[Став] Дали вашето дете треба да учи сеопфатно сексуално образование во училиште?

Пишува Ангела Илоска, апсолвент на Медицински факултет и врснички едукатор по ССО

Како здравствен работник и едукатор по ССО веќе четири години сметам дека поседувам кредибилитет при дискусија на оваа тема и можам да разјаснам одредени нејаснотии.

Сосема е разбирливо еден родител да се чувствува несигурно за детето да му ја изучува оваа тема кога насловот ви звучи контроверзно, но и кога некомпетентни лица кои никогаш не ја виделе содржината на курукулумот си даваат слобода да коментираат за истата, што е арогантно и дрско во најмала рака.

Доколку одредени индивидуалци ве навеле да мислите дека предаваме сексуални пози и кама сутра, жал ми е, но морам да ве разочарам…

Сеопфатно сексуално образование е програма која на училишните деца ги учи животни вештини од доменот на своето тело, својот идентитет и врските со останатите лица, весници, познаници и семејства. Оваа материја не е еднолична, туку е комплексна и напишана на начин кој е прилагоден на нивната возраст и служи да им понуди разјаснување на нивните недвоумици, намалување на анксиозноста и стресот и давање алатки за справување со секојдневните предизвици кои ги доживуваат.

Материјалот е напишан од здравствени професионалци и психолози- професори кои се докажале на професионално, но и морално и етичко ниво, а е инспириран од проблемите со кои се соочува едно дете на таа возраст.

Ќе се обидам да бидам најкратка што можам да ви понудам кратко сумирање на целите кои оваа програма треба да ги понуди на вашите деца:

– Компонента: Род
Да донесува одлуки за својата кариера и иднина базирани на своите желби и способности , не базирани на тоа дали е машко или женско.

Компонента: Врски и односи
Да научи дека врските со други лица се убави и му помагаат да се развива како индивидуа, но само доколку се втемелени на добра комуникација, доверба и разбирање. И да не потпаѓа под притисокот да влезе во сексуална врска поради тоа што другите го прават тоа, туку да разбере дека одлуката да се влезе во сексуална врска целосно зависи од него/ неа и дека има право да каже не, а неговиот/ нејзиниот партнер мора да ја почитува таа одлука.

– Компонента: Тело и слика за телото
Да се сака и да се прифаќа себеси и своето тело и да не потпаѓа под притисоците на општеството и наметнатите стандарди за тоа како *треба* да изгледа.

– Компонента: Сексуално и репродуктивно здравје и ХИВ
Да научи како да се заштити себеси од сексуално преносливи инфекции и да изгради позитивен став кон превенирање и навремено реагирање во врска со СПИ кое е многу важно во спречување посериозни последици во иднина.

-Компонента: Сексуалност
Да научи дека еднаш дадената согласност не важи секогаш и одлуката за сексуална активност се донесува доброволно и слободно, кога се чувствува доволно информиран/а и спремен/на, не кога ќе му налага партнерот.

– Компонента: Насилство
Да препознае врсничко и сексуално вознемирување и насилство во училиштето, каде да го пријави и како да се заштити. Да научи дека жртвата никогаш не е виновна за тоа што и се случило.

– Компонента: Граѓански аспекти
Да ги познава своите човекови права, меѓу кои и сексуалните и репродуктивни права и да ги почитува правата на другите лица, но и да се стекне со информации каде може да пријави прекршување на човековите права.

Материјалот постои и се развива веќе една деценија и е прилагоден на нивната возраст, направен од професионалци по сите стандарди на квалитетна настава, предаван од лица кои се темелно обучувани за соодветен пристап кон деца.

Резултатите кои се постигнуваат со него овозможуваат олеснување на транзицијата на децата во пубертет и од пубертет во адолесценција и им овозможува да бидат подобри, поинформирани млади мажи и жени во иднина.

Во секоја држава каде се воспоставила ССО настава се постигнало:
– Драстично намалување на стапката на абортус (особено нелегален абортус)
– Драстично намалување на стапката на СПИ и ХИВ
– Намалување на проблемите со стерилитет поврзани со нелекувани сексуално преносливи инфекции
– Намалена анксиозност и стрес на учениците и
– Намалување на стапката на сексуално и врсничко вознемирување поради
– Зголемената свесност и пријавување на сексуалното вознемирување и насилство.
Сега кога ги имате веродостојните податоци за кои гарантирам со мојата кариера..драги родители, што ќе одлучите..

Дали вашето дете треба да учи ССО во училиште?

Пишува: Ангела Илоска, апсолвент на Медицински факултет, отсек  Општа медицина
Врснички едукатор по ССО од 2017 година.