[Став] Кој се плаши од предатори и плагијатори?

Пишува: проф. д-р Ненад Новковски

Постојат повеќе административни и технички решенија против плагијаризам што се применуваат од издавачите и универзитетските менаџменти, а понекогаш и државните власти, како што е случајот во Македонија. Примерите за ова се преполни со абсурди, како што беше проверката на семинарските работи на студентите на Плагијати (plagijati.mon.gov.mk). Да се надеваме дека таквите забегувања остануваат далеку зад нас.

Едно многу значајно прашање за академската јавност во последниве неколку децении е она за зголемената достапност на објaвените научни трудови до читaтелите, под услови што се прифатливи за нив. Суштинската основа на можноста за зголемување на достапноста произлезе од префрлањето на научните списанија на електронски медиуми, со што некогaшните физички бариери се отстранети. Сепак, останува проблемот со ограничените ресурси на многу институции и поединци за набавка на потребните трудови, во денешно време речиси исклучиво во електронски облик, преку интернет.

Зголемена достапност на научната литература

Некои стандардни решенија за олеснување на достапот на научната литература до поширок круг на заинтерсирани читатели се воспоставени уште од многу одамна. Така, во САД беше раширена пракса кај списанијата издавани од научните друштвa да се бара партиципација (page charges) од институциите на авторите, со цел да се намали цената на изданијата кон крајните корисници. Од една страна, ова се допуштени видови на трошоци на проектите (што се признаваат од финансиерите), од коишто произлегуваат трудовите, а во коишто има предвидени финансиски средства за распространување на информации за резултатите од проектите. Од друга страна, на таков начин посредено се поддржува функционирањето на научните друштва како значаен општествен интерес.

Одредени решенија за зголемување на достапноста на научната литература до истражувачите од ограничени ресурси, како што се оние од земјите во развој се ставени во функција со поддршка на издавачите. Еден пример за тоа е сервисот на библиотеката на Меѓународниот центар за теориска физика во Трст, под покровителство на ООН. Во овој сервис (eJDS) се застапени најугледни издавачи, како што се Елзвир (Elsevier) и Шпрингер (Springer).

Слободен достап

Како ново систематско решение за подобрување на достапноста на научната литература, се појави слободниот (отворен) достап (оpen access), каде што читателите не плаќаат ништо, а авторите односно нивните институции или одредени фондации ги плаќаат трошоците за издавање.

Тој модел се појавува кај многу актуелни издавачи како замена за постоечките шеми на финансирање на издавањето трудови, но и како една додатна можност (open access model), покрај опцијата за финансирање преку претплата (subscription model). Некои публикации целосно поминуваат во слободен достап, како на пример сегашното „Отворена физика“ (Open Physics) во коешто трудовите се слободно достапни за читателите. Покрај тоа, се појавуваат и голем број нови списанија што се вклучуваат во играта. Во именикот на списанија со отворен достап (Directory of Open Access Journals, DOAJ) се наоѓа широк список на високо квалитетни списанија со отворен достап, со рецензирани трудови. Детални информации во поглед на авторските права и можностите за преземање на трудовите се наоѓаат на платформата за политики за издавачите за авторските права и за самоархивирање.

Табела: Број на списанија со отворен достап по земји според DOAJ

Од податоците во табелата се гледа дека застапеноста на списанијата со отворен достап е слабо зависна од големината и нивото на развиеност на земјата. Така, во Јапонија има само 18 списанија од овој вид, што укажува на конзервативен пристап во прифаќањето на оваа новина. Хрватска, Србија и Романија се покажуваат како многу активни. Посебно голем број списанија со отворен достап има во Велика Британија, каде што и издаваштвото на научни трудови со стандардните методи е исклучително големо.

Во Македонија има 8 списанија индексирани во овој сервис. Од нив 4 се индексирани и во Скопус (Scopus). Едно списание (Macedonian Journal of Chemistry and Chemical Engineering) е индексирано и во Томсон-Ројтерс, и е со имапкт фактор. Според тоа, голем дел од највидливите списанија во Македонија се со слободен достап.

Отворениот достап има главна погодност (предност, придобива или друг збор) што научните трудови стануваат неограничено достапни за сите потенцијални читатели. Најголемата слабост е во тоа што создава дополнителна бариера за истражувачите со ограничени ресурси за објавување трудови во тие списанија. Сепак, постојат повеќе различни шеми за поддршка што водат до намалување на оваа бариера. Помеѓу нив, една од можностите што издавачите им ја нудат на автори докажани со квалитетни трудови е да објавуваат по покана со изземање од плаќањето на трошоците.

