[Став] Хаосот во образованието

Васко Гичевски

Нецели шест години по последниот најголем хаос во образованието, кој предизвика и политички флуктуации, повторно се наоѓаме пред едно такво премрежие. Имено МОН со неколку егоцентрични и патримонијалистички политики успеа, наспроти себе да ги исправи сите општествени чинители.

Министерството за образование и наука во суштина веќе некое време, живее во една тукуречи перманентна криза последниве неколку години. Во нецели 5 години во МОН влегоа тројца министри, секој со свои идеи. Дополу почнати а недовршени и секој следен го отфрлаше започнатото и почнуваше нешто ново. Доживеавме и зам. министерот Петар Атанасов да си даде оставка, поради немање капацитет и желба на институциите навистина да спроведат реформи. Како што и на јавноста веќе и е јасно, безмалку децении наназад МОН изведува палијативни зафати во образованието. Скоро секогаш имаат лоши долгорочни последици, а истите секогаш се спроведуваат со политички притисок и простата желба да се говори за реформи. Веројатно се смета дека само празното филозофирање на тема реформи, нивното воведување, но само на хартија е доволно за системот да се промени. Секако не треба да ги заборавиме и финансиите, кои не се мали а се трошат без притоа да добиеме некаков резултат.

Во конкретниот момент, МОН успеа кон себе да ги привлече реакциите на: средношколците, просветните работници, интелектуалците и сите чинители на научната фела и високото образование во земјата.

Средношколците сходно на корона кризата кои работеа по скратени програми. Сосема оправдано и педагошки издржано бараат матурскиот испит наместо 4 да се состои од 2 предмети. Тестовите за испитот треба да бидат прилагодени на ситуацијата! Не треба да се заборави дека за време на оваа криза, МОН поради своите децениските проблеми, во еден момент, успеа да отсече од образованииот систем околу 40 000 ученици, кои немаа услови да следат онлајн настава.

Просветните работници, научната фела и сите високообразовни институции, се обединија против „Новиот концепт за основно образование“. Тоа не се случи поради големата и непоимлива реформска сила на МОН и нејзините кадри. Спротиставувањето дојде како резултат на тоа што МОН наоѓајќи се врвот на својата ароганција, не најде за сходно да консултира ниту еден релевантен чинител во нашата земја. Одлучи да се опкружи со неколкумина, кои секако се експерти од некоја област. Сепак тоа не значи дека имаат ексклузивно право во духот на апсолутизмот само нивното мислење да е пресудно за конкретната реформа. Дури и смешни се обидите да претстават полувистините од типот „Сите се согласивме дека сме за реформи“. Сите сакаме реформи, сите работиме за да се подобри образованието. Тоа не значи дека треба да прифатиме авторитарно наметнат став, кој ниту е издржан ниту пак може да се спроведе.

Каде лежи суштинскиот проблем во се ова што се случува? Тој не е ниту во прогресивните сили на МОН, ниту пак во оние кои министерката Мила Царовска ги отфрли и ги нарече „ретроградни“. Останатите симпатизери употребија и пострашни зборови, кои не приличат на јавниот дискурс.

Проблемот лежи во фактот што повторно како во периодот декември 2014 – пролетта 2015 година, МОН не сака да ги слушне оние заради кои и постои. Тоа се пред се, се учениците, студентите, просветните и научните кадри. Верувам никој не се изненадува од тоа дека Владата и покрај сите упорни убедувања дека има полна демократија, повторно по безброен пат не сака да го слушне гласот на народот. Тоа пред се лежи во фактот што во суштина кај нас се случи само промена на политичка гарнитура, но не и на моделот на владеење. Нашиот модел на владеење, типична партитократија, во последните децении, е потполно ист. Секогаш се оди вон своите надлежности, во колизија со законите, научната фела и општото граѓанство. Имам впечаток дека кај нас, лајт мотив на секое владение е истото да биде наметнувано, а не тоа да произлегува од взаемната соработка на сите општествени чинители.

Денес студентите јасно ќе го изнесат својот став, утре на сцената ќе стапат средношколците со бојкот на наставата како средство за остварување на нивните легитимни побарувања. Просветните работници најавија штрајкови во блиска иднина. Во мое лично име испраќам полна поддршка до сите кои се дрзнуваат да го кренат својот глас против се што е авторитарно! Сметам дека во XXI век власта е концетрирана во рацете на граѓаните, а не во силатата на позициите на низа министри! Истакнувам апел општото граѓанство, широките народни маси, отворено да зборуваат за своите проблеми! Упатувам и апел до МОН веднаш да се повлече од своите позиции, и да ги послуша сите засегнати страни. Водењето инает, нема да придонесе кон подобро општество туку, само ќе внесе хаос и политички превирања. Доколку МОН сака да се претстави во светло на креатор на социјален револт а не вистински водич кон подобро општество, тогаш, можеме да им честитаме, бидејќи се навистина успешни!

Васко Гичевски – историчар и активист.