[Став] Кренавме ли раце од културата?

Уметниците и културните работници беа првиот граѓански бран кој беше затечен од одложувањето и/или стопирањето на сите јавни, културни настани долго пред да се воведат мерките за самоизолација. Можеме ли нешто да направиме по однос на тоа? Да не нè заборави некој?

Од 28.февруари, денот кога сите културни случувања беа откажани и во време во кое речиси сите можни министерства се обраќаат до професионалците и засегнатите од своите сфери, Министерството за култура молчи.

Единствените содржини кои се однесуваат на културата во доба на коронавирусот, се еден статус објавен на фан страната на Министерството за култура на Фејсбук, на 1 април, преку кој институцијата ги известува, но и се обраќа исклучиво на 141 самостоен уметник за покривање на нивните придонеси и одобрени минимални плати за месеците април и мај. Но, не се само 141, туку повеќе, многу повеќе кои не спаѓаат во таа категорија.

Каде е проблемот? Проблемот е во различното поимање на категоријата „самостоен уметник“ од страна на државата и од страна на културните работници.

Законски, самостојниот уметник кај нас е дефиниран како лице кое „творештвото го остварува професионално, како единствено занимање и доколку согласно со овој закон и со прописите за трговските друштва се регистрира за вршење на уметничка дејност, стекнува статус на самостоен уметник и права од работен однос, согласно со овој закон и со прописите за трговските друштва“.

Во законот за култура на Србија, не поостои такво обврзување: за регистрација на уметникот како трговец-поединец. Во Хрватска пак, постои посебен Закон за правата на самостојните уметници и поттикнување на културното и уметничкото творештво во кој, повторно, не постојат одредби кои бараат од уметникот да биде регистриран како трговец-поединец. Бугарскиот Закон за развој и заштита на културата, поради послабо разбирање на јазикот, велам МОЖНО е да ја има истата категоризација како и кај нас.

Проблемот кај нас лежи токму во тесното дефинирање на самостојните уметници, кое исклучува цела една група на граѓани, исто така „самостојни уметници“, од сите генерации и од сите културни сфери, невработени, кои од едниот уметнички, професионален ангажман до другиот, работат во сфери кои не се од нивната струка, за да преживеат. Таа група на т.н. невработени, хонорарни културни работници (режисери, актери, писатели, архитекти, ликовни уметници, графички дизајнери, модни дизајнери и др.) како законски неодредена група, останува исклучена за време на ситуацијава.

Но, тоа сепак, не е единственото огласување на Министерството за култура од овој период. Следната објава е видеопорака од министерот за култура (објавено на 1 април на албански јазик и на 2 април на македонски јазик), преку која ѝ се обраќа на публиката за достапните содржини онлајн кои ги нудат театрите, музеите и други културни институции.

Сите онлајн претстави, книги, музејски постановски – сето тоа го сработил некој, вложил енергија, труд, време, пари… Зголемениот интерес за нив не значи дека сме освестени за значењето на културата, но барем се случуваат коментари за тоа колку многу „ни се наоѓа“ во вакви ситуации.

Откако целава криза ќе помине, ќе остане ли свесноста за истите оние труд, енергија и време што некој ги вложил за културата? Би било убаво министерот да ѝ се обрати на публиката и тогаш, кога сè ќе има цена и нема да биде бесплатно; да ја повика да излезе од дома и во живо да ги посети сите културни настани и простори, да ги прочита сите книги и да стане уште поактивен учесник во културно-уметничките процеси. Публиката треба да остане доследна на таа навика да гледа, да чита, да слуша и да продолжи да покажува интерес за културната домашна сцена. На тој начин и да даде поддршка на уметниците кои шест месеци преживувале.

Еве уште неколку одговори на уште неколку прашања:

Ќе се обрати ли некој од културата преку пресконференција? Би било убаво. Би влеало надеж и би покажало дека невработените, хонорарни културни уметници, чии ангажмани се стопирани/одложени, не се заборавени.

Се размислува ли за какви било мерки што би можеле да се преземат или понудат во овој сектор? Засега не, но тоа не значи дека нема да има, се надеваме, иако речиси е доцна.

Зошто треба да се разгледаат одобрените, како и активните проекти коишто се стопирани периодов и врз основа на тоа, да се издвојат невработените, хонорарни уметници? За државата и/или министерството да изнајдат начини и да ги вклучат и нив во економските мерки за надминување на тешкиов период.

Треба ли да им се даде приоритет/предност после ситуацијава на невработените, хонорарни културни работници, први да започнат со работа во институциите на своите проекти? Апсолутно да. Да не заборавиме дека ангажманите на оваа група граѓани беа откажани кон крајот на февруари, почетокот на март и истите нема да се реализираат до почетокот на новата, септемвриска сезона. Оваа група на граѓани нема редовни примања и има потреба од итно ангажирање по враќањето во нормала за да може и самата да се врати во живот. Од друга страна пак, солидарноста за која толку многу зборуваме, конечно ќе стане вистинска.

Постои ли можност да се работи и преку лето или работата повторно ќе биде одложена за сезоната од септември? На целиов период на неактивност во сферата на културата, летниот одмор би бил непотребен луксуз. Доколку културните работници работат и преку лето, би придонеле за скратување на шестмесечниот вакуум период на неактивност и побрз проток на средства за живеење.

Може ли да се креира некаков СОЛИДАРЕН ФОНД за оваа група невработени, хонорарни културни работници од проекти и/или настани кои би се откажале/повлекле? Пред некој ден Македонската Филхармонија објави дека се откажува од голема сума на средства. Дел од нив ги донира на здрвствениот сектор. Можеби може да се собираат средства на тој начин за создавањето на тој солидарен фонд. Солидарноста тогаш, повторно, би зазела сосема поинаква димензија.

Доколку Солидарниот фонд се исклучи како опција, можно ли е да се распишат „Вонредни конкурси” за проекти кои би се спроведувале онлајн? Тие конкурси би биле исклучиво и наменети само за невработените, хонорарни културни работници кои периодов, би добиле приход за активности кои би ги спроведувале онлајн, но и до отпочнувањето на следната работна сезона од септември/октомври.

Не би го споменувал овде Синдикатот на врааботените во културата зашто нивните барања нас не нè засегаат. Но, би било убаво да дадат поддршка дека нешто треба да се преземе и да се земат предвид и нивните невработени колеги.

Зошто е потребно итно да се реагира во културата? Зашто 1) вработените во културата, 2) самостојните уметници и 3) невработените, хонорарни културни работници се без ангажмани во моментов со клучна разлика: првите и вторите се под државни закрила, а третите не се. За културата повторно да не крене раце самата од себе.

Пишува: Милош Б. Андоновски, театарски режисер

(Преземено од неговиот Фејсбук профил)