„Предаторски“ списанија

Спротивно на позитивниот пристап на DOAJ со претставување на висококвалитетните списанија со отворен достап, на одредени места се јавуваат списоци на негативен принцип, со обележување на списанија коишто се осомничени за несоодветно себепретставување како висококвалитетни и кои не задоволуваат некои широко прифатени етички стандарди во издаваштвото.

Посебно познат е примерот со т.н. Билов список (Beall’s list of predatory journals and publishers). Во тој список се наредени голем број „потенцијални предаторски“ академски списанија и издавачи. Иако ваквите списоци можат да бидат полезни за авторите за одбегнување неквалитетни списанија, може да се постави прашањето дали коректно се внесени во списокот и дали некој можеби неправедно ќе биде обележан.

Постојат обиди за институционализирање на вакви списоци што се препорачуваат како основа за официјално непризнавање на трудови објавени во такви списанија. Сепак, попрaвилен пристап во признавaњето на придонесот на авторите може да се добие врз основа на „позитивни листи“, на списанија коишто се индексирани во сооодветни сервиси. Така, би било многу поправилно да се формулира дека, на пример, списанијата индексирани во DOAJ ќе се сметаат за високо релевантни.

Плагијаризам

Плагијаризмот предизвикува загриженост како од аспект на заштита на авторските права, така и од морален аспект. Присвојувањето туѓи трудови и повторувањето речиси исти трудови во различни публикации е неприфатливо за научната заедница. Со овој проблем сериозните издавачи се справуваат на многу ефикасен начин. Нивните служби на соодветен начин ги регулираат правните аспекти што се однесуваат на преземањето делови (вообичаено слики и табели) од други трудови со барање согласности, или укажување на авторите да ги заменат со свои оригинални дела.

Одговорните редaкции обезбедуваат квалитет и оригиналност на трудовите со доверување на рецензиите на докажани објективни рецензенти. За да се поттикне квалитетното рецензирање, угледните издавачи последниве години воведувааат признанија, како што се она за исклучителните рецензенти (outstanding reviewers) на Елзивир или наградите за рецензенти во издаваштвото на ИзФ (IoP) од Велика Британија. Посебно место во овие иницијативи зазема неодамна создадената платформа Публонс (Publons), којашто ја покрива глобалната заедница на рецензенти, со над 25.000 списанија и над 1.600.000 рецензенти од целиот свет. Оваа платформа помага рецензентите да ги добијат заслужените признанија, а со тоа да се поттикне подобрувањето на квалитетот на објавените трудови.

Спротивно на овие позитивни иницијативи, постојат повеќе административни и технички решенија што се применуваат од издавачите и универзитетските менаџменти, а понекогаш и државните власти, како што е случајот во Македонија. Примерите за ова се многубројни и преполни со абсурди, како што беше, на пример, проверката на семинарските работи на студентите на Плагијати (plagijati.mon.gov.mk). Но, да се надеваме дека таквите забегувања остануваат далеку зад нас. Тие решенија се потпираат на примена на софтвер за идентификување повторувања на зборови. Многу често, резултатот од обработката, сам по себе, се зема како критериум за можен плагијат, па без дополнителна проверка се отфрлаат квалитетни трудови за несуштински повторувања. На пример, повторувањата на низи од десетина зборови обично се должат на употреба на изворни формулации со коишто се настојува да се пренесат неискривено резултатите на другите и повикувањето на нив или нивното оспорување. Со цел да ги избегнат овие бариери, авторите се принудени да ги преформулираат исказите со употреба на синоними. Тоа во наведениот пример може да доведе до забуна што всушност се потврдува или оспорува. Поради тоа, непосредната употреба на софтвер без поддршка од одговорни рецензенти може да биде контрапродуктивна.

Науката и бирократските ограничувања

Научната дејност е најкреативна, а со тоа за нејзина реализација неопходно е постоењето на услови за слободно творештво. Во таа смисла, обидите за грубо административно регулирање на сложените прашања за квалитетот на научната продукција честопати изгледаат смешно. Таквите смешни состојби соодветно нашле израз во хумористичната литература создадена од научниците како реакција на претераното бирократизирање на научната дејност, како што е случајот со текстовите „Физичарите се шегуваат“ (Физики шутят) и „Физичарите продолжуваат да се шегуваат“ (Физики продолжают шутить).

Верувам дека и во сегашнава ситуација моќта на слободното творештво ќе надвладее над грубата бирократска рака на академските и државните раководства, па новите технолошки можности ќе донесат до зголемена и по обем и по квалитет научно-издавачка продукција.

*Д-р Ненад Новковски е редовен професор на Природно-математичкиот факултет и е раководител на постдипломските студии на Институтот за физика. Автор е на научни трудови, објавувал статии во меѓународни списанија со импакт-фактор и раководел со научно-истражувачки проекти.

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.