Можноста за нов бран при распадот на СФРЈ
Според мое видување можност за радикално раскрстување со својата историја македонскиот филм има во годините на распад на социјализмот во Македонија. Во тоа време навистина на општествена, историска и политичка сцена задувуваат нови ветрови и со себе носат нови бранови, нови слободни, нови видувања, нов дуп, нова бунтовност, страв и од претходниот и од системот кој се исправува пред нив. Уметниците во 80-тите години веќе навлегуваат во постмодернизам во сите сфери, правец кој деценија претходно почнува да владее во светот и трае до ден денес. Филмовите од 1986 до 1996 со себе носат шарм од два система, и тој што заоѓа е во колективното несвесно, но и тој што доаѓа почнува да го исполнува.
„Среќна Нова ’49“ (1986), „Хај-Фај“ (1987), „Тетовирање“ (1991), „Пред Дождот“ (1994) и „Самоуништување“ (1996) се оние филмови кои според мене почнуваат радикално да експериментираат и со формата и со содржината. „Среќна нова“ и „Хај-фај“ навлегуваат во психолошките димензии на филмот, „Тетовирање“ е политички радикален и општествено ангажиран, исто така и „Самоунишување“, додека „Пред Дождот“ воведува многу новини при раскажувањето на една приказна, со што го носи македонскиот филм и до светска слава. Сепак овој бран не е доволно јавнат од страна на македонските филмаџии и се јавува повремено на секои 2-3 години во индивидуални остварувања.
Проблемите на македонскиот филм
Македонскиот филм низ текот на својата историја има неколку клишеа кои го проследуваат во ден денес. Овде ќе се задржиме на неколку од нив, со цел да има добарвовед во понатамошни критики на истите и нови проблеми.
1. Историските теми
Во стилот на големите епски, историски и библиски дела од Холивуд во 1950-тите, македонскиот филм како никогаш да ги нема напиштено темите на својот прв долгометражен филм – Мис Стон. Во однос на формата, да, филмовите се развиваат и се обидуваат да ги следат нкеои светски трендови, но содржината секогаш е слаба страна на овие филмови, благодарение на нив се соочуваме и со еден друг проблем кои ќе бде разгледуван понатаму. Во последниве години ревајвализмот на историските теми донесе и свежи моменти во – До Балчак(2014), но сепак останаа сомнежите дека публиката е презаситена од ваквиот вид филмови, но кој ја праша публиката во едно монополизирано филмско дејствување како нашето? Всушност проблемот е ист, централизацијата од Белград кон Скопје и сегашната од државата кон филмаџиите во однос на финансиите прави филмовите културно да робуваат на една матрица – историјата, која клишеизирано се повторува во многу од нив, никој не си поигрува со жанрот и ретко кој истапува од мелодраматичните(не секогаш лоши, но во случајов да) ликови и ситуации.
2. Театралност
Гледаме филм, а не театар, како што вели Џон Костело, дијалогот е за театар, акцијата и визуелноста за филмот. Во филмот мора да се случува нешто на платното за очите на публиката постојано да се во исчекување како аудиовизуелно ќе бидат измамени, впиени или заведени од магијата на платното. Но повторно, кој ја става публиката во овие калкулации? Македонскиот филм е за елитата, не за масите. А всушност кога филмот станал за масите, тогаш бил и најуспешен, прашајте го Чаплин, прашајте го Годард, прашајте го Скорсезе, прашајте го Ејзенштајн, прашајте го Ѕига Ветров, тие ја сватиле магијата за масовноста на медиумот. Театарот го одзема на филмот суштинското и различното како медиум. Со долгите монолози, театралната дикција, немањато осет за камера ги прави македонските филмови да се со лоша глума, која е одлична за театар, но слаба за филм. Дијалогот во филм треба да е краток, јасен и концизен, а визуелното да кажува повеќе од текстуалното. Историските теми повлечуваат со себе такви херои кои имаат потреба за нив да се кажуваат цели поеми и беседи, а самиот филм губи од својата акција и динамичност, станува штур, лит, заробен во времето и клишеизиран.
3. Независна сцена
Во македонскиот филм има мејнстрим и….само мејнстрим, мали изблесоци на аматерски обиди, мали проблесоци на самофинансирање и сл. Но, проблемот не лежи само во финансиите при монополот на филмската дејност во државава, голем проблем е и уништениот дух на филмаџиите да творат, а да не гледаат како да го финансираат своето дело со повеќе пари, туку да креираат само поради тоа што сакаат филм, само поради тоа што љубат да учествуваат во неговиот процес, да, тешко, но еден човек не може сам. Македонските филмаџии треба да се обединат, да се синдикализираат, да станат помоќни од машината, пред таа комплетно да ги изеде, да го ставаат еснафот пред индивуалните и ситни интереси. Талентот е присутен, фали соработка, отворено разменување на идеја. Работата без пари, а со љубов може да створи дела кои после нема да можат ни да се вреднуваат со пари. Нема ентузијасти, нема луди сонувачи, а филмот токму така и успеал, филмот е плод на неколку луди луѓе на кои сите им викале дека нема да успеат, но тие визионерски прогледале и 100тина години подоцна ги гледаме огромните плодови на нивниот обид. Ајде другарки и другари филмаџии во борба! За филм! Смао така ќе се ослободиме од стегите и ќе наметнеме нови теми, ќе се обединиме, за сите заедно да успееме.
4. Критика
А бре момче, македонче. Осетливо на критика во своето суетно и малограѓанско општество. Леле, леле, тој и тој напишал критика против овој режисер, знае ли он кој е тој?! Леле, леле, што се случува со овие критичариве се нешто да се шлапало во празно?! Другарки и другари не сте ја разбрале критиката, таа не е да исплука, таа е да помогне, па самата критика треба да е добронамерна, на човек ако му викаш супер си цел живот, нема далеку да стигне, но ако му ги воочиш грешките тој ќе порасне и ќе ги надмине. Така и со критиката, и самите филмаџии може да се критикуваат меѓу себе, самиот еснаф да биде критичен сам на себе, не треба многу, само треба да се издржи критиката, никој не знае повеќе од никого, но секој може да дозне нешто од секого. Бројот на филмски списанија, колумни, критики, блогови, веб страни е премал за македонската кинематографија да излезе од своите стеги, токму и овој блог е капка во се надевам идното море!
Кога нов бран?
Па, ајде сега? Тоа е процес, но процес кој може да започне веднаш, оваа моја мала дијагноза е само почеток, боли кога домашната сцена е лита и сиромашна, ама уште повеќе боли кога никој не го менува тоа. Ајде да гледаме филмови, ајде да разговараме околу нив, ајде да ги правиме! Новиот бран се раѓа спонтано, треба да сме радикални во идеите и ќе успееме, зошто да кажуваме приказни што некој таму сака да ги кажеме, зошто не направиме нашите приказни да го обиколат светот. Нова бран со нова свест, ама голем, да ја потопи старата машинерија!
Пишува: Кирил Дончов