[Став] До идните и сегашни средношколци: Размислете добро, свеста е најбитна кога се запишуваме на медицински смер

Како што знаеме, веќе оваа учебна година формално и процедурално се завршува. Пред три месеци нашата држава беше и сè уште е погодена од пандемијата на коронавирусот или COVID 19.

Како и сите сектори, така и образовниот процес продолжи да функционира на еден специфичен и досега некористен начин. Предавањата продолжија со далечинско учење или учење од дома. Поголем број на ученици, тоа го прифатија и се подготвија преку компјутерските уреди активно да учествуваат и одговараат на училишните часеви, задачи, тестови и испрашувања. Но, помал дел од учениците немааа никакви ИТ уреди и соодветен пристап до интернет при што Владата и Министерството за образование и наука по одредено време реагираа на проблемот, при што социјално – загрозени семејства, добија интернет ваучери и бесплатни таблети или лаптопи. Сите заедно, целиот просветен кадар, учениците, средношколците даваат напор и сопствена волја, оваа учебна година да биде завршена некако, со цел да не пропадне и учениците да не ја повторуваат учебната година.

Суштината на оваа колумна е прашањето колку учениците добија знаење од овој вид на предавање? Оценките, поголем дел се формирани од претходните добиени резултати, испрашувања, активност на час и слично, како и помал сегмент опфаќа од оваа онлајн настава или далечинско учење. Оценката е како оценка е само бројка и донекаде го докажува стекнатото знаење на ученикот. Но, дали од оваа онлајн настава учениците добија вистинско, прецисно и јасно знаење? Добиениот успех од овој вид на предавање ќе го видиме нешто покасно, а тоа ќе биде: дали во септември на училиште или за матурантите на ниво на избраниот факултет, или оние ученици кои ќе започнат со работа – знаењето и квалитетот ќе се види на пазарот на трудот.

Од една страна овој начин на предавање, беше спас за учебната година и поголем дел од училиштата истиот го спроведоа. Гимназиите и стручните училишта гледаа да дојдат до подобар и поуспешен пристап до учениците. Гимназиите речиси во целост тоа и го сторија. Средните стручни училишта теоретската настава ја спроведоа, но учениците целосно ја изоставија практичната настава и практичниот дел, кој е од огромно значење со оглед на вонредните услови за учење. Професорите по пракса работеа напорно средношколците да бидат повремено активни и да ги извршуваат училишните задачи по практичниот материјал. Но едно нешто е реално, праксата не е теорија! И затоа се нарекува пракса или практичен дел. Според мене праксата е најбитна и доведува до вистинските, реалните и целосните знаења и резултати.

Јас, како ученик во ОСМУ „Д-р Јован Калаузи“ во Битола, во смерот медицинска сестра/техничар, сметам дека практичниот дел преку онлајн настава се изведуваше одлично и прецизно. Во смисла, зависно до наставната единица и оној теоретски дел и термин коишто треба да се научи. Се увиде меѓусебна соработка и комуникација помеѓу професорите по практична настава и засегнатите ученици, во случајов средношколците во медицинските смерови. Праксата односно практичниот дел, до негово целосно и конструктивно одвивање не се спроведе заради настаната ситуација.

Ние сме идните медицински лица, а загуба од оваа пандемија добија сите, вклучително и ние. Може ние сме само деца, ученици кои ја сакаат медицината, а најмногу практичниот дел. Но, ние ќе бидеме и луѓето кои што ќе бидат во првите борбени линии во медицината. Оценката како оценка е формирана, но вистинското и реално знаење ќе го видиме токму тогаш, кога ќе застанеме во одбрана на некоја болест или вирус. Токму тогаш пропустот од праксата ќе се види. Но, се надевам дека како млад медицински кадар ќе имаме шанса да работиме повеќе во здравствените институции, со што ќе се стекнеме со искуство и дополнителен позитивен ефект.

Од една страна, ние останавме дома и го заштитивме сопственото, но и јавното здравје. Државата брзо реагираше и се подготви за вонредната ситуација и заразна болест. Но, од друга страна ние сме идни здравствени работници, ние сме тие кои утре, задутре, ќе застанеме во прв ред и ќе се бориме со модерните болести. Но, како? Испуштивме дел од настава, но доколку дадеме напор –  истото ќе го вратиме. Ќе треба многу време, простор и труд. Препорачувам, до идните и сегашни средношколци добро да размислат дека се во медицинските науки, медицината е голем ризик, пред се, лично за нив, понатаму за нивното семејство и население. Размислете добро, свеста е најбитна кога се запишуваме на медицински смер. Мора да дадеме се од себе, сите ние и професорите, учениците како и Министерството за образование и наука, како и Министерството за здравство – како и на кој начин ќе го надокнадиме изгубеното знаење? Дали од оваа ситуација ќе излеземе посилни и помотивирани да инвестираме во образованието, бидејќи сепак, едукацијата е важен столб на едно современо општество…

Пишува: Станиша Станковиќ, средношколец во ОСМУ „Д-р Јован Калаузи“ – Битола