[Став] Државата е „глува“ и „слепа“ за младите од самохрани и еднородителски семејства

Пишува: Станиша Станковиќ

Причината што сум дел од „One Can – Youth“ е неизбежно поврзана со мојот живот. Јас сум личност која доаѓа од таков тип на семејство, мајка ми е самохрана мајка, а татко ми е починат и за мене претставува една непозната именка. Многу добро го знам патот до успехот на ваков тип на млади лица коишто секојдневно се борат со препреките да стекнат одредена улога во општеството.

,,One Can – Youth“ ја основавме како доброволна, непартиска и непрофитна подружница, основана за деца и млади лица кои потекнуваат од самохрани и еднородителски семејства, но и различни семејни конструкции, со цел нивно активно вклучување во младинските политики и закони во нашата држава, за остварување на повеќе еднакви права, можности и интереси. Низ годините имам научено дека нашата држава на еден начин е „глува“ и „слепа“ за нас и во скоро секој закон којшто е донесен од социо-економски аспект ние како бројна заедница едноставно без аргументи изчезнуваме.

Зборувам за закони од сегменти на образование, социјална заштита, здравствена и економска сфера. Ние поволности немаме и се водиме рамноправни како и останатите. Како дел од Управниот Одбор на „One Can – Youth“ и активист ќе се потрудам да ја презентирам реалната слика и ситуација на самохраните и еднородителските семејства кај нас, како и унапредување на правата на децата и младите од овие видови семејни конструкции како и вложување и создавање законски акти корисни за овие категории на граѓани.

„Младите на Една може“ започнуваат со заедничко прашање и тоа: „Дали доколку имаме рамноправност имаме и еднаквост?“ „Рамноправност“ и „Еднаквост“, слични зборови, но разлина домашна „транскрипција“. Зошто различна? Сите млади уживаат права, но дали и сите млади уживаат еднакви принципи и идеали? Нашата држава од секогаш била таргетирана како земја која вложува во социјалната политика и социјалниот развој на граѓаните. Од секогаш на медиумите сме слушале за поддршка на самохраните и еднородителските семејства, но дали тоа во реалноста е така.

Во нормален сегмент, ние имаме некаква политика и за овие семејства. Но, таа е сосема недоволно развиена и законски мрежно неповрзана. Децата и младите од овие семејства речиси се изоставени од многубројни поволности што треба една држава да ги има, сочинува и тековно да ги унапредува. Овие млади немаат право на бесплатно образование (сепак плаќаат дел од партиципацијата за студирање на студинска програма, немаат право на бесплатен студенски дом, ниту пак на бесплатен студенстки оброк, превоз, книги и така натаму – има „бенефиции“, но тие се сосема мали и незабележителни во однос целокупниот потребен финансиски опстанок за овие категории на граѓани.

Понатаму, немаат право на бесплатно здравство (Иако се група на граѓани со ограничени парични средства, повторно се изоставени и ги плаќаат основните здравствени услиги), да не зборуваме за социјална политика – речиси скоро сите самохрани и еднородителски семејства се со необезбедено станбено прашање, а социјалните станови и државните објекти под закуп не се распределуваат по транспарентен пат, па некој за жал остануваат и понатаму без решение на овој животен проблем. Тука е и делот на стипендиите, пензииите или друг финансиски надоместок од државата.

Ние како институции немаме посебен износ каде се финансирани овие видови на млади (има огромни пропусти во самиот концепт на студентско финансирање и се надеваме на брзо решавање, се со цел зголемен студентски стандард). Во делот на семејна пензија од родител, се изоставуваат членови како на пример деца родени, но во меѓувреме едниот родител починува, а со тоа автоматски не е заведен како дете на починат родител и нема право на користење на оваа придобивка.

Овие претставуваат само дел од реалната слика за тоа со какви проблеми се соочуваат самохраните и еднородителските семејства и кои треба да бидат идните заложби на оваа држава, за да им се овозможи безбедна и сигурна иднина!

Во продолжение ова се визиите на дел од членовите од „Младите на Една може“, со кои заедно одлучивме ја да формираме подружница која на некој начин ќе биде симбол за слушање и допирање до државните и надлежните власти во врска со овој вид категорија на граѓани.

Елена Божиновска, Претседателка на ,,Младите на Една може”

,,Младите на Една може е основана со цел да се поттикнат институциите и широката јавност да размислуваат во насока на унапредување на правата на децата и младите од самохрани родители и еднородителски семејства. Мојата лична визија е ние да ги поттикнеме овие промени и нашатa подружница да застане во првите борбени редови и да се избори за она што ни припаѓа како на мене, така и на сите деца од еднородителски семејства. Да нема повеќе страв во нивните очи и да не се во сенка, туку храбро и достојно да ги водат битките во својот живот!”

„Пред се сакам да се заблагодарам на OneCanYouth што постои и ми нуди можност да помогнам и подржам.Целта со која се вклучив како член е заедно да одиме чекор напред за постигнување еднакви права за различни семејни конструкции.Како иден млад психолог сум тука да помогнам за менталниот здравје на овие децата и млади“- Ѕвезда Иванова.

„Одлуката да станам член во „Младите на Една Може“ – Скопје која што е подружница на Една Може е последица на мојата голема желба да имам свој придонес за обезбедувањето на можностите за родова еднаквост и остварувањето на права на девојки и жени. Со оглед на тоа дека ова е првичната дефиниција за целите на здружението Една Може , сметам дека сум на вистинското место, во кое што заедничкото залагање со останатите членови ќе донесе резултат“ Минеа Хасиќ.

„Задоволство ми е да бидам активна во Младите на Една Може бидејќи ние како подружница се залагаме за унапредување на правата на сите деца и млади на еднородителски семејства и самохрани родители. Главната причина поради која што се ангажирам во Младите на Една може се моите пријатели/ки кои потекнуваат од такво семејство, се со цел да се борам за нивните права“- Викторија Ѓеоргиевска.

„Главна мотивација за моето волонтирање во „One Can – Youth“ се моите пријатели и познаници коишто се деца и млади на самохрани мајки и еднородителски семејства. Нивните големи амбиции во животот и како се справуваат во секојдневието само повеќе ме мотивира да ги поддржам и заедно со нив да се борам за нивните права. Сакам да ја видам таа прекрасна насмевка на нивните лица со крената глава, бидејќи тие навистина го заслужуваат тоа“ – Данче Петрушевска.

Пишува: Станиша Станковиќ