[Став] Нашите училишта се греат на нафта, мазут или јаглен и со тоа влијаат врз загадувањето и климатските промени

Шестмина средношколци од различни градови, на Светскиот ден на децата одржаа говори пред дел од министрите и претставници на УНИЦЕФ и Делегацијата на Европската Унија, претставувајќи ги проблемите со кои се соочуваат секојдневно низ образовниот процес. Радио МОФ во продолжение го објавува обраќањето на средношколецот Васил Ханџиски.

Добар ден почитуван премиере, почитувани министри  и сите оние коишто ја следите оваа владина средба живо. Да се претставам, моето име е Васил Ханџиски. Не знам како е кај вас почитувани, но јас кога се разбудив утрово низ мојот прозорец не можев да видам ништо. Не се гледаше ни старата напуштена фабрика која е веднаш спроти мојата зграда. Дури ни загадениот Вардар не можеше да се види. Јасно е дека со овој проблем се соочуваат сите наши граѓани.

Збунет сум зошто е проблем носењето на маски кога за повеќето од нас тоа беше ,,нормално” и пред започнувањето на оваа пандемија. Сите ние секоја зима сме принудени да носиме маски. Стравувам дека за нас завршувањето на пандемијата не значи престанок на носењето на маски. Истражувањата за време на пандемијата покажаа намалување на загадувањето, но исто покажаа дека најголеми причинители за загадувањето се фабриките, компаниите, големите институции итн. Тука почитувани спаѓаат и училиштата.

Нашите училишта со  ниската енергетска ефикасна градба  и со тоа што  голем дел од нив се греат на нафта, мазут или јаглен влијаат врз загадувањето, како и на климатските промени. Градбите се со слаба  изолација, a некои се сè уште со  дрвени прозорци. Замислете во 21 век некои од  нашите  училишта немаат PVC прозорци. Ваквата енергетско неефиканса градба на училиштата овозможува тие на годишно ниво да прават многу поголеми емисии на CO2. Анализата за јаглероден отпечаток од страна на организацијата Гоу Грин покажува дека гимназијата во Битола ,,Јосип Броз Тито“ на годишно ниво емитира 153.3 тони CO2, а за да се неутрализира овој јаглерод потребни се 2530 десетгодишни дрвја. Немојте да мислите дека тоа се случува само во таа гимназија. Повеќето од средните и основните училишта се соочуваат со истиот проблем.

Со следењето на овие чекори нашите училишта ќе ја намалат својата емисија на CO2 на годишно ниво. Дополнително треба да  се промени изворот на енергија. Најголем број од нашите училишта користат фосилни горива за греење како нафта, јаглен и гас.  За струјата сите знаеме од каде ни доаѓа, а тоа е за жал уште јагленот. ЕУ  ги напушта фосилните горива, а ние продолжуваме да ги користиме. Како земја која се стреми да влезе во ЕУ треба повеќе да се насочиме кон сонцето и сончевата енергија. Овие сончеви панели не само што ќе ја намалат годишната емисија на CO2  на нашите училишта туку ќе придонесат нашите училишта да станат пофинансиски независни доколку се дозволи формирање на енергетски задруги кои со сегашниот закон не се доволно регулирани.

Градбите и изворот на енергијата не се единствениот проблем. Тука доаѓа и нашиот драгоцен образовен систем. Истражувањето на Гоу Грин за застапеност на образование за климатски промени во основното образование покажува дека образованието за климатски промени и еколошкото образование се на многу ниско ниво. Како земја која има еден од најзагадените градови во Европа би претпоставиле дека нашите ученици  учат за екологија и климатските промени континуирано и сеопфатно. Тоа не е случајот во нашиот образовен систем. Темата екологија се појавува ретко во наставните програми, а со уште поголема реткост е во учебниците. Како очекуваме да се подобри ситуацијата со аерозагадувањето кога имаме младина која не е свесна за што се случува. Но не се тие виновни што во образовниот систем не се обработува довлоно оваа тематика.

Секој ученик заслужува да знае што се случува и кои се причините за тоа што се случува. Затоа сметам дека има две решенија. Едното решение е да се воведе тема екологија и климатски промени  во секој предмет кој има контакт со оваа наука. На пример еден настаник кој предава за математички операции, а при тоа може да работи со пресметката на јаглеродниот отпечаток. Со тоа сублимира две теми: математика и одржлив развој. Тоа ќе придонесе младите да се едуцираат за проблемот со загадувањето и климатските промени од различни аспекти.

Второто решение е да се воведе нов предмет екологија и климатски промени кој ќе биде задолжителен во основно и во средно образование. За да биде привлечен за младите може да  се изучуваат практични вештини. Ваквиот образовен систем ќе ги освести младите и ќе ги охрабри да се активираат за да се реши овој проблем. Во образовен систем кој се грижи и ги обработува проблемите  со кои се соочуваат младите  сметам дека нема да има ученик којшто нема да сака да оди во училиште.

Затоа почитувана Министерке за образование и науки , почитуван Министер за здравство, почитуван Министер за животна средина и просторно планирање сега е времето да се преземат мерки за промена на образованието и за промена на градбите на нашите јавни установи. Секоја промена може да придонесе за поквалитетен живот на идните генерации. Да не дозволиме да дојде до време кога нема да може да се направи ништо.

Затоа што ако вака продолжиме ќе го ставиме во ризик здравјето на нашите граѓани. Ќе се зголемува бројот на заболени од рак на белите дробови. Ќе продолжи нашиот народ да носи заштитни маски, не заради некој вирус, туку заради загаденоста. Ќе остане и нашата младина неосвестена и неедуцирана за последиците од загадувањето и климатските промени. Ве замолувам не дозволувајте тоа да се случи. Сигурно сакате да бидете запаметени како луѓето што реагирале и не дозволиле влошување на состојбата со загадувањето.

Како луѓето кои придонеле за идните генерации загадениот воздух да биде непознат поим. За да се постигне тоа од вас очекуваме:

  1. Eнергетска ефикасност,
  2. Сончеви енергетски задруги,
  3. Образование за екологија и климатски промени.