[Став] Конвенцијата за бегалци е потсетник за нашата желба и решителност да изградиме подобар свет

Конвенцијата за бегалци од 1951 гoдина, основата на меѓународната заштита за лицата приморани да побегнат од своите домови, има спасено небројани животи. Денеска, на нејзината 70 годишнина, нејзините критичари тврдат дека ѝ е поминато времето и дека е застарен производ од друга ера. Но, доколку не е одбранета и почитувана, милиони луѓе ќе ја платат цената.

Во изминативе седум децении, одвај се наоѓа ќоше на светот кое не се соочило со предизвиците на присилното раселување. На крајот на изминатата година, бројот на луѓето протерани од дома, вклучувајќи ги бегалците и внатрешно раселените лица, стигна до 82,4 милиони – број кој е повеќе од двоен од пред една деценија.

Причините и динамиката на човечкото раселување се во постојан тек, но Конвенцијата за бегалци секогаш се менувала за да ги рефлектира тие промени. Модерното олицетворение на принципот за азил е дополнето со бројни други клучни правни инструменти низ изминатите 70 години – зајакнувајќи ги правата на жените, децата, лицата со попреченост, ЛГБТИК+ заедницата и многу други.

Некои влади, задоволувајќи или, пак, охрабрени од тесноглед и честопати неинформиран популизам, последниве месеци се обидоа да ги отфрлат основните принципи на конвенцијата. Но, проблемот не е во нејзините идеали или јазик. Проблемот лежи во осигурувањето државите насекаде да се придржуваат кон неа во пракса.

Кога во 1956 година, 200.000 Унгарци побегнаа, за неколку месеци речиси сите од нив беа прифатени од други земји. Кога започнав со хуманитарна работа во Тајланд во раните 1980ти години – стотици илјади бегалци од Индокина беа распределени низ светот.

Денес, таквиот одговор е сè поголема реткост. Додека бегалците и мигрантите продолжуваат да тргнуваат на опасни и понекогаш фатални патувања преку пустини, мориња и планини, исплашени за своите животи, меѓународната заедница видно не успева да се здружи во потрага по трајни решенија за овие очајни луѓе.

Уште полошо, сега гледаме потези со кои на бегалците им се негира азилот и дури се префрла одговорноста за нивната заштита со тоа што се „складираат“ на други места. Сепак, доколку најбогатите земји, благословени со најдобри ресурси, одговорат со градење ѕидови, затворање граници и нерегуларно враќање на луѓе кои пристигнуваат по морски пат, зошто останатите не би постапиле исто? Речиси 90 отсто од бегалците во светот се наоѓаат во земји во развој или во најмалку развиените земји. Како да го сфатат тие ваквиот презир кон идеалот за заштита?

Постојат многу начини да се намалат бројките на присилно раселени лица. Одлучни постапки за прекинување на конфликтите, одбрана и почитување на човековите права, справување со уништувањето на околината… сите овие би биле делотворни, бидејќи би се насочиле кон коренот на причините за раселувањето на луѓето.

Сепак, нема доволна политичка волја за вакви решенија. Долготрајните конфликти уште жарат, додека нови се палат. Климатските промени и еколошки катастрофи се сè поголем фактор во кризите на раселување, а сепак државите се борат да се согласат за заеднички акции кои ќе ги ограничат растечките температури. Само ова лето, Северна Америка беше погодена од топлотни бранови и пожари, додека Централна Европа и Кина беа погодени од страшни поплави. Последиците од овие екстреми, како што засегаат сè повеќе делови од планетата, неизбежно ќе влијаат врз раселувањето на луѓето.

Ние кои сме доволно среќни да живееме во релативен просперитет и стабилност не смееме да не сме благодарни за она што ни е подарено – шокот на пандемијата заради КОВИД-19 го покажува ова. И оние кои мислат дека Конвенцијата за бегалци е ирелевантна или пречи можат еден ден да бидат благодарни за заштитата која им ја дава.

Ова се причини да се биде позитивен. Во моментов, 149 земји се потписници на конвенцијата, што ја прави еден од најподдржаните меѓународни договори во светот. Како многу други инструменти на меѓународното право, таа ги отсликува заедничките вредности како алтруизам, сочувство и солидарност. Кога и да посетам бегалци и заедници кои ги прифатиле, среќавам посветени луѓе кои ги практикуваат овие вредности со дарежливост која е за восхит.

Можеби е чудно да се има толку страст за еден договор на ОН. Но, Конвенцијата за бегалци од 1951 година е потсетник за нашата желба и решителност да изградиме подобар свет. Нејзината 70 годишнина е можност да ја оживееме нашата посветеност на тој идеал. Да го обновиме, а не прекршиме нашиот завет.

Пишува: Филипо Гранди, Висок комесар на ОН за бегалци