[Став] Христина Јовчевска: Не смееме да си поигруваме со младите со попреченост, ни треба праведно образование

Шестмина средношколци од различни градови, на Светскиот ден на децата одржаа говори пред дел од министрите и претставници на УНИЦЕФ и Делегацијата на Европската Унија, претставувајќи ги проблемите со кои се соочуваат секојдневно низ образовниот процес. Радио МОФ во продолжение го објавува обраќањето на Христина Јовчевска, ученичка во средното стручно училиште ,,Васил Антевски Дрен” која говореше за концептот нa праведно и инклузивно образование.

Кога ќе се спомне инклузивно и праведно образование, мислиме на образование каде секој ученик ќе ја добие можноста да ги унапреди своите квалитети и способности подеднакво како и останатите. Се бориме и тежнееме кон инклузивно образование во кое сите деца се вклучени. Дискриминираните, маргинализираните или пак оние кои стравуваат да бидат исклучени се цврсто и јасно прифатени како од образовниот кадар, така и од соучениците. Тоа вклучува разумно прилагодување на образовни содржини, соодветни наставни приоди и стратегии, како и организација на воспитно-образовниот процес воопшто, за да се овозможи квалитетно образование за сите. Се бориме  и тежнееме кон праведно образование кое на сите ученици ќе им овозможи да го остварат своето право на образование, притоа третирајќи ги сите подеднакво без разлика на нивната општествена, социјална или материјална состојба овозможувајќи средина каде секој ученик ќе се изгради како индивидуа со свои квалитети и способности.

Конвенцијата за инклузивно образование воведена на шести јуни 2020год. во Македонија се залага за  вклучување на сите деца без разлика на нивните слабости во некои области, а соодветно на нивните потенцијали да се вклучат во редовните одделенија и да им се обезбедат соодветни услови за учење, напредување и учество во животот на училиштето. Меѓутоа, ние учениците можеме да потврдиме колку инклузијата во македонското образование е на ниско ниво. Гледајќи општо кон фактот за тоа како се третирани лицата со попречености во општество како нашето, каде лицата со Даунов синдром сè уште се избегнуваат бидејќи „се страшни“, а децата кои се со оштетен вид „се за сожалување” не можеме да тврдиме дека постои и да говориме за инклузивно образование. Да, законот е тука, го има на хартија и на документ, но дали е спроведен во пракса? Подвигот и одлуката за деинституционализација е за пофалба, но ако не се вложува во целокупна поддршка на инклузивното образование може да доведе до уназадување на прогресот. Не можеме да имаме инклузивно образование без пред тоа да има емпатија и солидарност помеѓу нас, соучениците. А не можеме да имаме праведно инклузивно образование без да има услуги надвор од училиштето, во заедницата,  за оние деца за коишто е потребна дополнителна поддршка да можат да го постигнат нивниот потенцијал

Кога станува збор за праведното образование треба да се бориме со сите сили првенствено да го оствариме и да не го загрозиме основното право на секое дете, а тоа е правото на образование. Како влада многу е важно да имате цврст и јасен став дека задолжителното образование мора да обезбеди пристап до правото за образование на сите. Поради тоа, треба да се овозможи образовен кадар кој ќе биде настроен кон идентификување на проблемите со кои се соочува секој ученик како поединец. Не смееме да дозволиме наставник или професор да не знае како да ја идентификува состојбата кога мозокот различно ги процесира пишаниот или усниот јазик, односно состојбата на дислексија. Не смееме да дозволиме професор да не знае како да ја приспособи наставата да одговори на потребите на секој ученик. Не смееме да си поигруваме со младите кои имаат попреченост и да дозволиме да бидат дискриминирани. Ако не посветиме  внимание на овие работи,  ја упропастуваме големата слика на образовниот систем во државата.

Првенствено треба да започнеме со едукација на најмалите, односно да се избориме со сите пречки и бариери кои ќе ни ја попречат еднаквоста, а потоа и инклузијата. На сите ученици треба да им биде јасно дека различните од нас се само личности со поинакви можности, кои можат да достигнат сфери на успех исто така како што можат и останатите кои се сметаат себеси за дел од мнозинската група. Бидејќи на крајот сите ние сме луѓе кои се борат за успех и сите ние  имаме уникатни карактеристики, различни потреби  и можности.

На нашиот образовен систем никогаш не му била поважна и попотребна инклузијата од овој момент. Затоа е потребна едукација од страна на стручната служба во училиштата или од невладини организации кои ќе се залагаат и на средбите ќе говорат за еднаквост помеѓу сите ученици без разлика од каде доаѓаат. Залагање за повеќебројни активности помеѓу училиштата, со цел постепено воведување на учениците во еден инклузивен процес каде ќе почнат да се запознаваат меѓусебно. Исто така потребен  е посветен и мотивирачки образовен кадар кој низ едукација ќе го постигне степенот на емпатија за сите и неуморно ќе тежнее кон инклузија. Нудејќи инклузивно образование секој ученик добива можност за развој на своите способности и квалитети, а со тоа оформуваме млади и самостојни личности кои ќе ја имаат моќта и способноста да раководат со општеството.

Доколку овозможиме образовен систем каде сите ќе бидат прифатени и ќе тежнееме кон еднаквост, ние младите нема да заминуваме од својата земја. Впрочем, ако покажеме дека се грижиме и вие како влада обезбедите повеќе финанси за образованието, нема да сакаме ништо повеќе од тоа да возвратиме и да помогнеме нашата татковина која ни помогнала во стекнување на потребните квалификации да биде успешна земја со посветен работен кадар. Сепак, за развивање на квалитетите кај секој поединец многу е важно наставниците да бидат запознаени со пречките кои во иднина можат да им претставуваат проблем. Односно треба да се обрне посебно внимание кон обуки и едукација на наставниот кадар за сите видови на попреченост со кој може да се загрози пристапот до образование кај учениците. Да се воведе задолжителна обука за професори со која ќе добијат квалификација за идентификување на одредени појави кај учениците, како на пример дислексијата и способности за спроведување на настава за лица со попреченост. Со идентификувањето на проблемот и насочување на потенцијалот кај секој ученик, образовниот систем значително би се подобрил. Токму поради тоа, ние како млади денес сме тука, да ги искажеме нашите ставови и да се насочиме кон потенцијалот на нашата земја за подобро образование, а истовремено подобро општество за сите нас.

Христина Јовчевска