Освоеното трето место на Лара Станчева во конкуренција на 161 земја и 28 217 учесници на Меѓународниот литературен натпревар за млади 2021 во Токио, Јапонија, за македонското Министерство за образование и наука очигледно не претставува никаков позначаен резултат.
Имено, освоената награда на дванаесетгодишната ученичка од ООУ Лазо Трповски е најголемиот успех на Македонија на досегашните учества (од 2011 година наваму) на овој реномиран натпревар во возрасната категорија на деца до 14 години.
Жално е и тоа што речиси цели три месеци (објавата за освоената награда официјално е објавена на 31 октомври на сајтот на организаторите фондацијата ГОИ и УНЕСКО) по освоената награда на овој реномиран натпревар, ни претходната министерка Мила Царовска, ни новоизбраниот министер Шаќири не ѝ го ни честитаа постигнатиот успех на Лара.
Дури и по доставеното барање до МОН за исплата на соодветна парична премија која независно од важечките правни процедури (кои како нејзин ментор сакам во случајов да наведам не се приспособени на актуелната состојба односно на учества на натпревари во услови на пандемија) би требало да биде исплатена, честитка не добивме ни Лара ни јас, туку само формално писмено образложение од службите на МОН дека оваа државна институција, надлежна токму за вреднување на постигањата на талентирани ученици и истакнати наставници, нема намера да го вреднува постигнатиот резултат.
Министрите за образование се менуваат, но за жал лошите практики и понатаму продолжуваат.
Стефан Симовски
*Текстот е преземен од личниот блог на Симовски со негова дозвола