[Став] Можеби молчела поради тебе

Пишува: Дарио Хајриќ

Живееме во општество кое молчи. Ги учиме децата да не се спротивставуваат на авторитетите, неми сме кон изживувањата на шефовите и политичарите, соседите кои ги тепаат своите жени, татините синови кои газат пешаци. А потоа прашуваме – зошто молчела?

Милена Радуловиќ проговори и не е сама. Уште четири нејзини колешки од актерското училиште пријавиле во полиција дека ги силувал или сексуално ги вознемирувал Мирослав „Мика“ Алексиќ, сопственикот на училиштето, кој е доволно познат и без да се движите во белградските актерски кругови. Алексиќ е уапсен и се чека на неговото обвинение.

Јавното обраќање на Милена, поткрена бран на поддршка кој потсетува на движењето #МеТоо, но како што Радуловиќ и самата изјави, овој случај се разликува од #MeToo, бидејќи во моментот на злосторот, некои од жртвите биле малолетни. Сепак, тоа не спречи, како што можевме да предвидиме, да се излијат и многу спротивставени размислувања.

Случаите како овој на Алексиќ, јавноста ги третира како жежок костен бидејќи излегуваат од шаблоните. Се доведува до прашање сликата за силувачот –  странец кој се крие во грмушка, запуштено маргинално лице, полу-ѕвер.

Силувачите често се лица кои ги познаваат жртвите (понекогаш, тоа се нивните партнери), а злосторот може да биде и преминување на некои  граници, па така што жртвата не може да објасни дали доволно јасно се спротивставила, преиспитувајќи го секој свој збор и дело.

Колку што е помлада, толку е поголемо прашањето дали ќе и се верува на жртвата, или на возрасната личност. Колку што предиспозициите на силувачот се поочигледни, толку е тој нормален, бидејќи „таков е тој“. „Таков“ бил и Лери Насар, поранешниот лекар на гимнастичарската репрезентација на САД, додека не заглави во затвор поради силување на малолетните гимнастичарки кои требало да ги лечи.

Нелагодноста што настана кога се појави тужбата против Алексиќ, потекнува од тоа што на јавноста и беше посочено дека на обвинителската клупа може да се најдат и лица со сериозна кариера, огромен  капитал и лица на позиција на моќ.

Лесно е да се обвинат личности како Нинослав Јовановиќ, дури и да му се посакуваат грозни желби на таканаречениот „Малчански берберин“. Не само што станува збор за обвинет силувач и педофил, туку  тој се вклопува и во калапот за тоа како изгледаат силувачите и кој е нивниот modus operandi.

Кај угледните личности на сцена настапува малограѓанскиот рефлекс по секоја цена да се зачува сопствената претстава за пристојно општество во која „џентлмените“ не манипулираат со малолетнички, не ги тераат на секс и не ја користат својата моќ за да го обесхрабрат пријавувањето на злосторството. Заслепувачкото влијание на пристојноста долго време важеше и за гореспоменатиот Насар.

Освен со товарот на стигма карактеристчен за жртвите во патријахалните општества, жените мораат да го носат и со размислувањата дека на силувачот ќе му се извалка угледот и ќе му се упропасти кариерата. Како нивните трауми да се помалку вредни од нечија биографија. Тука само започнува списокот за менување на улогата на злосторник и жртва.

На националните медиуми можевме да слушнеме како некои гости, со одредени оградувања, шпекулираат како пријавата на Милена Радуловиќ е одмазда за дамнешно бркање од часовите. Социјалните мрежи ги исфрлија на виделина стандардните коментари – „Зошто баш таа, зошто не некоја друга“, „Зошто не си заминала/избегала“, „Зошто не им кажала на родителите“, а во овој случај каде силувањето се случило пред десет години, неизоставен беше и коментарот „Зошто веднаш не пријавила“.

Најконцизниот можен одговор гласи „Поради тебе.“

Поради тебе и такви како тебе, кои проценуваат дали девојка која е повеќекратно силувана е самата виновна, кои во зависност од симпатичноста сметаат дали лаже или ја кажува вистината. Поради оние кои се подготвени да гласаат на анкета објавена од таблоиди „Дали е Мирослав Алексиќ виновен за силување“, како да станува збор за малограѓански референдум.

Можеби не пријавила веднаш бидејќи имала седумнаесет години. Или поради чувство на беспомошност. Срам. Бидејќи не сакала да ги повреди родителите. Можеби не пријавила бидејќи требала да обвини човек кој во својата професија е и Бог и казна. Некој кој најпрво ја научил да му верува, а потоа најгрубо ја погазил нејзината доверба.

Можеби не пријавила веднаш бидејќи на нашите простори малку се разговара за манипулативната стратегија чија цел е сексуална злоупотреба на малолетници – таканаречена grooming, бидејќи ретко се пишува зошто навлегува во табу теми, па дури ни родителите, а камоли децата не знаат да ги препознаваат знаците.

Живееме во општество кое молчи. Ги учиме децата да не се спротивставуваат на авторитетите, неми сме на изживувањата на шефовите, кабадаечкото однесување на локалните моќници, на комшиите кои ги тепаат сопругите, татините синови кои газат пешаци, неми сме на барањата на мито… За потоа да проговориме и да прашаме некое девојче зошто  молчела.

Па дури и да сме безгрешни, од каде доаѓа потребата да се ломоти за тоа како точно требало да постапи седумаесетгодишна девојка која поминала низ страшна траума? Од каде потекнува дрскоста денес, кога таа е доволно возрасна и доволно силна да се спротистави на напастникот, да и пратиме порака дека поминал возот и нејзиното обвинение веќе не е легитимно?

Неописливата храброст на Милена Радуловиќ и нејзините колешки остави простор и за другите жени да проговорат за сексуалното насилство и траумите низ кои поминале. Некои од нив сè уште собираат сила да проговорат и да ги обвинат своите злосторници.

За нивните гласови да се слушнат во јавниот простор, потребно е да ги охрабриме.

Дарио Хајриќ

Извор: Deutsche Welle

Денес ќе биде сослушан Мирослав Алексиќ, српскиот драмски педагог обвинет за силување на повеќе девојки