[Став] Кудрет Феризи: На 40.000 мои соученици им беше прекршено уставно загарантираното право на образование под еднакви услови

Шестмина средношколци од различни градови, на Светскиот ден на децата одржаа говори пред дел од министрите и претставници на УНИЦЕФ и Делегацијата на Европската Унија, претставувајќи ги проблемите со кои се соочуваат секојдневно низ образовниот процес. Радио МОФ во продолжение го објавува обраќањето на Кудрет Феризи, ученик во гимназијата Исмеш Јахари во Липково.

Денеска, ја имам честа пред Вас да зборувам за еден горчлив проблем во нашата држава, проблем со кој мојата генерација особено се соочи, а тоа е дигиталниот јаз во образованието.

Во моментот додека јас зборувам тука пред Вас, 40.000 мои соученици се приморани да бидат исклучени од моменталниот образовен процес и да ја следат наставата преку своите телевизори. На 40.000 мои соученици уставно загарантираното право на образование достапно за сите под еднакви услови им е прекршено и тоа единствено поради фактот што тие немаат финансиски средства да си дозволат технолошки помагала кои ќе им помогнат во онлајн наставата.

40.000 соученици, 40.000 мои врсници немаат еднаков пристап до образование само поради фактот што не можат да си го дозволат тоа. Јазот, за кој ќе зборувам денес, не е само со дигитална позадина, туку и со економска, финансиска и социјална. Се наоѓаме во ситуација кога финансиската состојба влијае на пристапот до образование, нешто што како држава не смееме да го дозволиме и мора приоритетно да го решиме. Финансиската состојба не треба и не смее да биде предуслов за еднакво достапно образование.

За жал, овие мои врсници не се единствениот проблем кога станува збор за пошироката слика од дигиталниот јаз во образованието. Мрежното покривање на интернет е дополнителен проблем кој го зголемува овој јаз. Моите врсници и соученици од руралните средини немаат стабилен пристап до интернет, имаат проблеми со пристапот до стабилна и постојана електрична енергија што дополнително го отежнува нивниот пристап до онлајн наставата за разлика од учениците кои следат настава од урбаните средини и градовите. Местото на живеење не треба и не смее да биде предуслов за еднакво достапно образование.
Како ученици се соочуваме и со потешкотии со националната онлајн платформа. Оваа нефункционална платформа е со многу грешки и неуспешни алатки за работа кои носат големи предизвици и за учениците, но и за професорите. Фактот што не можеме да ја следиме наставата преку платформата, големиот број на технички проблеми, како и проблеми од типот на губење на домашните задачи, оневозможен пристап до тест и паѓање на целата платформа, укажува на тоа дека државата мора да овозможи функционална платформа. Потребно е да се подобрат постоечките алатки и да се воведат нови, да се подобри целовкупната платформа, но најважно да им се овозможи и техничка поддршка и на наставниците и на учениците.

Учењето од далечина, нефункционалната платформа, недоволното познавање за користење на платформата и воопшто на алатките за онлајн настава доведува до губење на интересот за учење кај учениците, губење на желбата за работа и кај учениците и кај професорите и развивање на поголема пасивност кај учениците. Истото доведува до тоа учениците повеќе да мамат на тестовите, а со тоа да се зголеми и онака веќе големиот број на нереални и нефер оценки кои се добиваа за време на наставата со физичко присуство на друг начин. Сето ова ќе не донесе до ситуација каде ќе се соочиме со млади со високи оценки, но малку знаење, млади кои знаат да препишат но не знаат да научат. Затоа, треба да се пронајдат нови начини на оценување и поинакви работни задачи како што се различни трудови од страна на учениците, кои секако ќе бидат поврзани со материјата на предметот. Но покрај тоа што треба да се мотивираат учениците, треба да се мотивираат и професорите, затоа што сме сведоци на професори кои не го прифаќаат новиот начин на работа и новите онлајн алатки за спроведување на онлајн наставата. Постои одбивност кај нив и затоа треба да се потикнат и да им се посвети особено внимание, за да можат да го надминат тоа конзервативно размислување и да се навикнат и да се движат со промените за да имаме успешна наставна година. Но најважно од се, треба да им се дава постојана поддршка на оние професори несебично вложуваат во квалитетот на наставата, а обуки и едукација на оние професори кои се соочуваат со потешкотии.

Почитуван премиере, почитувани министри,
Свесни сме дека пандемијата предизвика низа проблеми во државата – здравствени, економски, социјални и образовни. Свесни сме дека оваа училишна година е полна со предизвици, свесни сме дека проблемите кои со години се таложеа сега излегуваат на виделна. Свесни сме и дека не постои магично стапче кое со еден замав ќе ја реши целосно ситуацијата. Свесни сме дека за квалитетно образование, особено за квалитетно дигитално образование, потребно е време, едукација, финансии и волја. Но, ве молам бидете свесни дека ние сме иднината на оваа држава и дека единствено заедно, со здружени сили, и со поддршка и помош од сите засегнати страни – ученици и професори – можеме да ја подобриме ситуацијата и конечно да се пофалиме дека имаме квалитетен модерен европски образовен систем.

Кудрет Феризи