[Став] доц. д-р Мира Беќар: Пофалба на ,,лудоста“ и на еколошката свест

Мира Беќар

Сите треба да изразиме огромна почит кон вас, луѓето од иницијативата Спас за Струмичката Котлина, кои за жал, некако бевте ставени на маргините со вашата борба, бидејќи се даваше приоритет на други европски и локални партиски битки. Од искуство знаеме дека не добивте поголема масовност заради генералната апатичност или недоволната свест во земјава за важноста на екологијата, пишува за Радио МОФ Мира Беќар,  доцент на Катедрата за англиски јазик и книжевност и член на „Го сакам Водно“.

Сакам да верувам дека сите сте запознаени со борбата против рудниците на смртта. И со неуморната посветеност на луѓето од иницијативата Спас за Струмичката Котлина и други одредени индивидуалци кои придонесоа кон оваа борба. Да, овој тип на отпор за одбрана на чистиот воздух, чистата храна и вода за сите нас, се случуваше во нашата земја, не во Германија, не во Франција, не во САД, туку во Иловица.

Оваа битка за зелена иднина е многу поважна од некои други моментални битки во државава кои се во центарот на сечие внимание. Последниве три години сме сведоци како една мала група луѓе од истокот на државава реши да одбрани една прекрасна котлина. И сведоци сме како постепената мобилизација се исплатеше – да се дојде до состојба кога владата ќе реши да го раскине договорот за концесија за рудникот со фирмата Еуромакс.

,,Иловичани“, Вашата борба инспирира. А во период кога земјава ни е во целосна конфузија, во секој сектор владе хаос, чистата и решителна мисла е неопходна. И тоа без насилство и без агресија, само со умна глава и внимателно следење на сите активности на фирмата Еуромакс Рисорсис и нивните превртливи игри, кои се типичен претставник на начинот на кој капиталот ја игнорира и се става над важноста на човечкиот живот.

Сите треба да изразиме огромна почит кон вас, луѓето од иницијативата Спас за Струмичката Котлина, кои за жал, некако бевте ставени на маргините со вашата борба, бидејќи се даваше приоритет на други европски и локални партиски битки. Од искуство знаеме дека не добивте поголема масовност заради генералната апатичност или недоволната свест во земјава за важноста на екологијата.

И заради оваа состојба Вашата важност како борци е огромна, а допрва ќе добива нови димензии. Вие сте групата на индивидуи која покрај превенирање деструкција на котлината во струмичкиот регион, започна ера на нова дебата за економскиот развој наспроти еколошката загуба. Дебата за материјалниот профит наспроти колективното здравје. Како член на граѓанската иницијатива ,,ГоСакамВодно“ знам колку е мачно да се бориш за оваа кауза во нашава земја.

Вашата ,,лудост’’ е за пофалба! Велат „историјата е само повторување, еден плагијат на друг. Многу работи се случуваат, а ништо не се менува“. Ја поврзувам пофалбата за вас со ,,Пофалба на лудоста“ на Еразмо Ротердамски кој ги обаработува бројните општествени проблеми од социјална природа, ги критикува владеачките ешалони, ја анализира религијата, улогата на црквата и друго. Тој ја анализира критички скоро секоја аномалија на едно општество. Еразмо гради сатира со критикување на декадентното општество, во кое мнозинството им дава значителна предност на глупоста, незнаењето, алчноста, униформираното размислување, во однос на мудроста и филозофијата.

Овој пат, ВИЕ, драги еко соборци покажувате дека историјата НЕ е само повторување, туку напротив, таа се гради, неуморно и посветено и можно е да се подигне свеста за аномалиите во едно бајаги ранливо општество.

Покажувате дека без никакви средства, партиска помош и силен државен апарат може да се извојува битка. Го натеравте државниот апарат да ве чуе. Се надеваме дека ги натеравте и сите еколошки активисти да размислуваат поинаку за улогата на сите монополни бизнис структури, да подразмислат како владините политики и регулативи се заглавуваат и себеси, а не заглавуваат и нас како граѓани, додека се обидуваат да им удоволат на големите компании кои ќе разорат, ќе уништат, ќе вработат неколкумина за мизерна плата во однос на ризикот на кој ќе бидат изложени, и потоа тајно ќе си заминат од земјава оставајќи ни еколошки пустош.

Има нешто многу посуштинско од ,,брзите интервенции“ за подобра иднина во насока на енергетска ефикасност и развиена индустрија, наметната од капиталистичкиот мајндсет. Не се работи за тоа дали некој рудник ќе работи поеколошки од друг (иако и тоа не е можно). Се работи за борба за спас на планетева. Светските одлучувачки сили, со договорот во Париз во 2015, се обврзаа да го намалат глобалното затоплување, се обврзаа да не дозволат зголемување над 1.5 степени Целзиусови, се обврзаа да се контролира емисијата на CO2 и до 2030 година мора да има намалување од 45% од вредностите кои беа алармантни во 2010 година.

Цивилизацијата е антропоцетрична и се занемарува природата но, повеќе е од јасно дека овој начин на живот води кон неизвесност и неодржливост во еколошка смисла. Заштитата на планетата Земја значи заштита на човештвото, а не може со сигурност да се потпреме на верувањето дека развојот на технологијата и зелената економија ќе ни обезбедат сигурен развој и опстанок поради се поголемите нееднаквости и економска алчност. Опстанокот е можен единствено преку трансформација која води кон еколошки и социјален баланс.

Со вашата активност против рудниците на смртта, почитувани еко-активисти, Вие сте чекор понапред од многумина на глобално ниво, чекор понапред сте со вербата во тој хармоничен однос помеѓу луѓето, како една од врстите на планетата Земја, и природата, и одлучно чекорите кон вистинската транформација која е контра фетишот за профит.

Веруваме дека вашиот пример ќе биде поттик за сите оние кои редовно се прашуваат ,,Која е цената на лагата и уништувањето на природата заради профит?“

СТОП ЗА РУДНИЦИТЕ НА СМРТТА!

НЕИЗМЕРНА БЛАГОДАРНОСТ и ПОДДРШКА!

доц. д-р Мира Беќар