[Став] Кристијан Поповски: Со здружени сили да ги направиме промените на образовната револуција

Шестмина средношколци од различни градови, на Светскиот ден на децата одржаа говори пред дел од министрите и претставници на УНИЦЕФ и Делегацијата на Европската Унија, претставувајќи ги проблемите со кои се соочуваат секојдневно низ образовниот процес. Радио МОФ во продолжение го објавува обраќањето на средношколецот Кристијан Поповски.

Образованието е процес кој треба да нѐ обликува и да нѐ подготви за понатамошниот живот. Но, недостатоците на образованието полека ги отуѓуваат младите и им всадуваат идеја за миграција во друга држава во потрага по подобро образование и подобар живот. Но, сепак, кадарот кој останува да дејствува во ова наше општество, одлучува дали општеството ќе напредува или не.

Свесни сме дека напредокот претставува долгорочен процес, па затоа вакви средби придонесуваат да го градиме здрава и квалитетна околина за идните генерации. Квалитетната настава претставува предуслов на едно развиено општество. Но, таа како да заостанува поради недостатокот на современи методологии и средства за нејзина реализација, несоодветна подготвеност на дел од кадарот и секако некои пошироки општествени влијанија.

Поради сето ова, би сакал да ги посочам најважните проблеми со моменталниот начин на изведување на наставата, како и главни решенија за истите.

За воопшто да зборуваме за промени и модернизација, треба да земеме предвид дека училиштата ги имаат задоволено сите нфраструктурни услови. За жал во нашата држава во 21 век сѐ уште имаме училишта кои ги немаат ни основните услови за спроведување на настава, како греење, пристојна работна средина, училници, технолошки помагала, тоалети и друго.

Како друг значаен елемент се јавува методологијата на предавање на наставната програма. За жал, сѐ уште голем дел од наставниот кадар ги базира своите предавања на традиционални методи кои не се соодветни за денешната младина.

Тоа не значи дека тие не се стручни во сопствената област, туку дека им е потребна професионална надоградба, онаква како и во секоја друга професија. Со промената на потребите на учениците, која настанува инхерентно низ текот на годините, треба да се менуваат и методите на предавање.

Пандемијата беше уште еден доказ дека на наставниците им е потребна поддршка од надлежните институции, како Министерството за образование и наука или Бирото за развој и образование, за да ги развијат своите вештини во различни погледи.

Технологијата, која за разлика од нејзиниот развој, многу бавно започнува да се инкорпорира во наставата, претставува уште еден чекор кон зголемување на квалитетот на истата. Таа е присутна во секое поле од животот на мнозинството на учениците и тие најдобро ја познаваат, но сепак најмалку се користи во училиште.

Дополнително, според неколку поголеми истражувања со стотици ученици од различни училишни системи, искористувањето на технологијата довело до подобри академски резултати споредбено со системите каде таа не била вклучена.

Со цел тоа да се постигне, потребни се инвестиции за ИКТ во образованието, опремување на училиштата со компјутери, паметни табли и други помагала, како и интензивно работење на запознавање на наставниците со можностите кои ги нудат истите.

Моментално, во одредени училишта технологијата е набавена, но не се користи поради недоволната обученост на наставниот кадар за нови методи на предавање кои вклучуваат користење на овие модерни алатки.

Покрај стручната, и педагошката подготвеност на наставниците има клучна улога во задоволувањето на потребите на учениците.

Истражувањето на ДЗС покажува дека во последните години е пораснат бројот на вработени наставници, а пак, намален бројот на ученици во средно образование, што значи дека не е потребно повеќе вработување туку унапредување на кадарот. Затоа е важно да се подигне стандардот за тоа кој може да стане наставник и дали е навистина стручно-педагошки подготвен.

Особини кои се неопходни за еден наставник вклучуваат емпатија, односно разбирање на потребите на учениците, трпеливост, отвореност и способност за слушање, комуникативност и смирен пристап. Последиците кои настануваат поради отсуство на овие особини се директно поврзани со појавата на незаинтересираност кај учениците, одбивност кон предметот на изучување, одбивност кон професорскиот авторитет, незадоволство и негативен поглед кон професорската фигура и слично.

За континуирана евалуација и следење на развојот на наставникот на професионално ниво, а притоа задржување на горенаведените вештини, би можело да се воведе и постојана евалуација, при што би се одредила компетентноста и подготвеноста на професорот за продолжување со својата работа. Оваа евалуација би можело да се спроведува еднаш пред дипломирањето, а потоа и на секои 5 до 10 години.

За крај, важно е да ги разгледаме и останатите фактори кои имаат значителен придонес во образованието. Како клучен фактор кој има влијание врз мотивираноста на наставникот е наставничкото достоинство, односно општествениот поглед кон учителската дејност. Начинот на кој општеството, а најмногу учениците и нивните родители, се однесуваат со наставниците претставува дополнителен притисок врз нивната работа, кој може да резултира со намалени вредности во полето на нивната вклученост и мотивираност за работа.

Со цел решавање на наведените проблеми за кои се потребни финансиски средства, иако средствата кои се одвојуваат за образование од државниот буџет се во рамките на европскиот стандард, главното прашање е дали правилно се трошат сретствата, знаејќи дека постојано котираме ниско на меѓународните рангирања за квалитетно образование.

Креирањето и спроведувањето на квалитетната настава знае да биде предизвик. Некогаш е тешко да се фокусираме и да го најдеме крајот од каде треба да започнат промените, меѓутоа никогаш не треба да престане работењето кон подобрување на наставата.

Во основата на образовниот процес, таа е скулпторот на идните генерации. Како што истакна и Бил Фриз – „Секое дете треба да ја има можноста да добие квалитетно образование“, мисла за која сите треба да се залагаме. Ние сме иднината на општеството и промената зависи од нас, сега и тука!

Можеме да избереме да продолжиме со темпото на статус кво и да ги игнорираме евидентните проблеми кои бараат промена или пак, сите заедно да работиме на подобрување на столбот на нашето општество.

Затоа ви се обраќам на сите присутни, почитуван премиеру, почитувани министри и почитувани претставници од различни организации, со здружени сили да ги направиме промените на образовната револуција.