. Плус, записниците за штети од физички лица или фирми се врз основа на пазарната цена на дрвото. Еколошката штета не е пресметана – изгубени и непроизведени количества кислород, неапсорбирана прашина, изгубени климатски и екосистемски влијанија итн.

На крајот, туристичкиот водач заборави да каже она што е најактуелно со Водно. Активисти реагираат дека гасоводот на Водно се гради лаички, со избрзан политички волунтаризам. Лаички во смисла на комплетно промашување и неприфаќање на концептите „здравје“ и „животна средина“.

Ако гасоводот е заради повисока цел – идно здравје добиено со „евтин еколошки енергенс“, дали тогаш е логично со уништување на развиен еко-систем, да се штити човеково здравје? Значи, уништуваме заштитник на здравје, за да добиеме – здравје?! Така? Односно, нашиот државен систем утврдил и означил заштитено подрачје, за потоа да го негира тој процес!? Државата да ги самонегира воспоставените норми и контролни механизми за спас на градот преку природни бели дробови, за да се штитиме од загадување? Загадување кое со насилен урбанизам се повеќе го создаваме, а на Водно се повеќе да му оневозможуваме да помага да го намалуваме тоа загадување!? Згора на тоа, да го зголемуваме ризикот од ерозии, поплави и бришење видови од ендемичната мапа?

Кој е тој процес, тотално несфатлив, нерационален, неодржлив со природата!

Загадувањето нека чини пари, нека чини имотно-правни спорови за гасоводната траса. Не треба да чини заштитено подрачје кое значи здравје и живот, не само човечки. Заштитено подрачје не се чепка! Точка.

Најскапа алтернатива за гасоводна траса е низ еко-системот на Водно, а не било кое околно населено место. Наопаку е. Искривоколчени се појдовните вредности на поимот животна средина.

Водно се уште спие, како заспан џин. Пазете. Ако стане – ќе има да нè нема!

 

Бојан Шашевски